Интервјуа

Иванов: Со млада и амбициозна екипа jа градиме инфраструктурата на иднината

Паун Иванов | директор на групациjата Телелинк инфра сервисис

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2022г.

Господине Иванов, вие сте директор на групацијата Телелинк инфра сервисис. За почеток, кажете ни нешто повеќе за „личната карта“ на групацијата.

П. Иванов: Историјата на компанијата почнува во 2001 година кога во Софија, Бугарија, е создаден Телелинк. Компанијата е креирана наменски за да учествува во тој момент во изградбата на мрежата на вториот мобилен оператор во Бугарија. По завршувањето на тој прв проект продолживме со диверзификација на иницијалните активности, додавајќи експертиза во ИКТ системската интеграција, паметни системи за безбедност, автоматизација и енергетска ефикасност на згради, решенија во склоп на концептот за паметни градови. Од 2005 година, компанијата почна да се шири и географски со отворање на канцеларии во соседните земји на Балканот.
Компанијата продолжи да расте и да додава експертиза во различни технологии за во 2017 година да се дојде до ситуација во која разбравме дека имаме премногу широк фокус – всушност сме го изгубиле својот фокус. Тогаш логично се дојде до одлуката за преструктурирање на компанијата и одвојување на различните бизнис-полиња во посебни компании. Така беа креирани Телелинк бизнис сервисис (ТБС), Телелинк инфра сервисис (ТИС), Телелинк сити и Телелинк лабс (Telelink Business Services (TBS), Telelink Infra Services (TIS), Telelink City, Telelink Labs). На македонскиот пазар денес присуствуваме со компании претставници на ТБС и на ТИС групациите. Во моментот јас сум директор на групацијата ТИС и ја застапувам во петте земји во кои сме присутни и имаме преку 500 вработени – Бугарија, Македонија, Германија, Обединетото Кралство и Албанија.
Тоа со што се идентификуваме како групација се иновациите и интелигентните технологии. Сме специјализирани во специфични и високотехнолошки проекти со голема додадена вредност на инженерската имплементација. Имаме огромно искуство со завршени голем број препознатливи проекти поврзани со заштита на државни објекти и критична инфраструктура – морски пристаништа, аеродроми, државни граници и други. Одржуваме и градиме инфраструктура на едни од најголемите телеком оператори во Европа .

Со оглед на тоа што групацијата Телелинк има бизнис-активности на различни пазари, кои се предизвиците со кои се соочувате? Што е она што е заедничко за различните пазари, а што е она што е специфично по земји или региони?

П. Иванов: Во сите држави во кои сме присутни, смеам да се пофалам, веќе сме познато име на пазарот и посакуван работодавец, а нашата грижа и лојалност спрема клиентите и вработените нè донесе до оваа позиција.
Пазарите на кои присуствуваме се динамични и секој си има свои особини. Дефинитивно постои голема разлика меѓу предизвиците со кои се соочуваме во Западна Европа во однос на пазарите на Балканот. Разликата доаѓа претежно од потребата за адаптација спрема една многу различна од нашата култура, многу различна регулација, а и многу поголеми волумени и стандарди на работа. Постои голема разлика во стадиумот на развој на телеком инфраструктурата меѓу Англија и Германија, од една страна и Бугарија и Македонија, од друга. Некој може и да се изненади од фактот дека ние на Балканот сме со многу поразвиена и квалитетна телеком услуга, но тоа е вистина. Задоцнетиот старт на Балканот во инвестиција во дигитални комуникации реално ни овозможи да прерипаме еден чекор во развојот на технологиите и од аналогни мрежи и модеми, условно кажано, ние директно почнавме да градиме широкопојасна инфраструктура (broadband) кога во Европа активно се користеше ДСЛ-технологија која беше неисплатливо да се замени веднаш со нова технологија.
Од таа причина западните земји имаат ставено цврст фокус на развојот на телеком инфраструктурата и во неа се вложуваат огромни приватни и државни средства. Целиот пазар на кој оперираме во Европа во моментот се карактеризира со потреба од брза изградба и имплементација на инфраструктура која бара и ангажираност на броен човечки ресурс. Нормално, потребата од ресурс во тие побогати европски пазари се одразува и на ситуацијата на Балканот бидејќи понискиот стандард на плати и живот тука креира услови за активна економска миграција на која сме сведоци во последниве 10 до 15 години. Тоа што може целосно да заклучиме е дека во сите пазари на кои сме активни во моментот најсериозен проблем со кој се соочуваме е недостигот на работна сила и квалификуван човечки ресурс.

Во рамките на групацијата работи и компанијата во земјава. Кои се клучните податоци за нејзиното работење, колку време постои, колку вработени има, какви резултати постигнува?

П. Иванов: Во 2007 година ја имав шансата и честа да ја креирам компанијата Телелинк МК во Скопје која, во овој момент, доби договор за градба на инфраструктурата на третиот мобилен оператор во Македонија. Денес, 15 години подоцна, имаме преку 80 вработени и лојална екипа, добар дел од неа е со нас од самиот почеток, голем број на успешно завршени проекти со голема видливост и значење. Во услови на макроекономски предизвици, политичка нестабилност, а и во последниве години и на светска пандемија, компанијата одржуваше постојан пораст и развој на екипата. Не би сакал да коментирам конкретни бројки, но тоа што е неспорно е дека имаме амбиција и желба да продолжиме да ја развиваме компанијата на македонскиот пазар и да креираме референци со кои да се гордееме.

Кои се проектите со кои најмногу се гордеете, а кои се реализирани тука или во странство преку компанијата од земјава?

П. Иванов: За времето на постоење на македонскиот пазар имавме чест да бидеме дел од голем број значајни проекти за државата и општеството.
Еден од најголемите проекти во кои учествувавме успешно во Македонија и кој заслужува посебна пофалба е проектот Скопје ист гејт. Во услови на тешка економска криза и незапаметена пандемија ни беше доверено да ги извршиме сите електрични инсталации на најголемиот трговски центар во државата. Во склоп на проектот имавме да инсталираме и интегрираме во целосен систем 12 посебни интелигентни системи за безбедност и управување на светла, климатизација и управување на други основни потрошувачи на електрична енергија.
Бидејќи Телелинк МК беше креиран иницијално да работи во телеком секторот, денес ги сервисираме мрежите на двата постоечки оператори.
Ние бевме систем интеграторот на безбедносните системи на аеродромите во Скопје и Охрид. Бевме компанија коjа jа инсталираше првата соларната електрана во Македонија со капацитет за производство од еден мегават на саат. Учествувавме во реализацијата на големи странски инвестиции во слободните зони на Скопје, Битола и Велес, во фабриките на Кемет електроникс, проширувањето на Џонсон Мети (Johnson Mattey), на Кромберг и Шуберт (Kromberg&Schubert) и на Марквард (Marquardt).
Мора да се спомне тука дека со екипа од тројца инженери од Македонија завршивме мега проект во градот Џеда во Саудиска Арабија. Во тој проект мораше да изведеме целосен систем за детекција за пожар во фабрика за производство на електрични материјали на простор од половина милион квадратни метри. Проектот беше огромен технолошки предизвик, вонреден успех и фантастична референца за нашата екипа.

Ова се сериозни проекти што бараат значаен инпут од високостручен инженерски кадар. Имате ли таков кадар од земјава?

П. Иванов: Би сакал посебно да искажам голема благодарност до нашата екипа од стручњаци и врвни експерти без кои ќе беше невозможно да ги завршиме успешно проектите по кои станавме познати во државата, а и далеку надвор од нејзините граници.
Имаме млада и амбициозна екипа која ја градиме во сите години на нашето постоење и вложуваме во нејзиниот развој без застанување. Денес имаме вработени преку 25 инженери и архитекти и уште голем број експерти со високо образование и специфични квалификации. Поголемиот дел од нив имаат стекнато професионална лиценца за времето на нивното работење кај нас. За повеќето од нив Телелинк бил или прво или второ работно место. Се гордеам на тие факти и давам ветување до сите нив преку страниците на вашиот магазин дека нема да престанеме да инвестираме во нив и ќе им обезбедиме предизвици соодветни на нивната амбиција и знаење.

Компанијата Телелинк инфра сервисис, на чие чело сте, е бугарска компанија. Во оваа прилика не разговараме за политички теми, прилично се бурни политичките односи меѓу нашите две земји во последно време. Разговараме за економски прашања, за можностите за економска соработка. Според вашите сознанија, како гледаат генерално бугарските компании на можноста за соработка со македонските компании?

П. Иванов: Искрено кажано македонскиот пазар не е доволно познат на бугарскиот бизнис, иако географски сме непосредни соседи. Историски гледано – сосема очигледни се причините македонскиот и бугарскиот бизнис да бидат сосема одвоени.
До пред 30 години како дел од Југославија, македонскиот бизнис имаше приоритети наложувани од државата која го развиваше (Југославија), кои не стимулираа трговија со Бугарија, а бугарската економија беше целосно потчинета на планирањето на производството во однос на потребите на Советот за меѓусебна економска помош. Врзана со тоталното одрекување на какви било економски односи меѓу Бугарија и Македонија, во тој период е и политиката за запоставување на инфрастуктурата за поврзување на државите – не се изградија ниту добар и брз пат ниту железница.
Во наредниот период на осамостојување и економско стабилизирање на двете држави во условите на демократија, од двете страни на границата течеа слични економски процеси – приватизација на државни капацитети и развој на приватната иницијатива. Ова беше периодот на креирање на капитал и преструктурирање на бизнисите во склоп на новата реалност. Во тој период, новокреираната бизнис-класа се потпираше претежно на познатите и постоечки пазари, што поново не стимулираше размена на производи меѓу нашите земји. Потешкотии создавање недовербата меѓу нас како соседи, што беше креирана во служба на државните и политичките интереси и на едната и на другата земја во периодот до 1990 година.
Тоа што мене лично ме радува е дека во последниве неколку години, иако сè уште процесот не се одвива непречено, сè повеќе производи (претежно од прехранбената индустрија) од Македонија се пласираат на бугарскиот пазар, а бугарскиот бизнис почнува да инвестира во создавање на македонски подружници.
Се надевам дека овој процес ќе биде одржлив особено со оглед на фактот што Македонија допрва ја очекува добивање на членство во ЕУ, бугарскиот бизнис и искуството стекнато во тој процес што кај нас веќе заврши ќе бидат во корист на македонската економија.

Како можат да се подобрат бизнис-релациите со Бугарија? Веројатно инфраструктурното поврзување е една од очигледните области. Поврзувањето по воздушен пат, со авионска линија меѓу Софија и Скопје, очигледно беше од краток здив затоа што, очекувано, не можеше да го издржи тестот на економската рационалност. Што треба да биде приоритет? Автопат, добра железничка линија?

П. Иванов: Дефинитивно верувам дека авионскиот транспорт е нерационален и не е одржлив за поврзување на нашите две земји, а дури мислам дека не е решение воопшто за релациите на Балканот. Не беше изненадување за никого тоа што кратко траеше оваа иницијатива. Мислам дека ова беше направено повеќе да се демонстрира волја за брза промена во односите меѓу Бугарија и Македонија отколку верување дека може да биде долгорочно решение.
Мое лично убедување е дека железница и добар автопат задолжително треба да бидат изведени што побрзо меѓу Софија и Скопје. Не или – и едното и другото.
Секако, долгорочно очекувам железницата да биде таа што ќе ги промени реално можностите за патување и транспорт меѓу нашите земји. Замислете – седнувате во комотен воз и за 2 часа, во кои поминувате и граница, да можете да идете на кафе во Софија. Секоја денешна железница се планира за патување со најмалку 160 км/ч така што 2 часа патување до Софија не е сон или фантазија. Јас лично одма се откажувам од автомобилот – секако здосадено ми е од сите часови поминати во возење во последниве 15 години по оваа релација.
Тоа што исто вреди да се спомне тука е дека со поврзувањето на македонската железница со бугарската железничка инфраструктура на Македонија ѝ се овозможува брз и евтин пристап до пристаништата на Бугарија на Црно Море и на Дунав. Доколку се започнеше градењето на железницата во правец од Деве Баир спрема Крива Паланка, Куманово и Скопје, верувам дека уште во наредните две години ќе можеше да имаме завршен железнички пат од Крива Паланка до Бугарија бидејќи бугарската железница веќе е донесена до граница.
Изгледа дека во моментот тој Коридор 8 (од Деве Баир до Ќафасан) конечно е ставен во приоритетите на Македонија. Требаше и можеше да биде изведен порационално за да се дојде до побрз екеономски ефект. Секако ме радува дека конечно се работи конкретно во тој правец.

Генерално, евроинтеграцискиот пат на земјите кандидатки до полноправно членство во ЕУ временски не е краток. Има ли нешто што можеме да направиме во овој период, како бизнис-потег, што би го зацврстило македонското поврзување со ЕУ, а истовремено би било соодветно помогнато од Унијата?

П. Иванов: Точно е дека патот до затворањето на преговорите со Европската Унија е долг и тежок. Секако, ова ќе биде возбудлив период на градење на нова иднина, на нови и постабилни основи на државата.
Интересно би било да се види како би била прифатена Македонија во друштвото на голем број здрави економии и секако би било битно иницијалното поставување во ова друштво.
Европа во моментот има да решава сериозни прашања поврзани со создавањето на стабилна и одржлива економија во услови на тешка енергетска криза, нарушени односи со Русија, демографска криза, недостиг на работна рака и акомодирање на емигранти од Азија и Африка.
Интересно би било да се види дали Македонија би можела да помогне во решавањето на дел од овие проблеми.
На што мислам? Дали Македонија би можела да послужи како центар за адаптација и обука на емигранти со цел нивно остручнување и безболно внесување во економиите на Европа?
Една од опциите за Македонија би била преку европско финансирање да изгради центри за акомодација на емигранти во дел од градовите на државата, кои во моментот ги напуштаат државите бидејќи не им се овозможува работа и реализација.
Да се побара од државите од Унијата стручна помош и поддршка преку наставници по јазици и професионални едукатори. Секоја од државите што би била заинтересирана да внесе во својата економија свежа работна сила, соодветно подготвена за живот во нивната култура и со познавање на нивниот јазик, да може да учествува со финансирање и едукатори. На тој начин за неколку месеци легално пријавените емигранти ќе можат да го добијат потребното ниво на владеење на јазик и соодветна професионална подготовка согласно прописите и стандардите на соодветната земја реципиент.
Настапувајќи на таков начин, Македонија би имала можност да добие сериозни инвестиции во својата економија, да отвори голем број нови работни места за сервисирањето на таквите центри и да адресира истовремено два горливи проблема за Европа – незаконската емиграција и недостигот на работна рака.

Да се осврнеме и на иднината. Кои се трендовите во сферата на вашиот бизнис на локално, регионално и европско ниво? Во тој контекст, какви се плановите на Телелинк инфра сервисис за иднината?

П. Иванов: Почнувајќи со телеком-бизнисот, мислам дека трендовите се јасни. Сè ќе биде потчинето на брза изградба на 5Г во мобилните телеком мрежи и оптика во кабелските мрежи. Најефективното управување на човечкиот ресурс и дигитализацијата на работните процеси се тоа што за нас би било предизвик во конкуренција на сличните фирми на нас. Со преструктурирањето на нашите внатрешни процеси и развојот на специјализирани дигитални алатки, верувам дека сме на добар пат да одговориме на предизвиците.
На полето на паметните згради, стремежот на сите инвеститори ќе биде енергетска ефикасност и максимален комфор и безбедност на зградите. Верувам дека според сите референци кои ги стекнавме и со младата и способна екипа што ја имаме ние сме доволно спремни да одговориме на предизвиците и на потребите на нашите потенцијални клиенти.

Вие веќе долго време поминувате дел од животот во Скопје. Што е она што најмногу ви се допаѓа во градот и што е она што би требало да се подобри?

П. Иванов: Искрено кажано, од првото мое доаѓање во Скопје јас се вљубив во градот. Се вљубив во мирниот и регулиран живот во еден пријатен амбиент и нова за мене, многу гостопримлива култура. Во 15-те години на моето присуство се смени значајно ликот на градот и во обидот да се дојде до едно ново посовремено лице се дојде до губење на шармот на малиот град.
Верувам дека не се потребни големи промени за да се подобри значајно квалитетот на живот во градот и да се гордееме со Скопје. Задолжителни се промените поврзани со подобрување на квалитетот на воздухот и подобрувањето на јавниот сообраќај. Современите технологии дефинитивно би биле од корист при решавањето на овие проблеми и примерот на градовите од соседните земји би бил од голема помош.
Имаме едно прекрасно Скопје – да му се радуваме и да се вклучиме сите во неговото разубавување и чување.

Ви благодарам за интервјуто.

П. Иванов: Ми беше чест. Благодарам и јас.


 

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО