Интервјуа

Цветинов: Грижата за заедницата е дел од корпоративната култура на сите вработени во „Нептун“

Горан Цветинов

Генерален директор на „Нептун Македонија“

„Нептун“ е добропознат бренд во малопродажбата на бела техника, апарати за домаќинството и електроника. Но, компанијата периодов е многу актуелна со нов општествено-одговорен проект за поддршка на СОС Детско село. Може ли подетално да ни објасните за каков проект станува збор?

Г. Цветинов: Соработката на „Нептун“ со СОС Детско село трае подолго време и опфаќа серија хуманитарни активности кои се дел од нашата стратешка определба како општествено одговорна компанија бидејќи сметаме дека децата и младите се наша иднина. Една од активностите кои се планирани во следниов период е донаторска кампања со која „Нептун“ им додава „хуманитарна вредност“ на своите производи така што издвојуваме дел од нашиот профит како поддршка за реализација на дел од активностите на СОС Детско село.

Колку е изводливо спроведувањето на вакви хуманитарни проекти во време кога бизнисот и граѓаните се соочуваат со глобална економска криза? Дали кризните услови значително влијаат врз успешноста на донаторските акции?

Г. Цветинов: Грижата за заедницата е дел од корпоративната култура на сите вработени во „Нептун“, но со оваа кампања нашата цел е да одиме чекор понатаму. Сакаме да ги вклучиме и нашите потрошувачи, односно да им пратиме порака дека со купување на овие „хуманитарни“ производи од „Нептун“ и тие индиректно донираат и учествуваат во поддршката на најранливите – децата без родителска грижа. Во оваа кампања ќе „делиме гратис насмевки“, ќе наплаќаме „0 % камата на детската радост“ и ќе даваме неверојатен „попуст на љубов, грижа и внимание“. Како стратешки партнер на СОС Детско село сметаме дека грижата за децата и младите во социјален ризик треба да биде дел од културата на живеење на целата заедница и дека треба да ги поттикнеме сите што се во можност да се вклучат во активностите за нивна поддршка. Помагајќи им на децата без родители и родителска грижа, за возврат добиваме огромно емотивно задоволство дека на овие деца сме им овозможиле еднакви можности како и на другите деца кои ја имаат таа среќа да растат во стабилни семејства. Ниедна економска криза не може да го уништи тоа задоволство.

Кризата предизвикана од ковид-19, од економските, но и од политичките случувања во светот ги погодува речиси сите бизниси. Како таа се одразува врз малопродажниот бизнис на бела техника и електроника во земјава?

Г. Цветинов: На почетокот на пандемијата целосните затворања и ограничувањето на движењето, дополнети со стравот и неизвесноста, силно влијаеја врз сите малопродажни бизниси. Но, како што поминуваше времето, ситуацијата се стабилизираше, повеќето компании брзо се прилагодија на новите услови, а голем дел воведоа иновации во работењето со кои ги вратија старите и привлекоа нови потрошувачи. Пандемијата и економската криза всушност ги сменија навиките на потрошувачите, а нас како компании нѐ поттикнаа да ги развиваме постоечките можности и да создаваме нови. Од почетокот на пандемијата, па досега „Нептун“ бележи огромен раст на онлајн продажбата, ситуација што ја очекувавме и за која веќе бевме добро системски подготвени. Изминативе години интензивно работевме на развој и унапредување на платформата за онлајн продажба бидејќи во таа насока се движат светските трендови. Луѓето имаат динамичен стил на живот и сакаат повеќето активности да ги завршат преку компјутер или телефон, брзо, едноставно, но и квалитетно. Нашата платформа за е-продажба им го нуди истото искуство како и во секој продажен салон на „Нептун“, со истите бенефити и поволности. Дополнително, на располагање секогаш го имаат висококвалификуваниот професионален тим од Центарот за корисничка поддршка кој во секој момент е подготвен да им помогне и да го олесни купувањето.

Ги спомнавте иновациите во работењето. Какви се светските трендови во малопродажбата на бела техника и електроника?

Г. Цветинов: Како компанија која е лидер на пазарот, со најголема малопродажна и дистрибутивна мрежа на електроника, постојано ги следиме светските трендови и ги применуваме во начинот на нашето работење. Генералниот тренд, кој е општ за целата малопродажба, е развојот на онлајн купувањето кое зазема сѐ поголем удел во вкупниот обем на продажба. Овој тренд повлекува воведување нови технологии и иновации кои ја олеснуваат е-трговијата, како и развој на апликации и платформи кои овозможуваат врвно корисничко искуство. Новите технологии се присутни и на продажните места така што и нашите потрошувачи во продавниците може да ги почувствуваат бенефитите од интерактивните паметни дисплеи преку кои може да ги добијат сите потребни информации. Изложувањето на производите во салоните е уште едно поле каде што се воведуваат најразлични иновации кои ние ги применивме во новиот репрезентативен продажен салон во Ист гејт мол кој нуди поразлично купувачко искуство. Покрај технолошките иновации, малопродажбата во светот се концентрира и на дополнителни услуги кои нудат одредена додадена вредност. Следејќи го тој начин на работа, ние воведовме нови услуги за инстантно финансирање, дополнително осигурување на производите, различни начини на испорака кои се прилагодени на потребите на потрошувачите и многу други бенефиции.

Неодамна организиравте корпорациски настан на кој ја презентиравте петгодишната стратегија на „Нептун“. Каде се насочени плановите на компанијата во следниве пет години?

Г. Цветинов: Корпорацискиот настан Reinvented беше навистина уникатен начин за да ги презентираме досегашните достигнувања и идните планови пред вработените и стратешките партнери. Мотивациски говорник на овој настан беше селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, човекот кој го водеше тимот до историската победа против Италија и беше само на чекор до квалификација на Светското првенство. Селекторот ги сподели неговите искуства за значењето на тимот, тимската работа и вложувањето на секој поединец во успешноста на крајниот резултат. Неговата филозофија на работење се поклопува со корпоративната култура што ја негуваме во „Нептун“, а тоа е дека успесите зависат од залагањата на целиот тим. А за да може тимот максимално да се залага, ние треба да вложуваме во неговото задоволство, раст и развој. Плановите на компанијата се насочени кон негување, развој и унапредување на потенцијалот на вработените кои се движечката сила на „Нептун“. Во поглед на бизнис-активностите, покрај целите за зголемување на пазарниот удел, во план е и модернизирање на дел од продажните локации, воведување дополнителни иновативни технологии во процесот на работење, формирање академија за продажба и други новитети со кои на купувачите ќе им овозможиме врвно искуство. Се разбира, приоритет остануваат и многубројните општествено-одговорни проекти преку кои ѝ се оддолжуваме на заедницата за нејзината поддршка и лојалност сите овие години.

Ви благодариме на интервјуто.


(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО