Интервјуа

Ивановски: Корупцијата е пречка и за екологијата

Филип Ивановски

Извршен директор на ПАКОМАК ДОО Скопје

Пакомак е единствена компанија во која како основачи се компании кои меѓусебе се најголемите конкуренти и сите имаат еднаков удел. Пелистерка, Ладна, Кожувчанка и Горска се обединети во Пакомак, скопската и прилепската пиварница, Тиквеш и Стоби... Како Пакомак успеа да ги направи партнери наместо лути конкуренти?

Ф. Ивановски: Убаво забележавте, Пакомак е основан од компании кои сочинуваат над 80% од пазарот на пакувани води и вино, над 90% од пазарот на пиво и над 70% од пазарот на сокови и масло за јадење. Ако се земе в предвид дека освен овие 11 основачи, во Пакомак се членови и над 600 други компании од земјава кои создаваат над 42% од вкупниот амбалажен отпад во Македонија, може да се каже дека ние сме еден вид мала стопанска комора за одредени индустрии.
На почеток не беше лесно да се насочат кон иста цел сите овие компании кои се меѓусебе конкуренти, но со отворена комуникација, транспарентно работење и градење доверба, успеавме да изградиме реалации на фер и избалансиран однос со сите нив, не само со основачите на Пакомак.

Дали сте задоволни од постигнатото во изминативе 11 години? Можеше ли повеќе?

Ф. Ивановски: Изминативе години направивме многу работи на кои сме горди, но секако има работи кои можевме да ги направиме подобро или не сме задоволни како ги завршивме. За дел од тоа што не го направивме како што сакавме сме одговорни ние, но за добар дел причина е и контекстот што го креираа институциите во одредени периоди.
Веројатно најголем дел од граѓаните не знаат дека сите овие години паралелно постојат уште 3-4 компании како Пакомак со исти цели и одговорности пред државата, но ние сме единствени кои имаме поставено сериозна инфраструктура за селекција на отпад од пакување. Само во последните 6 години сме поставиле над 3.200 различни контејнери од 1-2,5м3 и над 12.000 канти од 120 лит. за селекција на отпад од пакување во над 40 општини во Македонија каде живее над 70% од населението. За илустрација, низ целава земја има вкупно околу 10.000 контејнери од 1,1м3 за комунален смет, што значи сме ја зголемиле инфраструктурата за собирање на отпад за над 30%!
Посебно сме горди што низ системот за собирање стакло кој во 2016 го започна, разви и финансира Пакомак, собираме над 5.000 тони стаклена амбалажа годишно што е речиси 30% од вкупната стаклена амбалажа што се пушта на пазарот во Македонија! Собираме стаклени шишиња од над 1000 кафулиња, хотели и ресторани низ земјава!
Како членка на двете најголеми европски асоцијации за управување со амбалажен отпад, одговорно тврдам дека Пакомак има постигнато подобри резулатати од многу земји во регионот и ЕУ, со значително помалку финансии од нив!

Дали државата прави доволно да стане селекцијата на отпадот секојдневие во нашите животи? Колку финансии се потребни да ги затвориме сите еколошки прашања поврзани со отпадот?

Ф. Ивановски: Во 2011 година кога почнавме со работа, Пакомак во својот систем собра околу 6.900 тони различен отпад од пакување, претежно хартија. Тогаш стапката на рециклирање на нашиот систем беше 12,8% во однос на тоа колку компаниите пријавиле дека пуштиле амбалажен отпад на пазарот.
Во 2019, 2020 и 2021 просечно собираме околу 25.000 тони отпад од пакување и имаме стапка на рециклирање од 55-60% во однос на пуштениот отпад од пакување од компаниите кои се наши членки. Радува што освен рециклирање на хартијата, расте собирањето и рециклирањето на пластиката, стаклото и алуминиумските лименки.
Во следниот период ќе се фокусираме на овие 3 фракции. Со поставување на повратните вендинг машини во многу поголем број до 2025, очекуваме да ги достигнеме амбициозните национални цели кои се поставени пред нас. Нашите планови предвидуваат поставување над 400 повратни машини низ земјава, во кои граѓаните ќе може да ги рециклираат нивните пластични шишиња и лименки и за тоа да добиваат „зелени“ поени. Веќе работиме на подобрување на постојните повратни машини и креирање модел кој ќе ги рециклира шишињата и лименките побрзо, но и ќе ги процесира трансакциите кон граѓаните многу поточно и навремено.
Што се однесува до потребните финансии, според одредени анализи и експертски дискусии, во Македонија би се затвориле сите прашања повразни со отпадот со околу 500 мил. евра. Иако на прв поглед изгледа многу, тоа е разумно со оглед на централниот буџет на Македонија кој изнесува 4-4,5 милијарди евра годишно, плус буџетот на општините.


Иако од наведените 500 мил. евра, барем 30% може да се обезбедат како грантови или поволни кредити, не е невозможно таа сума да се финансиира и од сопствениот буџет на државата! Имено, слушаме со години проценки дека со коруптивни активности најмалку 20% од буџетот оди во други текови, а не за тоа за што е наменет. Тоа значи дека од Македонија корупцијата“ јаде“ најмалку 900 мил-1 милијарда евра годишно! Годишно!
Замислете кога некоја од нашите Влади би успеала да ја намали корупцијата за половина!!! Тоа би значело 500 мил. евра екстра пари за инвестиции секоја година! Во една година со сопствени средства ќе го финансираме управувањето со отпадот, во втората година со 500 мил. евра би го финансирале Чебрен и енергетскиот сектор, со третите 500 мил. би ги изградиле сите автопатишта, четвртата година сите потребни училишта и градинки... Во само два мандата, Владата која ќе ја преполови корупцијата ќе ја направи Македонија прекрасно место за живеење и еколошка држава!

Напоменавте дека во Пакомак својот отпад од пакување го пријавуваат над 600 компании-членки во неговиот систем. Колку вкупно компании се вклучени во другите системи и колку всушност компании во Македонија би требало да се дел од компанија како Пакомак и да финансираат селекција и рециклирање на амбалажниот отпад од нивните производи кои ги пуштаат на пазарот?

Ф. Ивановски: За жал, 35-40% од амбалажниот отпад кој се создава во Македонија е од компании кои не плаќаат никаде за селекција и собирање на нивниот амбалажен отпад. Тоа е над 1,5 мил. евра помалку секоја година во системите како Пакомак, а за буџетот неколку пати повеќекратна штета. Пакомак со ова се бори од самиот почеток на формирањето и апелира пред се до инспекциите да ги стават во законска рамка овие компании. Тоа и не е така тешко ако се има волја да се направи, особено што сега постојат законски предуслови за тоа.
Контрадикторно е кога некој како директор или сопственик на компанија не сака или ескивира да плаќа за отпадот кој го создава со работењето на неговата компанија, а потоа таа иста личност, сега како граѓанин, најгласна е во барањата за почиста животна средина и се жали на институциите!? Кога секој директор ќе размислува како општествено одговорен граѓанин кој си ја сака земјата и природата во неа, тогаш ќе ја немаме и оваа појава на евазија на давачките за екологија.
Но, и ние како граѓани треба да сфатиме дека модерното управување со отпад не е ефтино, најмалку бесплатно! Не е реално за сметка од 150-300 денари по дом, да се очекува собирање и третман на отпадот како во Шведска или Германија. Градоначалниците не треба да се водат по краткорочни популистички планови за отпадот и да се плашат да ја зголемат цената на комуналните услуги во своите општини. Просечните сегашни цени за собирање на отпад треба да се зголемат најмалку за 50%, односно за 100-150 денари по семејство месечно. Тоа е откажување од едно или две испиени кафиња во кафуле! И сигурен сум дека граѓаните нема да се бунат ако од тие пари видат нови контејнери на своите улици, нови камиони, добијат подобра услуга, редовно собирање на отпадот и почиста околина. Но, секако ќе се бунат за повисоките сметки ако тие екстра пари се користат за непродуктивни партиски вработувања во јавните комунални претпријатија. Регионалниот пристап во управувањето со отпад е добро решение и градоначалниците треба да го поддржат без политички калкулации.

Како ја гледате Македонија во справување со отпадот во следните 10 години? Што е пресудно за да се трансформираме во еко-држава со која ќе се гордееме?

Ф. Ивановски: Македонија е една од најубавите места за живеење! Имаме низини и планини, реки и езера, за 2-3 часа возење со автомобил имаме излез на топли мориња и снежни планини за скијање. Имаме храна која е домашно одгледана и со вкус, четири годишни времиња, многу сонце и многу снег! Она што ни недостига е свесност за тоа што го имаме како убавина и да почнеме тоа да го цениме!
Треба да има доволно контејнери за селекција на отпадот на улиците, барем по еден сет од зелен, син и жолт контејнер на 1000 жители! Сите што сакаат да селектираат отпад и рециклираат, треба да имаат можност тоа да го прават во близина на своите домови или на работа.
Последното истражување од 2020 година покажа дека 23% од граѓаните секогаш или често го селектираат отпадот од пакување, но уште 22% тоа го прават понекогаш кога имаат можност за тоа, што значи веќе 45% од нив имаат навики за селекција на отпадот. Овој процент беше 22% во 2015 и горди сме дека и Пакомак има удел во овој раст на еколошката свест кај граѓаните! Сметаме дека кога овој процент ќе биде над 55%, драстично ќе се промени сликата во однос на отпадот, а со тоа и екологијата генерално. И тој момент не е далеку, верувам дека за неколку години ќе ја поминеме таа точка на пресврт.
Сепак, сметам дека е пресудно да се врати довербата во институциите, да се вратат вредностите во општеството, да се грижиме за животната средина. Денешните иселувања не се исклучиво од економски причини. Младите си одат и за да добијат подобро образование за себе и своите деца, почист воздух и вода, подобро здравство, побезбедна држава и владеење на правото, независно кој сте и дали сте член на некоја партија. Дигитализацијата значи помалку субјективизам од државната администрација и е пресудна во враќањето на таа доверба, пресудна за намалување на корупцијата, а со тоа и за вистинско градење еколошка држава!


 Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, април 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО