Интервјуа

Продолжуваме да носиме европски практики

Интервју со Катерина Бошевска, генералeн директор на ЕОЅ Матрих и Владислав Хаџидинев, извршен директор и член на УО на УНИ Банка

Нов модел за управување со нефункционални пласмани

Интервју со Катерина Бошевска, генералeн директор на ЕОЅ Матрих и Владислав Хаџидинев, извршен директор и член на УО на УНИ Банка, кои разговараат со нас за нивната успешна соработка во сегментот пренос на побарувања што резултираше со имплементација на еден нов модел за управување со нефункционални пласмани за нашиот банкарски пазар, прв од таков вид пренос на побарувања во банкарскиот сектор во земјава познат како редовен или „револвинг“ пренос на побарувања. 


Финансиската година 2021 сè уште беше под доминација на глобалната пандемија ковид-19 која донесе неочекувана нестабилност, особено на регионалните пазари и бројни пречки за секојдневното работење. Сепак, и покрај ова, како менаџери на меѓународни брендови успешно се соочивте со кризата и успеавте да ги одржите стабилни и сигурни. Какво искуство донесе 2021 година за вас и за компанијата, односно банката која ја претставувате?

К. Бошевска, ЕОЅ Матрих: Претходната година носеше предизвици главно создадени под сенката на здравствената криза. Сите моравме навремено да ги процениме можните ефекти од тие предизвици и да дејствуваме соодветно. Како компанија ние одговоривме со еден структурен и аналитички пристап, а како негов резултат е што во корен се смени нашата систематизација. Продолживме со она што го започнавме години наназад, процесот на трансформација, во кој најнапред ни стана јасно дека мораме да се реорганизираме, да го промениме начинот на размислување кога станува збор за водење на нашиот бизнис. Како резултат постигнат е голем напредок, особено во областа на корпоративната култура и дигиталната трансформација каде што имаме веќе неколку успешни проекти зад себе. Она што сакаме да го покажеме со овој пристап е дека никогаш не престануваме да се развиваме. Никогаш нема да има крај на развојот на EOС затоа што трансформацијата е дел од нашата ДНК. Како дел од таквиот процес на трансформација е токму и нашето ребрендирање кое го претставивме на 1 март со цел да бидеме соодветно подготвени и прилагодени за иднината што доаѓа. Ребрендирањето за нас донесе една свежина и поинаква енергија. Сметам дека токму поради нашиот силен фокус кон технологијата успеавме да се одржиме успешно и покрај силниот ефект на пандемијата со која се соочивме и останавме мотивирани да ја подобриме финансиската состојба на нашите клиенти и соработници, односно да ги менуваме финансиите кон подобро.

В. Хаџидинев, УНИ Банка: Изминатава 2021 година, како и претходната 2020 година, беа период на несигурност. Брзината на прилагодување во таква динамична околина беше клучен елемент во стратегијата на УНИ Банка за да ги постигнеме нашите цели. Ефикасноста на нашиот тим драстично се подобри. Се фокусираме на промени во главните процеси на банката − кредитирањето и платежните услуги. Целта ни беше брендот на УНИ Банка да биде симбол за брза и квалитетна услуга на домашниот банкарски пазар и да бидеме прифатени од клиентите како една од најконкурентните и агилни македонски банки. Се разбира, еден од главните процеси во нашиот бизнис е управувањето со ризиците. Стабилноста и сигурноста на банката е нашиот прв приоритет. Од таа причина, нашите цели за развој и проширување на пазарниот удел секогаш се балансираат со прудентна анализа на ризиците. Таков пример е и соработката меѓу УНИ Банка и ЕОЅ Матрих, која се продлабочи во последнава година и ѝ помогна на банката да се здобие со еден нов и ефикасен инструмент за управување со кредитниот ризик. Убеден сум дека потенцијалот што го дава ЕОЅ Матрих ќе ни помогне да го редизајнираме бизнис-моделот за кредитирање и да ги подобриме нашите перформанси.

Со оглед на тоа што изминативе неколку години економијата и банкарскиот сектор особено претрпеа многубројни шокови, кажете ни повеќе за тоа како вашата соработка придонесува кон подобрување на вашите позиции?

К. Бошевска, ЕОЅ Матрих: Имајќи предвид дека се очекува пораст на нефункционалните кредити како резултат на здравствената криза, од исклучителна важност е да се покаже ефективно управување со нив од страна на банките и на тој начин да се изврши превенција или да се спречат ефектите слични на оние кои се искусија за време на европската должничка криза кога тие вртоглаво растеа. Одговорноста за адресирање на ризиците кои се поврзани или придонесуваат за високи нивоа на нефункционални кредити примарно лежи кај банките кои го почувствуваа ефектот. Уште од самиот почеток на здравствената криза активно соработувавме со нашите клиенти и го делевме нашето мислење, знаење и искуство за тоа кои се најдобрите начини за соочување со ефектите на пандемијата од аспект на превенција на кумулирање на нефункционални кредити. Успеавме за многу краток период да ги стабилизираме портфолијата на нашите клиенти кои беа под закана од ефектите на самата пандемија. Активно го промовираме токму преносот на побарувања како едно решение. Ние постапуваме со побарувањата сè поефикасно и можеме да им понудиме на нашите клиенти најдобри цени, а на нашите корисници најповолни услови. Дојде време за брзи и ефикасни решенија во овој сегмент. Ни требаа најдобрите аналитичари со напредни познавања на современите алатки. Нивната експертиза ни овозможува да идентификуваме нови бизнис-потенцијали и можности подеднакво како за нас, така и за нашите клиенти затоа што компанијата ЕОЅ, како една од водечките компании во овој сектор, е свесна за своите одговорности. Во ЕОЅ сакаме да ги промениме нештата кон подобро за нашите клиенти, подеднакво како за банките така и за задоцнетите плаќачи, за нашите деловни партнери, но истовремено и за самата компанија и нејзините вработени. Една таква соработка е токму со УНИ Банка. Ние заеднички размислуваме кон нови решенија, анализираме заеднички што е најдобро, како најсоодветно да се одговори на потребите кои ги носи пазарот и времето.

В. Хаџидинев, УНИ Банка: Нашата соработка со ЕОЅ Матрих во областа на пренос на ненаплатени побарувања започна неодамна, но уште од самиот почеток од двете страни го препознавме потенцијалот на оваа соработка и во краток временски интервал беа реализирани неколку преноси на побарувања еден по друг. Сакавме да го задржиме овој моментум и сметавме дека е потребно и да го прошириме опсегот на нашата соработка со цел да се исцрпат придобивките за банката од овој модел. Особено голем придонес кон ова имаше интернационалното, како и регионалното искуство на една компанија каква што е ЕОЅ Матрих, што се пренесе на нашиот финансиски пазар и значеше олеснителна околност како и поголема сигурност за банката во процесот на носење одлуки.

Компанијата ЕОЅ и УНИ Банка практикуваат експертиза не само на домашниот, туку и на меѓународниот, односно регионалниот пазар каде што нудат специфични решенија за моменталните потреби на пазарот. Дали можете да ни кажете како се идентификуваше потребата за реализација на овој нов модел за управување со нефункционални пласмани за банките и како ги препознавте условите за него?

К. Бошевска, ЕОЅ Матрих: ЕОЅ Матрих Македонија, како дел од своите услуги за управување со побарувања, врши преземање на банкарски побарувања што доведува до директно подобрување на квалитетот на портфолиото на банката, како и создавање можности за нови дополнителни канали за готовински приливи во банката, освен депозитите на граѓаните. Со овој нов пристап, ние истовремено ги отстрануваме и сите идни трошоци поврзани со активностите при наплатата на задоцнетите побарувања или „лошите долгови“. Нашето долгогодишно присуство на пазарот е неспорно, но ние секогаш се стремиме да бидеме пионери во својата работа и да иновираме секој ден. Потребата за имплементација на токму овој модел потекнува од желбата да се иновира пазарот и да се применуваат напредни решенија и кај нас, решенија кои се препознаени и докажани како успешни на регионалните и странските пазари. Успешната соработка со УНИ Банка и ентузијазмот кој го делиме за имплементација на софистицирани решенија на пазарот беше одлична прилика да ја зајакнеме, односно прошириме соработката токму со овој модел кој нуди поедноставување на процесот на менаџирање со ресурсите со кои располага банката, ефикасно управување со побарувањата и сметам дека ќе биде еден позитивен пример кој допрва ќе биде препознаен и од останатите банки. Моделот се покажа како исклучително успешен при неговата имплементација во останатите сектори на пазарот и сметаме дека со неговата примена во секторот банкарство правиме многу важен исчекор напред − во вистинската насока.

В. Хаџидинев, УНИ Банка: УНИ Банка е амбициозна и динамична банка која ги има сите потребни елементи да се најде меѓу лидерите на пазарот. УНИ Банка тежнее секогаш да биде во чекор со трендовите и иновациите кои се пракса во околината и интернационалниот пазар. За пример ги земаме „големите играчи“ во другите земји и целиме да бидеме оние кои ќе го поплочат патот за истото тоа овде кај нас. Според мене, сосема логичен беше нашиот исчекор кон „револвинг“ моделот за пренос на побарувања. Сметам дека одлуката да се реализира еден ваков проект е пред сè храбар потег во сферата на банкарското работење, особено затоа што сме први кои го имплементираме, но од друга страна покажуваме дека активно ги следиме трендовите, особено во процесите на барање и изнаоѓање на алтернативни и современи начини за управување со кредитниот ризик. Со ЕОЅ Матрих поминавме низ еден таков процес и како резултат на заедничко активно размислување се дојде до потребата за реализација на еден ваков проект кој е прв и единствен на нашиот пазар во банкарскиот свет.

Дали можете накратко да ни го образложите овој нов модел за управување со нефункционалните пласмани, да ни го објасните процесот и вашата позиција во однос на моделот?

К. Бошевска, ЕОЅ Матрих: Моделот познат како редовен или револвинг процес за пренос на побарувања подразбира сигурен, однапред договорен пренос на побарувања во еднакви временски интервали договорени со банката по однапред договорени цени и услови на кои се обврзуваме ние, ЕОЅ, додека пак побарувањата се во однапред договорен период на задоцнување и имаат однапред договорена структура, за ова се обврзува банката. Самиот процес на имплементација на ваков модел додава на вредност имајќи предвид дека во овој случај се врши пренос кој ги регулира не само тековните, туку и идните побарувања и нивната наплата. Со овој модел за пренос на побарувања ние всушност можеме да понудиме загарантирана цена за портфолио со загарантиран квалитет. Во овој вид на пренесување продавачот се обврзува да ги продаде сите сметки/долгови со одредена старост и квалитет, во договорениот временски интервал, а ЕОЅ се обврзува за нив да ја плати загарантираната цена која банката ја знае во моментот на потпишување на договорот.

В. Хаџидинев, УНИ Банка: Процесот е точно дефиниран, што го прави едноставен за навигација и менаџирање. Со завршувањето на првиот квартал за оваа година, УНИ Банка започна со доставување на портфолио со веќе дефинирани карактеристики и ќе продолжи со истото тоа на квартално ниво. За нас од големо значење е да ги намалиме ризиците кога управуваме со побарувањата бидејќи на овој начин превентивно имплементираме модел за управување со побарувањата кои ќе настанат во иднина, за тоа добиваме загарантирана цена што несомнено придонесува за полесно буџетирање и планирање на паричните текови на банката.

Кои се можностите и потенцијалите кои ги носи овој модел за управување со нефункционалните пласмани за банките доколку стане практика? Дали би можеле да ни кажете кои се придобивките кои ги очекувате?

К. Бошевска, ЕОЅ Матрих: Моделот револвинг пренос на побарувања е препознаен и добро етаблиран начин на соработка во многу од развиените земји. Тој е идеално решение како за банката, така и за корисниците кои доцнат со плаќање. Моделот обезбедува сигурност и стабилизација на износите на нефункционалните кредити во билансите на банките, како и намалување на трошоците, и тоа најнапред кај корисниците на кредитните пласмани кои доцнат со плаќањето, но и кај банката во самиот процес при управување со овие побарувања. Ова е еден од моделите за управување со ризикот од ненаплатливост на побарувањата на банката кој ги минимизира ризиците за наплата. Дополнително придонесува за: моментална ликвидност и сигурен паричен тек, навремено ослободување од ризичните должници од портфолиото, обезбедување на простор и време за посветеност кон основната дејност или нови активности преку заштеда на пари, време и ресурси.
Сметам дека нашиот пазар е подготвен за еден ваков чекор напред и дека со овој модел ние навистина ги менуваме финансиите кон подобро. Очекувам дека со примена на овој модел ќе придонесеме кон стабилност на пазарот за управување со нефункционални кредити и унапредување на процесите за управување со нефункционални кредити воопшто од што ќе имаат корист сите засегнати страни. Ни претставува особено задоволство што овој нов модел го претставуваме на нашиот пазар со доверлив партнер како УНИ Банка.

В. Хаџидинев, УНИ Банка: Како банка ние препознаваме експертиза и напредни процеси. Во револвинг моделот за пренос на побарувања го препознавме токму тоа што ни е потребно во овој момент, поедноставување на целиот процес на управување со нефункционални кредити, дополнително оптимизирање на нашата работа, што директно придонесува кон нашата цел како банка, да бидеме една од најстабилните и најмодерните банки на македонскиот пазар.
Преку овој модел, ние цениме дека поставуваме една нова насока за начинот на управување со нашите побарувања и на некој начин го регулираме поинаку целиот процес за нивната наплата, а тоа ни обезбедува простор поинтензивно да се фокусираме на нашите цели за оваа година. Ни овозможува уште посамоуверено и поефективно да се посветиме на зголемување на пазарниот удел, задржување на квалитетот на кредитното портфолио, подобрување на квалитетот на услугите и усовршување на дигиталните сервиси и канали за плаќање.
Се надеваме дека овој успешен пример ќе биде поттик и пример за останатите банки кои сè уште не се запознаени со процесот и придобивките од него. Благодарение на меѓународното искуство и непогрешливата експертиза на ЕОЅ Матрих Македонија, сигурни сме дека ова е само една од многу идни соработки и заеднички подеми во иновирањето на домашниот пазар.


 

Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, април 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО