Интервјуа

Јордановски: Канабис индустријата во светот се развива четири пати побрзо од класичните индустрии

Орце Јордановски

Претседател на Асоцијацијата за канабис индустријата во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија и оперативен менаџер во Тетра-Хип ДОО Кочани

Од неодамна во рамките на Стопанската комора е формирана Асоцијација на индустријата за канабис во Северна Македонија и вие сте нејзин претседател. Како дојде до иницијативата за формирање на оваа асоцијација и до реализација на таа иницијатива?

О. Јордановски: Почетоците на канабис индустријата во Македонија се во 2016 година кога за прв пат се носи Законот за одгледување на канабис за медицински цели и секако иницијативите за изградба на индустриски капацитети за оваа намена се интензивираат наредните две-три години. Како што се градеа тие индустриски капацитети и одеа во сè понапредна фаза на развој, така се појавуваа и сè повеќе недостатоци и проблеми за кои, искрено, ретко кој зборуваше или пак се обидуваше да се зафати за да ги промени нештата на подобро. Во дискусија со колеги од бизнисот како да си помогнеме на самите себе и како да бидат презентирани и заштитени интересите на компаниите кои ги претставуваме и пред сè како да ги поедноставиме нештата кои нè обременуваат во секојдневното работење, логично беше решението да покренеме иницијатива за формирање токму на асоцијација која би била репрезент на целокупната канабис индустрија. Не требаше многу време за оваа иницијатива да биде поддржана од дваесетина компании, но и невладини организации кои ги застапуваат интересите на пациентите и на корисниците. Во декември 2021 година, оваа иницијатива ја официјализиравме со основачко собрание и формирање на Управниот одбор на Асоцијацијата претставен со менаџерите на 11 компании од канабис индустријата во рамките на Стопанската комора.

Во јавноста постојат најразлични погледи за производство на канабис во земјава. Постои потреба да се демистифицира целата работа. За почеток, што се подразбира под канабис индустрија во Македонија?

О. Јордановски: Една од главните задачи е токму таа, да се демистифицира работата на канабис индустријата и да се претстави пред јавноста како нова, иновативна и индустрија која ќе биде во постојан раст и развој за добробит на сите во оваа држава и секако за добробит на пациентите и на корисниците од каде и да се. Тоа е легален бизнис во кој се инвестираат огромни финансиски средства и вреди да се каже дека во ниедна друга индустриска гранка во Македонија нема толкави инвестиции проценети на над 500 милиони евра.
Под канабис индустрија би сакале да се подразбере ‘припадност на сите правни субјекти кои имаат учество на каков било начин во нашето работење и опстојување’. Покрај индустриските капацитети кои произведуваат сув цвет од канабис, како и масло од канабис и негови продукти, дел од канабис индустријата се и компаниите кои произведуваат и продаваат храна и препарати за растенијата, оние кои нè снабдуваат со инсекти, со лабораториска опрема, оние компании кои произведуваат опрема за потребите на индустријата, советодавни компании кои ни помагаат со сертифицирањето во разни дисциплини. Многу важен дел за оваа Асоцијација се граѓанските здруженија и невладините организации кои се репрезент на различни групи пациенти и корисници. Едноставно канабис индустријата ја разбираме како многу поширок спектар на претставници од различни области, а поврзани со канабисот.

Што го карактеризира почетокот на развојот на канабис индустријата во земјава? Какви се трендовите во оваа индустрија во нашето блиско опкружување, но и пошироко во светот?

О. Јордановски: Благодарение на будењето на јавноста и на политичарите во Македонија за корисното дејство на растението канабис, како и огромните можности за инвестирање, со залагање пред сè од страна на граѓанските здруженија, се донесе закон во 2016 година за легализација на одгледувањето канабис за медицински цели и на производството на масла од канабис. Тоа беше револуционерно решение и Македонија се најде речиси пред сите во Европа со носењето на тие законски решенија. Тоа побуди интерес кај многу домашни и странски компании кои со добра надеж и верба во својата инвестиција почнаа да инвестираат во оваа сфера. Годините минуваа, но веќе донесените закони не се менуваа и не се подобруваа за да одговараат на новите времиња и трендови во канабис индустријата. На површина испливаа и многу недостатоци во законите кои не нудат целосни решенија во законските рамки сега веќе застарени за новите трендови во Европа и светот.
Многу земји во Европа и светот почнаа да го следат примерот на Македонија со носење на различни законски решенија и креирајќи национални стратегии за развој на канабис индустрии. Португалија, Швајцарија, Грција почнаа брз развој во оваа сфера. Германија подготвува национална стратегија за да произведува самата, а Франција е најголемиот одгледувач на индустриски канабис − хемп. Израел, САД, Велика Британија и Канада веќе со години вршат низа испитувања за ефектите на канабиноидите врз човековото здравје и во исто време се големи производители.
Канабис индустријата во светот се развива со четири пати побрзо темпо од останатите класични индустрии, а со самото тоа потребни се брзи реакции, нешто што кај нас е исклучиво тешко и токму затоа ја губиме здобиената предност.

Кажете ни нешто повеќе за профилот на компаниите кои се дел од овој бизнис, за сопствеништвото, за капиталот, за можностите за нови инвестиции...

О. Јордановски: Со појавата на Законот за канабис се јави и голем интерес за инвестирање во оваа сфера, особено во 2018 година кога на берзите имаше огромен раст на акциите и криптотокените на канабис компаниите во САД, Канада и Швајцарија и владееше голем оптимизам за иднината на канабис индустријата. Уште од самиот почеток како домашни, така и странски компании охрабрени од новиот закон започнаа инвестициски циклус во Македонија. Речиси да нема општина во која нема некаква инвестиција. Се појавија инвеститори од: САД, Германија, Холандија, Албанија, Бугарија, Велика Британија и Австралија. Сериозни инвеститори започнаа изградба на индустриски капацитети и, покрај материјалните инвестиции, исто така се појави инвестирање во стручни кадри од различен стручен профил, пред сè од полето на фармацијата, на земјоделието и на технологијата. Во Македонија се појавија низа експерти од различни земји кои помагаат да се развие оваа индустрија, а во исто време се обучуваат и домашните кадри. Некои од компаниите се чист домашен капитал, некои со странски, но има дел и со мешан капитал. Десетина компании, пред сè странски, сè уште чекаат на добивање на дозволи, а голем број набљудуваат и очекуваат подобрени законски решенија за да се сигурни во исплатливоста на инвестираното.
Во секој случај веќе постои една цела нова индустрија.

Какви се проценките за растот на канабис индустријата во земјава и кои предуслови треба да се исполнат за тој раст да се оствари? Кога би се оствариле плановите во едно оптимистичко сценарио, каде би била канабис индустријата во земјава по пет години?

О. Јордановски: Доколку се променат проблематичните одредби во законското решение и доколку тоа се дополни со потребните измени − можностите се огромни. Ова е индустрија со најголеми инвестиции во државава и тие би биле значајно поголеми доколку се подобрат потребните услови. Инвестициите може да се пренесат и во прехранбената, текстилната, козметичката индустрија, како и во земјоделието доколку непсихотропниот канабис хемп се одвои од другиот со кој работиме во моментов.
Во моментов имаме одредби во член 68 од Законот за лекови каде што во смисла на стручен кадар за вршење на нашата дејност е потребно да имаме во работен однос фармацевти со специјализација за фармацевтска технологија и специјалист по испитување и контрола на лекови. Такви кадри во доволен број нема, а дел од ангажираните се на возраст за пензионирање и ако некој ја напушти работата нашите дозволи за работа би биле изгубени и веднаш сме под закана од затворање на капацитетите поради неисполнети законски барања. Новите инвеститори не можат да ги добијат потребните дозволи за работа поради недостаток од вакви кадри, а и оние кои се присутни свесно ја злоупотребуваат својата законски привелигирана позиција. Ова е далеку од европските законски решенија.
Потребно е да се направат промени кај регулативата за полесно пуштање во промет на граничните производи и промена на начинот на добивање на докторски рецепт за користење на канабис продуктите како лек бидејќи сега кај нас би требало конзилијарно мислење, а во Германија за тоа е потребен доктор специјалист. Во Италија секој доктор може да пропише растителен екстракт, препарат од канабис за медицинска употреба. Исто многу важно е да се прошири листата на болести за кои е дозволено лекување со канабис, која во Германија е значително поголема од онаа кај нас, со што би се зголемил бројот на зафатени пациенти. Велика Британија 20 години е пионер во развојот на лекови од канабис и тие најавуваа законско решение со кое докторите специјалисти се доволни за пропишување на лекови и препарати од канабис.
Потребно е да се формира Агенција за канабис како владино тело кое ќе ја контролира и ќе ја следи работата на производителите на канабис затоа што сега за нашата работа се одговорни Министерството за здравство, Министерството за земјоделие, како и Агенцијата за лекови Малмед, а притоа задолжените во министерствата се недоволни и целосно неопремени за каков било надзор на неколку, а комоли на десетици правни субјекти кои постојат. Секоја појава на криумчарење и продажба на црниот пазар ѝ носи огромни штети на легалната индустрија.
Потребно е да се донесе правилник за одгледување на хемп во нашите полиња според европски примери.
Едноставно потенцијалот на оваа индустрија се мери во огромни суми, но ја губиме предноста со конкурентите поради бавноста на системот и неможноста да се реагира навремено и брзо.

Каква и со кого мора да се гради соработка заради промоција и развој на индустријата во Македонија?

О. Јордановски: Во Македонија канабис индустријата на почетокот се сатанизираше, пополека тоа почнува да се менува, но затоа е потребна соработка со сите чинители во ова општество.
Почетна и најважна е соработката со пациентите токму поради кои и постои оваа индустрија, како и со асоцијациите и организациите кои ги претставуваат. Тие се најсилниот фронт преку кој се осознава потребата од постоење на производители на лекови и на препарати од канабис.
Важна е соработката со печатените и електронските медиуми, како и официјалната соработка со институциите.
Доколку сакаме модерна, организирана и успешна индустрија, тоа е неможно да се постигне без академската фела од областа на фармацијата, на земјоделието и на технологиите на производните процеси. За успех потребно е одделните научни институти и образовни институции да ни бидат блиски соработници, патоказ за нашиот развој покрај барањата на клиентите потрошувачи.

Капацитетите на канабис индустријата од земјава треба да се промовираат и во светот.

О. Јордановски: Точно така. Големината на канабис индустријата и самите инвестиции во неа се креирани за многу поголем пазар од домашниот. Главна цел се европските пазари, но секако важни се и пазарите во остатокот од светот како Австралија, Бразил.
Невозможно е да настапувате на кој било пазар, а без притоа да не бидете испромовирани и соодветно претставени. Во оваа смисла имаме многу за работа сакајќи канабис индустријата во Македонија да ја претставиме како нешто успешно и квалитетно, како посебен бренд кој носи добри производи со висок квалитет и доволно голема продукција заради задоволување на потребите и на најголемите купувачи и на пазарите.
Како Асоцијација на канабис индустријата планираме изработка на анкети за јавното мислење, испитувања на можностите на пазарите, промоции, изложби и научни презентации кои би биле пласирани во медиумскиот простор дома, но и во меѓународни рамки. Задолжително е потребно излегување на постоечките меѓународни саеми специјализирани за канабисот каде што ќе можеме да се претставиме како поединечни производители препознатливи на пазарите, но и како индустрија во целост.


 

Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис. печатено издание, април 2022г)

ПРЕПОРАЧАНО