Перспектива
Јовановски: За штрајкот, за образованието, за учениците, за наставниците....од една поинаква перспектива
Зоран Јовановски
авторот е економист | 13.04.2022г.
Кога човек е болен и има температура, тогаш температурата е само последица на нешто друго што се случува во организмот. Има лекови за спуштање на температурата, ама секој добар доктор знае дека за вистинско оздравување треба да се утврди причината за температурата и таа причина да се разреши.
Една од главните теми деновиве во нашето општество деновиве е штрајкот на наставниците во основните и средните училишта и воспитувачите во градинките. И разговорот во најголем дел се одвива околу тоа колкави се платите, како се менувале, дали се доволни или не, итн. Тоа е погрешен пристап. Нашето „образование“ е болно. Барањата за зголемување на платите во образованието и штрајкот се само температурата, последицата на „болеста“. Причината е друга и додека таа не се разреши, сè ќе биде привремено, до следната „температура“.
Знаете ли колку министри за образование имала земјава од моментот кога станала независна? Нема да ви се верува. За период од 30,5 години независност имала 19 министри за образование!!! Замислете фирма во која за 30,5 години се смениле 19 генерални директори. Што ќе си помислите за таква фирма – па овие немаат ниту визија ниту план, не знаат каде одат.
Во изминативе 30,5 години министер за образование во просек се менувал на секои 1,6 години. Само еден министер истерал цел четиригодишен мандат. Во текот на целиот период од 1991 година досега просечната старост на министрите за образование во моментот кога стапувале на функција била 40,4 години. Од 2000 година наваму немало министер за образование кој имал повеќе од 45 години кога ја презел функцијата, а 8 од нив биле во своите 30-ти години од животот.
Нашето „образование“ се наоѓа на маргините на општеството, речиси заборавено од сите. Изгледа дека изминативе децении било третирано како монета за поткусурување во политичката „распределба на колачот“ помеѓу коалициските партнери, а не како еден од столбовите на државата и на македонската економија. Затоа е такво, „болно“ и има висока „температура“.
Мислам дека можеме со денови да пишуваме за образованието во земјава. До толку се напластени проблемите. Ќе има и повеќе текстови на темава. Но, во оваа прилика да почнеме од основното прашање – за кого првенствено постои образовниот процес, за учениците, за наставниците, за родителите, за работодавачите, за некого друг? За мене одговорот е јасен, во одредена, помала или поголема мера постои за сите наведени, но првенствено и најмногу за учениците. Тие се стожерната точка на процесот и сè треба да се врти околу нив и мери според нивниот успех.
Aко системот не е поставен како што треба, ученикот ризикува да има неповратно изгубено време. Студија на Светска банка посочува дека ако 11 години поминати во основно и средно образование во земјава се прилагодат за квалитетот на образованието, тогаш тие 11 години стануваат еквивалент на 7,3 години учење, односно 3,7 години се неповратно изгубени без ефект за ученикот.
Целта на процесот на образование е ученикот да стекне знаење што е вредно, практично, применливо и вештини кои се бараат на пазарот на работна сила. Тоа знаење и тие вештини, меѓу другото, треба да му овозможат на ученикот реална шанса да дојде до работа и сопствена заработка. Сè во рамки на процесот треба да биде прилагодено за остварување на оваа цел. Тоа значи дека мора да се прилагодат и сите други учесници во процесот.
Државата мора да обезбеди квалитетна наставна програма усогласена со она што го бара пазарот на работна сила, во моментов, а и во иднина. Ова е посложено одошто изгледа на прв поглед, но еднаш мора да се направи. И тука, насоката на движење е дека програмата не се прилагодува на наставниците туку обратно, наставниците ќе мора да се прилагодат на програмата. Се разбирa, државата ќе мора да обезбеди финансиски средства за реализација на програмата, како финансиски за наставниците така и техничките за модерни помагала. Студијата на Светска банка укажува дека во периодот од 2011 до 2018 година расходите на јавниот сектор за образованието во земјава се намалиле во релативен износ, од 4,3% на 3,5% од бруто домашниот производ. Светска банка укажува дека тоа е пониско од просекот на земјите на Западниот Балкан кое изнесува 3,9% и на просекот за земјите од ЕУ (4,6% од бруто домашниот производ).
Наставниците мора да исполнуваат одредени, однапред утврдени критериуми за да бидат наставници, и мора да имаат можност за континуирано учење и сопствена надградба за да бидат во тек со она што го бараат актуелните околности. И, тука нема компромис затоа што влогот е премногу голем и важен. Патем, тие мора да заборават на политичките партии и евентуалните свои врски со нив. Наставниците мора да бидат адекватно платени, нивниот статус во општеството мора да се врати. Но тоа мора да биде поврзано со испорачување на повисок квалитет од нивна страна, согласно новите стандарди.
Родителите мора да заборават на „знаеш ли кој сум јас“ пристапот, затоа што тоа директно го уништува дигнитетот и авторитетот на наставникот. Наставниците мора да бидат бескомпромисно заштитени. Оценувањето мора, повторувам мора да биде објективно и тука исто така не смее да има компромис, без оглед кои се родителите на ученикот.
Работодавачите се коректорот на системот, субјектот што укажува што е она што го бара економијата. Вработувањето на добри кадри, со конкурентно знаење во еден поширок контекст, е она што им носи повисока продуктивност на компаниите, а со тоа и повисоки приходи и можности за повисоки плати за вработените. Работодавачите можат да го помогнат процесот со свои инвестиции за технолошко опремување на училиштата, како што тоа се прави со дуалното образование.
Сето ова е стартната точка. А, првиот чекор? Мора да седнат сите страни кои имаат надлежности и моќ на одлучување за овие прашања, денес или во иднина (и власт и опозиција, итн.) и да се договорат за иднината на образованието во земјата, не од денес за утре туку за наредните 20 години. Да утврдат крајна цел, каде сакаме да стигнеме и да развијат оперативен план, со наставна програма, со стандарди за наставниците, со финансиска конструкција што тоа ќе го овозможи. А дотогаш, нека ни одзвонува на сите во главите, 19 министри за образование за 30,5 години......