Интервјуа

Данев: Со многу работа и голема желба може да се постигне секоја зацртана цел

Никола Данев

Докторанд на универзитетот Корнел во САД

Ве познавам од времето кога бевте ученик во гимназијата „НОВА“ во Скопје. Сега сте на докторски студии на престижниот универзитет Корнел во САД. Очигледно времето брзо минува и многу работи се случуваат. Но, да се вратиме малку назад. По средното училиште се запишавте и студиите ги завршивте на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, САД. Што студиравте конкретно и како ги оценувате факултетските денови на „Колумбија“?

Н. Данев: Студиите ги започнав како студент по невробиологија, но во втората година одлучив да се запишам на програмата по општа биологија, со фокус на генетиката и молекуларната биологија. Дојдов до оваа одлука бидејќи на мојот факултет секој студент на природните науки мора да има лабораториско искуство, а јас веќе работев во лабораторија во која ги истражувавме генетските основи на невродегенеративните болести како Алцхајмер и Паркинсон. Во таа лабораторија сфатив дека биологијата претставува еден вид сложувалка, а генетиката е клучот за откривање на правилниот редослед на деловите што ја сочинуваат.
Ако треба да го опишам студирањето на Универзитетот Колумбија, би рекол дека тоа е сеопфатно и исцрпувачко. Сеопфатно бидејќи се стекнав со знаење од повеќе области кои немаат директна врска со насоката за која се определив, како на пример историја на уметноста и филозофија. Исцрпувачко бидејќи предметите се изучуваат длабински, а тоа бара многу време и труд. Сепак, со добра организација можеше да се најде време и за рекреација и забава, односно да се доживее Њујорк од сите аспекти на негов жител.

Вие бевте корисник и на стипендија доделена од универзитетот. За каква стипендија стануваше збор?

Н. Данев: Добитник сум на две стипендии, едната при самиот прием на Универзитетот, а втората ја добив за третата и четвртата година од студиите. Имено, веднаш по приемот, врз основа на успехот и останатите елементи кои ја сочинуваа мојата апликација, Универзитетот ми ја додели „Џон Џеј“ стипендијата, именувана по еден од основачите на Соединетите Американски Држави бидејќи и тој бил студент на Колумбија, а по завршувањето на втората година ја добив стипендијата „Хенри С. Колман“, истакнат поранешен декан при Универзитетот Колумбија. Оваа стипендија ми е посебно драга бидејќи се доделува за лидерски способности и академски успеси.

Во текот на студиите во Њујорк имавте и дополнителни активности покрај редовните. Бевте и асистент, но имавте и други ангажмани. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Н. Данев: Додека студирав, иако бев стипендист, работев повеќе работи. Сепак, најголемото искуство го стекнав како „парамедик“, еден вид медицински техничар кој работи во Службата за брза помош. Во САД, кога ќе повикате брза помош, екипата се состои од двајца техничари или „парамедици“ кои се овластени и обучени да дадат прва помош и дополнителна нега на лице кое има итна медицинска потреба. Во трета година студии, на 21-годишна возраст, станав директор на Итната медицинска служба на Универзитетот (една од најелитните универзитетски служби од овој вид во САД), надлежен да раководам со шеесетина членови и да располагам со две највисоко опремени амбулантски возила ставени на располагање 24/7. Тоа беше огромна одговорност, но и несекојдневно искуство. Располагање со голем буџет, управување со човечки ресурси, спасување на повеќе човечки животи во буквална смисла на зборот и возење и пробивање низ сообраќајниот хаос по њујоршките улици е нешто што претходно сум го гледал само во филмовите, а потоа успеав и да го работам и живеам. Сега, пак, на Универзитетот „Корнел“ во Итака раководам со Медицинскиот оддел на Општинската противпожарна служба. Се одлучив за овие доброволни дејности зашто отсекогаш сум имал изразено чувство на одговорност и желба да им помагам на другите.

Какво е постојното искуството од „Корнел“, се разликува ли од „Колумбија“? Се работи за два од осумте елитни универзитети кои ја сочинуваат т.н. „Ајви лига“ на елитни универзитети на светско ниво.

Н. Данев: Различно е, но не помалку интересно и впечатливо. На „Колумбија“ бев додипломец и таму времето е поструктурирано – универзитетскиот живот го зазема целото слободно време и студирањето со сите негови аспекти – социјалниот живот, академските предизвици, работните обврски – го исполнува деноноќието. Исто така фактот дека „Колумбија“ е на Менхетен, еден од најголемите светски урбани центри, претставува предизвик сам по себе, а четиригодишен живот во еден ваков центар е непроценливо искуство за секој, особено за млад човек. „Корнел“, пак, е универзитет сместен во мирна, спокојна и рурална средина која овозможува услови за непречена работа. Јас како докторанд тука имам сосема друг вид на обврски бидејќи студентите на докторски студии во САД се третираат како вработени истражувачи. Така јас работам во една од универзитетските лаборатории како истражувач, истовремено предавам на додипломци како асистент и имам бројни можности да аплицирам за различни научноистражувачки проекти од мојата област.

Вашето искуство покажува дека без оглед на високите финансиски издатоци кои го придружуваат учењето на светски познати универзитети, вратата сепак не е затворена и постои можност да се добие стипендија која во голема мерка ќе ги олесни работите. Но, стипендиите треба да се заслужат. Која би била вашата порака, во овој конекст, до младите од Македонија?

Н. Данев: Со многу работа и голема желба може да се постигне секоја зацртана цел. Потребни се вложувања, но не по цена на физичкото и психичкото здравје, како и на социјалниот живот. Клучната работа е да се пронајде и постигне баланс меѓу амбицијата, трудот и благосостојбата.

Со оглед на тоа што докторските студии ви се генерално насочени кон генетиката да се свртиме малку кон пандемијата предизвикана од ковид-19. Кое е вашето мислење во однос на процесот на развој на вакцините, самиот вирус, стравот од вакцинирање, третманите, терапиите итн.?

Н. Данев: Уште од првата најава за РНК-вакцините бев возбуден за нивната имплементација. За жал, мислам дека погрешно беа претставени во јавноста, што најверојатно придонесе до страв и скептицизам кај дел од населението. РНК се користи во науката уште од 60-тите години на минатиот век и е една од најосновните молекули потребни за постоењето на живот на нашата планета. Некои научници дури веруваат дека РНК е основата на целиот жив свет. Значи, РНК не е воопшто нешто ново или непознато. Новината во овие вакцини е тоа што наместо да инјектираме делови од вирус (на пример вакцината против дифтерија, тетанус и пертусис) или усмртен (атенуиран) вирус (на пример вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки), во овој случај примаме РНК што всушност претставува еден вид упатство за нашето тело да го проучи вирусот и да се подготви за одбрана од него. Според централната догма на молекуларната биологија, односно најосновниот концепт на оваа наука, невозможно е РНК да навлезе во нашата ДНК или да ги промени нашите клетки. Всушност, овој тип на вакцина е најбезбеден бидејќи нема ниеден штетен дел од оригиналниот вирус – само молекуларна шифра која може да го обучи телото како да се бори против вирусот ако некогаш го затекне.
Ниедна вакцина не може со 100 % сигурност да спречи инфекција, но вакцините дефинитивно можат да ни го намалат ризикот за тешка болест и смрт, како и веројатноста од зараза или нејзин пренос. Во моментот кога доволно голема критична маса од едно општество ќе се вакцинира, тогаш се спречува таканаречениот циклус на трансмисија на вирусот, а со тоа се спречува неговото ширење и мутирање и така се превенираат идни инфекции и мутации. Значи, вакцинацијата е најмоќната алатка во оваа борба против вирусот кој, еве веќе трета година, ни го има сменето начинот на живеење.

Во САД генетиката се користи и за развој на одредени економски дејности. Кажете ни нешто повеќе за генетиката во сточарството со оглед на тоа што таа област е поврзана со темата на вашата докторска дисертација.

Н. Данев: Темата на мојата докторска дисертација се матичните клетки и нивната потенцијална примена во клиничката и ветеринарната пракса. Конкретно, концептот на „Едно здравје“ (One Health) ни овозможува да ја поврземе науката со медицината, со сточарството и со економијата. Оваа теорија, која е прифатена од Обединетите нации и многу други светски здравствени организации, гласи дека здравјето на луѓето е многу тесно поврзано со здравјето на животните, како и здравјето на нашата животна средина. Ако успееме да ги елиминираме болестите предизвикани од бактерии во сточарството без употреба на антибиотици, тогаш ќе се намали бројот на бактерии отпорни на нашите стандардни терапии и антибиотици и со тоа ќе ја намалиме смртноста од одредени заразни болести и кај животните, но и кај луѓето. А ваквата превенција секако ќе значи и помала веројатност за настанување на нови пандемии и епидемии во иднината. Генетиката ја користиме за да ги разбереме механизмите на одбрана против заразни болести кај економските двигатели на сточарството – животните – и потоа да ги употребиме тие природни и веќе постоечки механизми за да го подобриме севкупното заедничко здравје на луѓето, на околината и на животните.

Како се финансираат вакви истражувања и проекти во САД?

Н. Данев: Генерално, истражувачката дејност се финансира од јавниот сектор. Конкретно, владините агенции имаат посебни буџети кои се доделуваат на компетитивни грантови на различни истражувачки екипи за одредени цели. На пример, доколку Министерството за земјоделие забележи дека има зголемена употреба на антибиотици во одредени области, тие би објавиле повик за истражувачки групи да откријат која е причината и како да се спречи тој тренд. На повикот би се јавиле повеќе научници со нивните тимови и независен панел од експерти ги разгледува нивните предлози и доделува грант на оние кои имаат најдобар план. Секако, ваквото финансирање доаѓа со обврски: задолжително објавување на сите резултати (позитивни и негативни), достапност на научниците и резултатите за јавноста и даночниот обврзник, како и одговорност пред останатите научници и ригорозност на истражувањето.

Какви се плановите, што по докторирањето?

Н. Данев: Ме интересира фармацијата, но не само фармацијата како индустриска гранка, туку и фармацевтската регулатива заедно со јавните политики што ги креираат државите и меѓународните организации во таа област. Концептот на „Едно здравје“ дозволува да размислуваме во правец на интегриран пристап меѓу науката, медицината и економијата, три области кои отсекогаш ме интересирале. Со генетиката можеме да креираме нови, индивидуални и специфични терапии кои, за да бидат правилно употребени, мора да бидат регулирани и презентирани на транспарентен начин пред јавноста. Ќе се обидам по докторирањето својата кариера да ја градам токму во оваа сфера, креирање на фармацевтска регулатива со употреба на резултатите од науката за генетика.


 

Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО