Перспектива

Јовановски: Распад на системот

среда, 16.03.2022г.

На седми март, во присуство на поширок круг луѓе, на еден важен состанок на кој се дискутираше за економската состојба во земјата, реков дека, според она што се случува во Украина мојот впечаток е Русија трајно ги редуцира врските со Западот. Народски кажано, изгледа како Русија и Западот взаемно да раскрстуваат еден со друг за подолг период.

Ќе направам паралела со пример од секојдневието. Ако играте фудбал за некој тим од англиската Премиер лига и морате да направите фаул над некој противнички играч за да го спречите да ви даде гол, тогаш ќе го фаулирате на начин што ќе добиете најмногу жолт картон. Ќе внимавате да не биде прегруб стартот затоа што вие сакате да играте и наредната недела, а ако добиете црвен картон ќе ве казнат, ќе мора да паузирате неколку натпревари. Но, ако воопшто немате намера да играте наредната недела во англиската Премиер лига и планирате да се префрлите во друга, да речеме кинеска фудбалска лига, тогаш немате проблем да направите ултра груб фаул и да му ја скршите ногата на противникот. Ракетирањето згради со цивилно население во Украина е „кршење нога“.

Пред десетина дена, оваа моја скромна геополитичка проценка изгледаше прилично нестандардно. Мислам дека денес веќе многу повеќе луѓе го мислат истото. Уште повеќе затоа што во светските медиуми се појавија разни информации кои фрлаат дополнителна светлина на работите.

Многу често, големите вистини се кријат во малите детали. На крајот од февруари годинава светските медиуми пренесоа изјава на гувернерката на централната банка на Русија. На прашањето што ќе прават руските банки и нивните клиенти во врска со исклучувањето од SWIFT мрежата за меѓународни плаќања таа одговори дека ќе се префрлат на нов систем за плаќања кој е нивен, домашно развиен. И, додаде дека започнале да работат на создавање на нивен локален систем за плаќања во 2014 година. Случајно или не, тоа е годината кога се случи промената на власта во Украина. Ова може да е само коинциденција, но и укажување од кога веројатно започнала сеопфатната руска подготовка за она што денес се случува во Украина. Тоа значи нападот врз Украина не е емотивна реакција туку внимателно пресметана акција, долго подготвувана. Жестокоста на нападот на Русија и разурнувањата и жртвите кои растат од ден на ден тоа го потврдуваат.

Во секој случај, работите ја преминуваат точката од која нема враќање. Од една страна е руската воена инвазија со сите разурнувања и човечки жртви што таа ги носи. Од друга страна се жестоките економски санкции од Западот како противудар насочен кон машината што го финансира рускиот напад – приходите во државниот буџет на Русија што доаѓаат од продажба на нафта, земјен гас и други производи. Сето ова е придружено со масовно, до вчера тотално незамисливо, повлекување на големи мултинационални западни компании од рускиот пазар. Истовремено, замрзнати се руски финансиски средства депонирани во западните финансиски институции, замрзнати се разновидни имоти на руски бизнисмени во западните земји. Како економски одговор на санкциите од Западот руските власти најавија можна национализација на сега веќе напуштените производни погони на руска почва на заминатите западни компании, како и присвојување на флотата странски авиони што во Русија се користат на лизинг.

Паралелно на економските, има политички случувања и во сферата на меѓународните организации. Русија веќе не е членка на Советот на Европа. Кога сè ќе се стави на купче, изгледа дека Русија си заминува од Западот и се врти кон Истокот. Таму е Кина, можеби Индија....

Заплена на разновидни имоти, замрзнување на сметки со пари, национализација на напуштени производни погони, економски санкции кон фирми и поединци. Она што веројатно ќе следи подоцна, а за што не се зборува во моментов, ќе биде непочитување на меѓународниот систем на правила којшто е во сила од завршувањето на Втората светска војна наваму. Јас не би се изненадил да почне бескрупулозно непочитување на интелектуалната сопственост и бесправно копирање и користење на туѓи патенти и пронајдоци за сопствени економски цели. Практично, зборуваме за своевиден распад на системот на кој се потпираше глобалната економија, без оглед дали тој ќе продолжи парцијално да функционира. Светот влегува во зона на целосна правна несигурност или она што народски се нарекува своевидна „дива лига“.

Зошто е важно сето ова? Затоа што за да може човек да одлучи за сегашните и идните чекори за водење на бизнисот или економијата мора да има најпрвин оценка за големата слика на настаните. Важно е да се разбере суштината на случувањата во Украина и да се процени кога и како ќе заврши сето тоа и што ќе се случува по завршетокот. Притоа, не зборуваме за тоа дали светот геополитички ќе остане еднополарен или ќе стане биполарен и сл. Тоа не е темата на ова писание.

Сето ова го разгледуваме за да оцениме што можеме да очекуваме од иднината ако претходно наведените претпоставки целосно да се остварат. Можеме да очекуваме дека дури и утре да завршат воените дејствија во Украина негативните последици во форма на високи цени на енергенсите и храната ќе потраат. Колку ќе траат? Најмалку една година. Она што е најстрашно е дека дури и кога ќе почнат цените да се враќаат во некои понормални зони тие нема да се вратат на нивоата од пред војната во Украина туку ќе се стабилизираат на повисоки нивоа. Низ таа призма треба да ги гледаме сите можни ефекти поврзани со иднината. 

Затоа, кога зборуваме за стокови резерви на храна треба да зборуваме за следните 12 месеци, а не за моменталната состојба. Кога зборуваме за планирање како да се амортизира ценовниот удар од цените на енергенсите треба да размислуваме како, во колкав обем и со кои финансиски средства да се прави тоа за да се издржи подолг временски период. Ова ќе биде многу тежок период, потежок од оној со пандемијата. И светот ќе биде поинаков. Системот што постоеше досега нема да биде истиот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано