Интервјуа

Раде Кончар контактори и релеи − Успешна приказна во Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на ЕБОР и на ЕУ

Ана Киријас

Управител на Раде Кончар Контактори и релеи ДОО Скопје

Програмата за поддршка на конкурентноста на мали и средни претпријатија (МСП) на ЕБОР и на ЕУ веќе четврта година поддржува целни инвестиции на МСП со цел зајакнување на нивната конкурентност. Досега се финансирани повеќе од 270 проекти имплементирани од 190 инвеститори.
Раде Кончар Контактори и релеи е една од компаниите учеснички во Програмата. Тие за ова интервју ја споделуваат нивната успешна приказна. Задоволство ни е да разговараме со г-ѓа Ана Киријас за Економија и бизнис. Г-ѓа Киријас е управител на Раде Кончар Контактори и релеи ДОО Скопје.


Г-а Киријас, пред скоро време го комплетиравте првиот од двата проекти во кои Раде Кончар Конактори и релеи е финансиран со кредит од Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП. За читателите на Економија и бизнис, дајте ни повеќе информација за оваа веќе финализирана инвестиција.

А. Киријас: Тековно работиме на вториот проект поддржан од ЕБОР и од ЕУ. Првиот проект го реализиравме во 2016 година кога преку Програмата на ЕБОР за советување на мали бизниси во Северна Македонија работевме со консултанти за изработка на студија за проценка на исплатливоста од инсталирање фотонапонска централа на објектот. По тогашните проценки, инвестицијата не беше исплатлива. Во 2019 година почнавме со првиот поголем проект во Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП. Тежиштето на инвестицијата беше во насока на обновување на машинскиот парк со технолошки напредни машини кои ќе заштедуваат во енергија, ресурси и време. Исто така многу важен елемент ни беше инвестицијата во нови машини за тие да можат квалитативно и квантитативно да го поддржат зголемувањето на обемот на производство. Со нашите досегашни анализи можеме да заклучиме дека заштедата на енергија за соодветните работни позиции изнесува до 30 %. Вкупната инвестиција за овој проект изнесуваше 200 000 евра за ЦНЦ-машина за обработка на метал во Одделението за производство на алати, екцентар преси, машини за производство на регистарски таблички, машини за бризгање на пластика и ЕРП софтверско решение.

Учеството во Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на ЕБОР и на ЕУ подразбира инвестиција со усогласување во најмалку една од применливите ЕУ-директиви. Програмата се потпира на ЕУ-директиви во областите на: животната средина, безбедност и здравје на вработените и квалитет на производ/услуга. Кон кои усогласувања се насочи Раде Кончар за усогласување со ЕУ-директивите?

А. Киријас: Работиме паралелно на усогласување со сите ЕУ-директиви кои ги споменувате и исто така ги спроведуваме сите позитивни национални стандарди и закони. Проектот поддржан од Програмата за поддршка на конкурентноста на ЕБОР и на ЕУ ги задоволи сите аспекти и дури повеќе, влезе во сферата на дигитализацијата со помош за имплементација на нов модерен EРП софтвер. Ова е неопходно за да останеме конкурентни и да се прошириме на пазарите на кои ние работиме. Впрочем, пазарите на ЕУ се нашиот таргет и како извозно ориентирана компанија се трудиме максимално да ги стигнеме високите стандарди кои ги поставува тој пазар. Тоа е она што нашите партнери го очекуваат од нас: добар квалитет на производ, социјална одговорност и одржливост во заштитата на животната средина. Ние ги поседуваме сите стандарди потребни за тоа: ИСО 9001, ИСО 14001, ИСО 45001.

Дали е премногу рано да се говори за исполнување на очекувањата во однос на првично поставените одредници за продобивките во инвестицијата?

А. Киријас: Не, не е премногу рано. Инвестицијата е предвидена да ги поврати вложените средства во рок од пет години. Ова е барање кое е поставено поради брзите промени во технолошките процеси. Така приоритет во инвестирањето даваме на проекти кои имаат рок на поврат на средствата максимум до пет години. Придобивките се повеќекратни. Со модернизацијата на производниот процес ние стануваме поагилни, полесно се прилагодуваме на потребите на пазарот, обезбедуваме подолгорочен стабилен развој, поотпорни сме на кризи, ја зголемуваме конкурентноста на пазарот, обезбедуваме полесни и побезбедни услови за работа со замена на мануелната работа со автоматизирани процеси, ги намалуваме трошоците со воведување попродуктивни машини и сл.

Кое е вашето искуство од учеството во Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП?

А. Киријас: Имплементирање на ваков проект подразбира тесна соработка меѓу компанијата корисник на кредитот, партнерската банка која во својата програма нуди кредити од оваа Програма и проектните консултанти назначени да го поддржуваат процесот. Ја оценуваме соработката на сите нивоа како високопрофесионална, онака како што се очекува од институциите кои се вклучени.
Задоволни сме од целокупното искуство од почетокот до имплементацијата на проектот и затоа повторно аплициравме во нов проект со нова инвестиција. Сметам дека и ние многу научивме во меѓусебната соработка, разменувајќи искуства при подготвувањето на документацијата. Клучна улога за успешна имплементација на проектот се потпира на консултантите кои постојано нѐ советуваа кои стандарди треба да ги запазуваме и кои таргети треба да нѐ водат во натамошниот развој.

Вие тековно работите на вториот проект финансиран од Програмата за поддршка на конкурентноста. Одлучивте, покрај сѐ, да инвестирате во фотоволтаична централа. Кои се главните параметри на проектот? И кои се понатамошните стратегиски определби на друштвото?

А. Киријас: Вториот проект е реконструкција на покрив со поставување на фотоволтаична централа од 400 kWp. Инвестицијата е во висина од околу 300 000 евра, од кои 250 000 евра се финансираат преку Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП. Инвестицијата треба да ни помогне да постигнеме неколку таргети: да ги намалиме трошоците за електрична енергија бидејќи сега цената на произведена електрична енергија од овој извор е пониска од онаа која ја плаќаме на отворениот пазар. Тоа е едниот аспект кој е значаен. Вториот аспект е нашата одговорност за животната средина. Со користење соларна обновлива енергија очекуваме намалување на СО2 емисиите за околу 250 000 кг/годишно. Користењето на енергија за производство на нашиот производ од обновливи извори е голема придобивка за нас како компанија, за нашата животна средина и за нашите партнери кои сериозно нѐ поддржуваат во напорите за развој и зголемување на вредноста на нашиот производ. Мислам дека во овој момент не можеме ниту да ги видиме сите придобивки на овој проект. Тековно го гледаме само финансискиот бенефит. Но, очекуваме и повеќе!


(Економија и бизнис. печатено издание, март 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО