Интервјуа

Бабовски: Граѓаните да бидат спокојни, храната која ја консумираат секојдневно е безбедна

Николче Бабовски

Директор на Агенција за храна и ветеринарство

Господине Бабовски, на крајот од минатата година во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана беа потпишани неколку документи. Еден од нив е поврзан и со работи поврзани со надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство, на чие чело сте. За каков документ станува збор?

Н. Бабовски: Како дел од сетот трилатерални договори кои беа потпишани во Тирана во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија и меѓу Република Албанија и Република Србија спаѓа Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храната и фитосанитарната политика. Овој договор, покрај зајакнување на меѓусебните односи во областа на увозот, извозот и транзитот на стоки, како основа ја има инцијативата која сега веќе ја преточивме и во пракса за отстранување на пречките во прекуграничната трговија меѓу трите земји, но, пред сè, со цел јакнење на економската соработка и зголемување на обемот на трговската размена меѓу Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Србија.
Олеснети се увозот, извозот и транзитот со живи животни, храна, добиточна храна, со растенија и други производи меѓу секоја од земјите потписнички на Договорот кои имаат увид во степенот на безбедност на храната и усогласеноста на националните законодавства со ЕУ-легислативата во областите кои се предмет на потпишаниот договор. Искрено се надевам дека ваквите олеснети услови за трговија меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија во иднина ќе бидат доволен предизвик во трговијата да се вклучат и оние компании од нашава држава кои досега не тргувале на овие пазари.

На ова потпишување му претходеше мошне сериозен состанок на високо ниво меѓу политичарите и пpетставниците на бизнис-заедницата од трите вклучени земји во Белград, што беше проследено со работни состаноци во Ниш кусо време по тоа. Што, всушност, се случуваше во Ниш?

Н. Бабовски: На состанокот кој се одржа во Ниш надлежните институции извршија усогласување на процедурите за олеснување на трговијата на граничните премини меѓу трите држави потписнички на трипартитниот договор. Потпишан беше и договор во кој детално беа дефинирани процедурите при спроведување на контролите на граничните премини при увоз, извоз и транзит на животни, на храна, на храна за животни и растенија, а прецизирана беше и процедурата за проверка на документацијата на граничните премини. На состанокот во Ниш беше договорено при контролите да се даде приоритет на пратките по потекло од Македонија, Албанија и Србија, и тоа со нивно минимално задржување на граничните премини.

Ова упатува на заклучок дека иницијативата „Отворен Балкан“ има сериозна амбиција да произведе конкретни опипливи резултати. И тоа досега и го испорачува. По состаноците во Ниш и настанот во Тирана, на кои присуствувавте, го имате ли и вие ваквиот впечаток?

Н. Бабовски: Секако. Од кога и официјално со почетокот на годинава заживеа иницијативата „Отворен Балкан“, полека се видливи и резултатите. Во поглед на спроведувањето на Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, на унапредувањето на соработката меѓу царинските и другите органи на трите земји, елиминирани се пречките кои претходно постоеја во трговската размена и поедноставени се постапките за размена на добра. Сите тие ја унапредуваат економската соработка во трите земји, а со тоа ги подобруваат и условите за живот на граѓаните како еден од приоритетите на секоја од земјите потписнички на Договорот.
Компаниите полесно си ја вршат работата бидејќи се поедноставени процедурите за тргување, намален е бројот на контроли, а со тоа и потребата да се вршат голем број анализи, особено на храната. Со договореното признавање на лабораториските резултати и олеснувањето на постапките, помали се и трошоците во работењето на компаниите.

Да се вратиме на она што е потпишано во Тирана, а е поврзано со вашата работа. Што овозможува конкретно потпишаното во Тирана?

Н. Бабовски: Основно е намалувањето на инспекциските контроли и формалностите при увоз, извоз и транзит на живи животни, производи од животинско и неживотинско потекло и на растенијата со кои се минимизираат и формалностите за трговија. Се намалува и обемот на документацијата. За намалување на трошоците и непотребните задржувања на граничните премини, во трговијата се применуваат ефикасни трговски процедури базирани на признаени меѓународни стандарди.
На граничните премини при увоз се врши само контрола на документацијата на увозните пратки, односно идентификациски преглед на пратките. Физичкиот преглед на пратките и земањето на мостри за лабораториско испитување (доколку се утврди потреба) наместо на граничните премини се врши на местото на истовар или на царинските терминали во внатрешноста на државите со што се избегнува и можноста за забавување или блокирање на протокот на стоки на самите гранични премини.
Олеснето е движењето на живи животни, на производите и на храната со преземање на потребни мерки за спречување на ширење на заразни болести кај животните, трговијата со небезбедна храна, како и за трговијата со растенија преку преземање на соодветни мерки за спречување на ширење на карантински болести и штетници. Сè на сè, трговијата меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија од почетокот на годинава, врз основа на потпишаниот Договор, а во рамките на иницијативата Отворен Балкан, се спроведува со координирање на активностите и со користење на техники за увоз, извоз и транзит базирани примарно на анализа на ризик, преку употреба на техники за електронска обработка на податоци од страна на царинските органи и олеснети процедури.
Надлежните органи во трите држави врз основа на Договорот меѓусебно се информираат за ветеринарно-санитарните и фитосанитарните услови за трговија. Увозот на храна и добиточна храна се врши само доколку се исполнети пропишаните услови за безбедност кои се на сила во државата увозник. Од надлежните органи заемно се признаени извештаите на официјалните овластени лаборатории за тестирање на храна, добиточна храна. Услов е при увоз пратките да бидат придружени со резултати од лабораториски анализи не постари од 4 месеци, извршени со акредитирани методи, издадени од акредитирани лаборатории. Покрај Договорот за меѓусебно признавање на лабораториските анализи, секоја од државите, согласно Договорот, го задржува и правото да ги контролира и лабораториски да ги испитува пратките при увоз доколку процени дека има потреба за тоа.

Покрај придобивките, носи ли одредени ризици овој процес на олеснување на процедурите имајќи предвид колкав напредок е досега направен во земјава во поглед на третманот на храната која влегува и излегува од земјава? Ако има ризици, што треба да прави земјава?

Н. Бабовски: Договорот е јасен. Доколку при увоз се утврди дека пратката не ги исполнува пропишаните услови за безбедност, надлежните органи на земјата увозник за тоа веднаш ќе ја известат одговорната институција на земјата извозник и ќе преземат мерки во согласност со нејзиното национално законодавство. Ова во практика значи дека дозволен е увоз само и исклучиво на безбедна храна, храна за животни и на здрави растенија и животни. Доколку, сепак, дојде до проблем, обврска е за тоа да се известат надлежните институции на земјата извозник, а одговорните институции од земјата увозник по однос на ваквите пратки треба да постапат согласно нивните закони од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните и растенијата.
Доколку постојат некакви ограничувања, надлежните органи на земјите потписнички на Договорот за тоа меѓусебно имаат обврска да се известуваат.

Да се осврнеме на секојдневното работење на Агенцијата за храна и ветеринарство која ја раководите. Со кои предизвици се соочува вашата институција? Имајќи ги предвид надлежностите и обврските, ги имате ли потребните ресурси за нивно извршување?

Н. Бабовски: Како и досега, останува предизвикот за нашата институција да продолжиме да работиме на предизвиците за справување со прашањата поврзани со безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните. Во овој момент, покрај реализацијата на тековните програми и спроведувањето на инспекциските контроли, најголем предизвик претставуваат активностите кои ги спроведуваме во Делчевско во поглед на спроведување на мерките за контрола и искоренување на болеста африканска свинска чума со која засега одлично се справуваме.
За реализација на тековните работни предизвици, но, пред сè за спроведување на инспекциски контроли, Агенцијата има потреба од поголем број човечки ресурси, поточно од инспектори.

Во последно време во јавноста циркулираат информации за појава на свинска чума, во минатото актуелни беа шапот и лигавката итн. Како стоиме како земја во поглед на ваквите појави?

Н. Бабовски: Поаѓајќи од концептот „Едно здравје“, односно од поврзаноста на здравјето на луѓето и здравјето на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано презема мерки за унапредување на националниот систем за безбедност на храна, ветеринарното и хуманото здравство. Соработката со надлежните органи во државава, но и регионално е на високо ниво секогаш кога се јавува потреба и треба да се реагира при појава на одредени болести кај животните и луѓето бидејќи тие не познаваат граници. Еден дел од болестите кај животните се опасни и за луѓето, а тоа го потврдува и науката според која околу седумдесетина проценти од заразните болести во светот се предизвикани од зоонози. Затоа за превенција, нивно спречување и искоренување неопходна е и се спроведува соработка меѓу ветеринарните и здравствените служби на локално, регионално и глобално ниво, а Агенцијата за храна и ветеринарство е дел од ваквите активности.
Климатските промени, интензивната трговија на светско ниво и многу други фактори во изминативе години ги соочи ветеринарните власти и со појава на многу нови, за земјава и регионот, досега неприсутни болести. Африканската чума кај свињите која во почетоков на месецов се појави и кај нас во две одгледувалишта во Делчевско е една од нив. Како одговорна институција, на дневна основа сме во комуникација со релевантни меѓународно признати организации и институции за здравствена заштита на животните. Со цел искористување на искуствата во справувањето со оваа болест кои веќе ги имаат други земји, Агенцијата за храна и ветеринарство е во постојана комуникација со Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ и Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО.
Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните водиме грижа за заштита на здравјето на граѓаните, од болести кои се пренесуваат преку храната, но и преку животните, преку контрола на спроведување на прописите кои се усогласени со стандардите на ЕУ и меѓународните стандарди. Ни годи фактот што во последниве неколку години, од нашите европски и светски партнери, АХВ е препознаена како лидер во регионот, но и пошироко, во спроведувањето на своите зацртани политики, во поглед на прашањата кои се однесуваат на безбедноста на храната, но и за здравствената заштита и благосостојбата на животните.

За крај, јадеме ли храна безбедна по здравјето?

Н. Бабовски: Преку воспоставениот интегриран систем за контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство обезбедува основа за имплементирање на највисоките стандарди за безбедност на храната и храната за животни од страна на операторите со храна. Граѓаните да бидат спокојни, храната која ја консумираат секојдневно е безбедна, а потврда за тоа се спроведените педесетина илјади инспекциски контроли во текот на минатата година. Постоечката законска рамка за безбедност на храната, храната за животни и здравствената заштита и благосостојбата на животните обезбедува солидна основа за производство на безбедна и квалитетна храна во нашава земја. Со контроли од страна на АХВ покриен е целиот синџир на производство и трговија со храна и храна за животни, но и сегментот на здравствена заштита и благосостојба на животни.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО