Интервјуа

Милошевски: Само со инвестирање во нови пософистицирани машини можеме да бидеме конкурентни на пазарот

Драги Милошевски

Директор на печатница „Киро Дандаро“

Најпpвин кажете ни нешто повеќе за печатницата, за нејзината „лична карта“.

Драги Милошевски: Историјата на печатницата, која во основа е историја на графичката дејност во Македонија, започнала на 12 ноември 1944 година, само осум дена по ослободувањето на Битола. На почетокот таа била занаетчиска работилница со 22 вработени, која печатела дневни весници и книги, за по седумдесет и пет години да израсне во современа графичка индустрија која има 170 вработени од различни профили и звања.
Денес печатницата се издигна на високо ниво во графичката индустрија. Работејќи по современите принципи на работење на територијата на повеќе балкански и светски држави, печатницата ја воспостави и ја одржува својата долгорочна цел, а тоа е задржување на лидерската позиција на пазарот, свесно и одговорно однесување, како и професионален однос кон потрошувачите. Нудиме целосна услуга во делот на: подготовка, доработка, офсет печат, сигурносен печат и флексибилна амбалажа.

Каде најмногу ги продавате вашите производи, кои се вашите најголеми партнери?

Бројките говорат сами за себе: вкупниот извоз е 52 % од вкупниот приход, извезуваме во над 15 европски земји меѓу кои: Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Кипар, Молдавија, Унгарија, Белгија, Холандија, Велика Британија, Шведска и др.
Од реномирани фирми за кои извезуваме, а кои се многу, би ги издвоил од Србија – Frikom и Swisslion , а од Хрватска – Kandit, Kanaan и Reviso.
Наши најголеми купувачи од Македонија се: АД Европа Скопје, АД Витаминка Прилеп, Макпрогрес ДОО Виница, АД Пивара Скопје, Прилепска пиварница АД Прилеп, Цермат ДОО Битола, АСП ДООЕЛ Охрид, Кожувчанка ДОО Кавадарци и многу други.

Кажете ни ја вашата оценка за состојбата во која се наоѓа генерално графичката индустрија во земјава.

Драги Милошевски: Графичката индустрија се наоѓа во прилично лоша состојба, која во последно време се соочува со недостиг на репроматеријали и голем раст на цените. Достапноста до репроматеријалите, посебно од земјите од Далечниот Исток, е отежната поради тоа што роковите за испорака се долги и цените за бродскиот транспорт се енормно високи. Ако досега за еден контејнер од 20 фита сме плаќале 2 500 американски долари, сега плаќаме 8 500 евра, а за контејнер од 40 фита 16−17 000 евра.
Како што растат цените на влезните суровини (input) приморани сме да вршиме промени и на цените на нашите производи за да не покажеме негативни финансиски резултати. Во 2021 година речиси три пати имавме промена во цените, но и самите купувачи имаа разбирање за состојбата и немаше некои бурни реакции.

Како работи „Киро Дандаро“ во вакви околности?

Драги Милошевски: Во вакви, иако тешки околности, ние работиме многу солидно и целиот обртен капитал го насочуваме кон навремено купување на репроматеријали. Поради „лудувањето“ на цените на пазарот на репроматеријали и нивниот недостиг, ние набавивме репроматеријали за преку 1 500 000 евра, што значи снабдени сме за најмалку 4 месеци.
Досега друштвото преку своето работење покажува финансиска стабилност, на високо ниво, како резултат на квалитетот на финансирање на средствата, како и способноста за самофинансирање на постојните срeдства и на залихите. Тековната ликвидност е тренд кој постојано се подобрува, што е резултат на зголемување на обртните средства, на залихите и на краткорочните обврски.

Една од работите од која се жалат бројни бизнисмени во земјава е состојбата на пазарот на работна сила. Тие истакнуваат дека многумина заминуваат во странство и многу е тешко да се најдат работници со соодветни вештини. Како се снаоѓате во вакви околности?

Драги Милошевски: Засега немаме проблем со ова, а тоа е најверојатно резултат на солидните плати и нивното навремено исплаќање. Во нашата компанија ќе сретнете пријателски настроени, висококвалификувани, мотивирани и посветени лица. Континуирано инвестираме во нашите вработени, во подобрување на нивните вештини.

За да им се понуди врвен квалитет на потрошувачите потребни се врвна опрема и машини. Како стои компанијата „Киро Дандаро“ во тој поглед?

Драги Милошевски: Денес технологијата со голема брзина оди напред така што само со следење на технологијата, на достигнувањата на европско и светско ниво и со инвестирање во нови пософистицирани машини можеме да бидеме конкурентни на пазарот. Нашата најнова инвестиција реализирана во 2021 година, во износ од 1 600 000 евра од реномираниот светски производител на флексо машини BOBST Bielefeld GmbH, која неодамна е пуштена во редовно производство, ќе ни донесе зголемување на капацитетот за минимум 30 %, како и врвен квалитет на печат.
Во овој момент, со оваа инвестиција, „Киро Дандаро“ ќе печати 400 тони месечно најразлична флексибилна амбалажа.

Корона кризата силно ги погоди сите сектори во индустријата. Како се справивте со неа и што презедовте како компанија за заштита на вашите вработени?

Драги Милошевски: Како и сите фирми, не можам да речам дека не сме погодени од корона кризата. Се соочивме со ситуации на подолги отсуства на вработените, отсуствата им беа платени, а остатокот од вработените мораше да работи со продолжени саати, што финансиски го оптовари друштвото.

Како влијае на вашето работење енергетската криза? Дали поскапеа суровините што ги набавувате? Како се справувате со зголемените трошоци на работење?

Драги Милошевски: Секако дека не погоди и оваа криза, цените се многу покачени, а ние сме големи потрошувачи на пропан-бутан и на електрична енергија. Доколку продолжи ваквата ситуација со цените на овие енергенси, кои уриваат рекорди, не само нашата туку и многу фирми ќе се најдат во незавидна состојба во смисла на намалување на профитот, намалување на инвестициските активности, а кај некои фирми и загуба. До почетокот на летото се надеваме дека ќе монтираме фотоволатични панели, барем за 500 kw, што во основа барем малку ќе ни ја олесни ситуацијата со цената на струјата.

Кои се вашите очекувања за 2022 година?

Драги Милошевски: И во 2022 година печатницата ќе работи со исто темпо, рентабилно, со редовно измирување на сите обврски спрема доставувачите, државата и вработените. Извозот и понатаму ќе расте, а целна група ни се светските пазари. Во 2022 година извозот ќе учествува со над 60 % во вкупната реализација, а во годините кои претстојат се очекува и пораст на вкупниот приход за минимум 20 %.
Горди сме на она што денес претставува печатницата и работиме многу напорно таа традиција да ја одржиме, со фокусирање на она што најдобро ги задоволува потребите на потрошувачите. Горди сме на фактот што сме една од ретките компании со референтна листа на завидно ниво, која зборува сама за себе.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари 2022г)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано