Интервјуа

Цеков: Канцеларијата на Скеил фокус во Скопје е најбрзорастечка во регионот

Пламен Цеков

Претседател на Бордот на директори на Скеил Фокус

Скeил Фокус ја отвори својата модерна канцеларија во Скопје. Направивте импресивен настан што ја воодушеви јавноста. Рековте дека канцеларијата во Скопје е една од најбрзорастечките во регионот. Која е причината за проширување во Северна Македонија?

П. Цеков: Скеил Фокус е ИТ-компанија со седиште во Бугарија, со повеќе канцеларии во светот и веќе ги има освоено клучните пазари како Северна Америка и Западна Европа. Нашата цел е да станеме вистински глобален субјект во индустријата за софтверски технологии и иновации и нескромно е ако речам дека сме на вистинскиот пат да станеме светски признат лидер во дигитализацијата.
Причината за проширување во Северна Македонија е дел од нашата стратегија за раст дефинирана пред неколку години. Исто така, во Бугарија, ние намерно го проширивме нашиот тим и надвор од локацијата на седиштето во Софија − со отворање канцеларии во другите градови. Сакаме да бидеме поблиску до локалните врвни таленти, а исто така да бидеме и активен играч во развојот на екосистемот. Северна Македонија беше првата земја избрана за нашиот фокусиран раст на инженерскиот тим поради многу причини: културна и географска близина, заеднички вредности и добри инженерски таленти. Темпото на раст на канцеларијата во Скопjе е неверојатно, а тоа најмногу се должи на посветеноста на локалниот менаџерски тим и начинот на кој ние континуирано инвестираме во професионалниот развој на нашите вработени. Мислам дека правиме голема разлика со нашите најдобри практики и политики, стекнати и инспирирани од меѓународните компании за кои работиме.

Колку нови работни места планирате затоа што најавивте проширување во други градови. Кои се вашите идни планови?

П. Цеков: Пред речиси 2 години дојдов во Скопје за прв пат, на покана од МАСИТ. Во 2019 година, за помалку од 6 месеци ефективни разговори со сите локални власти и владини институции, успеавме да ја отвориме официјалната канцеларија со долгорочна посветеност за раст и развој на екосистемот. Убеден сум дека ја направивме вистинската работа и навистина сум воодушевен од напредокот на развојот што го имаме тука, горд сум на локалниот менаџерски тим кој е вистинскиот мотор на локалниот развој кој се случи толку брзо за да бидат нашите планови реализирани, па дури и да бидат надминати пред предвидениот рок.
Велам предвреме бидејќи во 2019 година нашите планови беа да достигнеме 300 нови работни места за 3 до 4 години. Со моменталното темпо, бројот на вработени ќе го достигнеме уште порано.
Со постпандемичните модели на работа и користењето на онлајн состаноци и хибридната посета на канцелариите, сега планираме да собереме таленти не само во Скопје туку и во други поголеми градови во Северна Македонија. Всушност, на сличен начин го сторивме тоа во Бугарија кога се ширевме надвор од Софија − со клучни водечки луѓе, способни да менторираат и да обучуваат, создадовме локален дух и заедница кои можат да растат автономно.

Вашата компанија успеа да ги собере врвните таленти не само од Бугарија туку и од регионот. Како ИТ-компанијата се искачи на врвот и се прошири во Европа и во Америка?

П. Цеков: Многу краток одговор − со размислување надвор од рамката „outside the box“ тргнавме во нови предизвици што е можно порано. Во времето кога ја основавме компанијата, нашиот сон беше да создадеме навистина меѓународен шампион во софтверската и технолошката индустрија. И тоа не е можно без да се има меѓународен начин на размислување − ние намерно привлековме локални луѓе во нашите продажни канцеларии во Велика Британија, Германија и САД. Талентирани инженери дојдоа да работат во Софија од многу различни земји како Турција, Украина, Русија, Куба и многу други. Денес уживаме во мултинационален тим, каде нема поделби според националност, историја, религија, лични верувања, сексуална ориентација и други. Ова е многу важна основа за секоја компанија која сака да биде успешна надвор од нејзините првични граници. Тоа е уметност − да се изнајдат заедничките вредности со меѓусебно почитување и инклузија (вклучување) за деловните резултати да се извлечат од луѓето со поголеми вештини, да се создаде позитивно опкружување за секој талент кој е усогласен со корпоративните вредности.
Драго ми е што од денешна временска рамка успехот е признат не само дома туку и во светски рамки. Реномираните Форбс и Фајненшл тајмс изминативе години ја вброија Скеил Фокус во најбрзорастечките компании во Европа. Досега успешно испорачавме повеќе од 500 проекти за стотици клиенти низ целиот свет.

Академијата Скеил Фокус започнува со запишување на трета генерација студенти во овој период. Кои вештини и знаења ги стекнуваат успешните студенти и што добиваат по дипломирањето?

П. Цеков: Нашата стручна академија е вистинскиот избор за млади луѓе со амбиција, течен англиски или други странски јазици, основни или теоретски вештини во компјутерската наука и технологија. Академијата го забрзува практичното прилагодување со цел да ги подготви луѓето за комуникациски, технолошки и вештини за размислување што ќе бидат потребни во вистинско меѓународно и квалитетно опкружување.
Во Бугарија видовме успешна преквалификација од други индустрии, од луѓе кои не го студирале ова на универзитет или колеџ − луѓе од автомобилска индустрија, логистика, дури и медицина и неколку други. Клучните стручни вештини се: логично размислување, математика и некои основи на програмско-ориентирано програмирање. Клучните меки вештини се: комуникацијата, комбинирана волја за самоизразување и желба за надминување на предизвиците. Клучна потреба е внатрешната волја и вистинската амбиција да се оствари.
Затоа и сакам да ги охрабрам младите таленти да ја изберат професијата на иднината.
Да учат од најдобрите во Академијата Скеил Фокус. Годинава во Скопје започнуваме со упис на третата генерација на студенти. Успешните кадри од оваа академија веднаш добиваат вработување во компанијата. Навистина е предизвик да се откријат таленти кои своето знаење ќе го насочат во иновации за проекти кои ги работиме за клиенти од целиот свет.


(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО