Интервјуа

Николовски: Веќе 15 години работиме со водечки светски компании и најамбициозните стартапи од Силиконската долина

Игор Николовски

Генерален менаџер на Симфони дигитал Скопје

Симфони дигитал е дел од глобалната Групација Симфони. Кажете ни малку повеќе за оваа групација, за нејзините активности, каде има свои канцеларии и на кои пазари ги продава своите услуги.

И. Николовски: Групацијата Симфони е брзорастечка ИТ-компанија која, покрај решавањето на едни од најтешките предизвици во ИКТ-индустријата, амбициозно инвестира во личниот и професионален развој на своите вработени преку невообичаена интерна култура и начин на работење. Водена од мотото „people-powered technology“, веќе 15 години работиме со водечки светски компании и најамбициозните стартапи од Силиконската долина преку нашите канцеларии во Сан Франциско, Амстердам, Берлин, Лондон, Копенхаген, Цирих и Денвер. Од 2019 година, со тим од преку 50 искусни професионалци функционира и нашиот развоен центар во Скопје покрај центрите во Сараево, Белград, Нови Сад и Ниш.

Од кои сектори се корисниците на Вашите услуги и со каков профил на компании соработувате?

И. Николовски: Нашите целосно интегрирани тимови работат на дизајн и на развој на софтверски решенија и производи во индустрии како што се биотехнологија, музичка индустрија, соларна енергија и персонализирана медицина. Соработуваме со компании кои се наоѓаат на „Fortune 10“ листата со кои изградивме партнерски модел на соработка, а Симфони дигитал е исто така партнер на Google Ventures, StartX и Y Combinator.

Каква е улогата на Симфони дигитал од Скопје и на Вашиот развоен центар во овие активности? Колку Вашата работа вклучува користење на вештачка интелигенција и сл.?

И. Николовски: Развојниот центар во Скопје, заедно со инженерите од другите развојни центри на Симфони дигитал, е акцелератор на развојните процеси, односно нашите тимови во Скопје работат на развој на софтверски решенија за сите наши светски клиенти, започнувајќи од поставување на архитектурата до целосна испорака на продуктот/услугата. Користат најсовремени технологии, а работат и на машинско учење и вештачка интелигенција и проширена реалност (орг. augmented reality). Тимот на инженери од развојниот центар во Скопје одлично е позициониран во рамките на Групацијата Симфони, а нешто што оди во прилог е фактот што првиот Data Science клуб започна од Скопје и се шири и во другите развојни центри во регионот.

Како успевате да изградите успешни тимови на инженери за реализација на Вашите проекти?

И. Николовски: Тимовите ги градиме многу внимателно, низ темелен процес на селекција кој сам по себе ја рефлектира нашата култура на трансфер на знаење и искуства и континуирана поддршка. Инженерскиот mindset и желбата за раст и развој се клучен предуслов бидејќи веруваме дека сето останато може да се совлада во средина како нашата. Секој потенцијален член на тимот, низ самиот процес на селекција, добива слика за нас, како и ние за него/неа. Клучните вредности кои ги споделуваме во пракса покажуваат дека се одлична појдовна точка за градење на ефикасни тимови од експерти. На тој начин градиме тимови кои меѓусебно се поддржуваат и се стимулираат да растат додека испорачуваат додадена вредност на врвни компании во светски рамки.

Како го оценувате бизнис-амбиентот во сегментот на македонскиот пазар на кој работите? Што може да направи државава за да се олесни Вашето работење и да се направи поефикасно? Сепак, Вие остварувате нето-девизен прилив за земјава преку продажба на ум вграден во ИТ-решенија за светскиот пазар.

И. Николовски: Во духот на нашата интерна култура на поддршка се стремиме преку конкретни примери и активности да придонесеме кон подобрување на нашиот микро космос, бизнис-окружувањето, но и на нашата локална заедница. Со преземање на иницијативи кои целат кон олеснето и поефикасно работење сакаме да дадеме пример за тоа како промените можат и треба да тргнат од нас. ИКТ-секторот е еден од главните двигатели на економијата и истовремено поставува стандарди кои треба да ги следат и останатите. Конкретно, Симфони дигитал донираше значителни средства од самиот почеток на пандемијата, реализираме низа општествено одговорни активности и поддржуваме хуманитарни активности, а и се стремиме да соработуваме со мали локални бизниси кои станаа наши доставувачи и локални партнери, односно да помогнеме каде и колку можеме. Исто така стандардите кои нашиот сектор ги наметнува, а се однесуваат на работни услови, окружување, грижа за вработените и стремеж за целосен баланс на приватниот и професионалниот живот би сакале да бидат реалност за сите.


(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г) 

ПРЕПОРАЧАНО