Интервјуа

Сметаме дека доаѓа период на закрепнување и раст на економијата, особено во сегментот на храна

Интервју со Марјан Николов, Драган Лазаров и Златко Коцев, партнери во „Ботега дел Густо“

На улица „Максим Горки“ во Скопје, до Амбасадата на Швајцарија, од неодамна се наоѓа „Ботега дел Густо“, продавница на деликатесни италијански прехранбени производи. Со тоа и најпребирливите гурмани и љубители на италијанската храна од земјава добиваат можност да дојдат до производи со врвен квалитет. Разговараме со тројцата бизнис-партнери кои стојат зад овој деловен потег. За почеток, што точно се продава во „Ботега дел Густо“?

Марјан Николов: Наша главна дејност се деликатесните производи со потекло од Италија. Имаме голем избор на сувомеснати производи, и тоа: повеќе видови пршута, особено пршута парма, панчета, типични салами како наполи, милано, фелино, мортадела; како и избор на сирења: свежа моцарела буфала, бурата буфала, пармезан, азијаго итн. Ние сме увозници на сите производи директно од производителите од Италија со кои имаме одлична соработка. Во нашата продавница може да се најде и селектиран избор на паста, на сосови, на вино и на други продукти кои ја комплетираат понудата. Со цел да се доближат вкусовите до потрошувачите, од овој месец нудиме и типични италијански сендвичи во автентичен леб фокача со нашите производи.

Како дојдовте до идеја за ваква бизнис-иницијатива?

Драган Лазаров: Идејата започна многу спонтано и искрено меѓу партнерите − кои ја споделуваме љубовта кон италијанската храна и кујна. Едниот од партнерите, Марјан, подолго време живееше во Италија и често патуваше, па на секое патување имаше куп нарачки од нас. Сето тоа, колку и да беше задоволство за нас, од практичен аспект не е одржливо од причина што станува збор за храна која се консумира свежа. Направивме анализа на пазарот и увидовме дека всушност свежи деликатесни производи со потекло од Италија речиси и да нема и се ограничени на неколку селектирани маркети, и тоа во мал број, и при тоа таа понуда не ги задоволуваше пребирливите вкусови. Преку наши лични контакти во Италија се поврзавме директно со производителите од каде што ги набавуваме производите. Одлучувачки фактор за овој чекор беше несомнено и поддршката од најблиските и пријателите кои со воодушевување ја поддржаа идејата, нестрпливо очекувајќи да уживаат во врвните вкусови на Италија. Можеме гордо да констатираме дека ова е првата продавница од ваков тип во нашава држава.


Марјан Николов

Како влијаеше пандемијата со ковид-19 на реализацијата на идејата?

Златко Коцев: Ковид кризата, иако можеби во помал обем од останатите, сепак несомнено влијаеше и на прехранбената индустрија. Од друга страна, од оваа криза извлековме и вредни лекции кои дополнително нè охрабрија во нашиот бизнис-потег. Недостапноста на социјалните задоволства на луѓето се замени со поголемо уживање во домовите. Токму во тој дел се вклопуваме и ние со нашата понуда на врвни деликатесни производи. Имавме сериозни предизвици на почетокот, особено со транспортот поради ковид кризата, но и поради кратките рокови на свежите производи како што е моцарела, но сите успешно ги надминуваме. Сметаме дека доаѓа период на закрепнување и раст на економијата, особено во сегментот на храна. Нашата предност е во тоа што сме уникатни во понудата и пристапот.

По што се разликуваат производите во „Ботега дел Густо“ од она што е слично и кое може да се најде на друго место?

Марјан Николов: Се одлучивме на концептот на Ботега од причина што сакаме да носиме и да промовираме карактеристични производи. Секој регион, град и село во Италија има свои типични производи, а нашата цел е да имаме што е можно повеќе од нив и кај нас. Секој производ пред да го увеземе го избираме ние самите и го вкусуваме, па така целата понуда која ја имаме е внимателно селектирана и секое ширење на понудата го правиме на истиот начин. Воедно внимаваме при изборот, секој производ да биде приемчив за нашиот пазар и да одговара на потребите на потрошувачите. Сите производи се од врвни производители од Италија со долга традиција на докажан квалитет. Овде би ги издвоил пред сè Умберто Боски од Парма од каде што имаме најголем избор на сувомеснати производи кои се постојано препознаени и наградувани во Италија и во светот. Благодарение на нивната отвореност и посветеност во соработката со нас имаме можност и кај нас да уживаме во врвни деликатеси. Истиот пристап го имаме и со дополнителните производи кои ги нудиме како паста, сосови, вино и сл., кои ја надополнуваат понудата со цел да се заокружи приказната.


Златко Коцев

Кои се главните потрошувачи на производите од „Ботега дел Густо“?

Златко Коцев: Главно сме фокусирани на потрошувачите кои се љубители на италијанската храна, но и сите оние кои имаат изострен вкус и сакаат да пробаат нешто различно. Во нашата продавница несебично посветуваме време и внимание на секој купувач кој сака да знае повеќе за кој било производ. На наше големо задоволство, кругот на потрошувачи се шири, и тоа кај сите возрасти и најчесто преку пренесено лично позитивно искуство, што е најголема сатисфакција за нас. Се разбира, поголемиот сегмент од нашата работа е продажба на големо на селектирани клиенти − ресторани кои имаат специфична понуда во која се вклопуваме и ја надополнуваме. Градиме отворен и пријателски пристап со сите наши клиенти со кои постојано бараме нови начини на промоција. Исто така отворени сме за соработка со сите кои имаат интерес од овие производи.

Кога се работи за деликатесни производи од странство често е потребна и суптилна едукација на потрошувачите.

Драган Лазаров: Посветуваме многу големо внимание и сериозно инвестираме во едукација и промоција, сѐ со цел потрошувачите од блиску да се запознаат со потеклото и карактеристиките. Како што потенциравме, тоа го правиме непосредно во малопродажбата каде што посветуваме внимание на секој еден потрошувач, но и на настани и на промоции посветени на италијанската храна и култура. Работиме и со професионалци во сегментот на храна, кои ги нудат нашите производи со цел целосно и точно информирање. Во последниве години има нагорен тренд на популаризирање на автентичната италијанска храна, а еднаш кога ќе го откриете вистинскиот вкус на Италија, останувате посветени цел живот. За оваа наша мисија имаме голем поддршка од партнерите од Италија, како и од организациите на италијанскиот бизнис кај нас.


Драган Лазаров

Ова што го правите е и своевидна промоција на италијанската култура.

Марјан Николов: Тоа е една од нашите зацртани долгорочни цели и суштински дел на нашата работа. Мораме да потенцираме дека имаме многу голема поддршка од Амбасадата на Италија, за што сме многу благодарни. Нашето надградување и учење не запира, па постојано сме во потрага по новитети и нови вкусови со посета на производители, на саеми и на настани во Италија. Сето тоа знаење го пренесуваме и несебично го споделуваме. За ова лето имаме планирано два големи настани и ќе продолжиме во таа насока со организирање уникатни настани и кампањи со цел уште поголема промоција на италијанската храна и култура.

Дали сте задоволни од почетокот на работењето?

Драган Лазаров: Велат дека секој почеток е тежок, но ние ќе кажеме дека сѐ е полесно кога се работи со љубов и задоволство. Секој нов клиент за нас е голем успех од причина што градиме долгорочни цврсти релации врз основа на неисцрпната приказна на италијанската храна. Воедно поставуваме нови стандарди во квалитетот на италијанската храна достапна кај нас. Ова е наша пасија која не е водена од чисто лукративни цели, туку е еден стил на живот.

Какви се плановите за во иднина?

Златко Коцев: Постојано размислуваме и работиме на внесување на нови производи и проширување на местата каде што ќе може да се вкусат. Сите планови за иднината се во насока на ширење на асортиманот и во сите сегменти на храната. Новите канали на дистрибуција во комбинација со промотивни кампањи и настани се пат кон исполнување на нашите цели за ширење на понудата. Убавината на нашата работа е што имаме бескраен простор за креативност.

 


Поради пандемијата, потрошувачите сè повеќе бараат безбедни и природни производи


Лоренцо Боски, сопственик на компанијата „Кавалиер Умберто Боски“

Господине Лоренцо Боски, Вие сте младиот сопственик на компанијата „Кавалиер Умберто Боски“. Кажете ни малку за компанијата и за нејзините производи.

Л. Боски: „Кавалиер Умберто Боски“ произведува салами и шунки во Парма веќе четири генерации. Ние сè уште ги следиме рецептите што јас ги научив од мојот дедо и од мојот татко, но со помош на модерната технологија. Со посветеност и страст, нашата цел е да ги произведуваме најдобрите сувомеснати производи во Италија.

Вашата компанија е и извозник. Каде се продаваат Вашите производи низ светот? Дали пандемијата предизвикана од ковид-19 влијаеше на продажбата?

Л. Боски: Денес ние ги извезуваме нашите производи во Европа, САД, Канада и некои земји од Азија и, се разбира, во С Македонија!
Количините што ги извезуваме се зголемуваат и ние се надеваме да ги направиме нашите производи познати насекаде во светот. Поради пандемијата, потрошувачите сè повеќе бараат безбедни и природни производи. Во овој период имаме силен раст на продажбата на производи што се пакувани и сечени.

Рековте дека Вашата компанија има долга историја. Кажете ни нешто за тоа.

Л. Боски: Сè започна во 1922 година благодарение на мојот прадедо Умберто и неговата сопруга Роза. Оттогаш наваму компанијата и бројот на потрошувачи на нејзините производи постојано растат.
Наредната година ќе бидат 100 години од основањето на нашата компанија. Ќе организираме бројни настани за да ја прославиме стогодишнината.


 

Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО