Интервјуа

Дејвис: Најдобрите решенија за дизајн се оние кои проблемот го гледаат како можност

Интервју со Севра Дејвис, директор за архитектура, дизајн и мода во Британски совет

Технолошката револуција што се одвива пред нашите очи е од големо значење за квалитетот на нашиот живот во иднината, особено кога зборуваме за одржливоста на ресурсите на нашава планета. Врската меѓу дизајнерите и научниците во контекст на користењето на новите материјали е од сè поголемо значење, а откритијата на оваа тема се навистина возбудливи концепти кои експериментираат со биоинтегриран дизајн, односно решенија кои вклучуваат живи организми − на пример фасадите во архитектурата.

„Циркуларни култури“ е програма за одржлив дизајн и креативни економии на Британскиот совет, чија цел е да се промовира поголема свесност на оваа тема. Со цел да се создаде покритичен дијалог за дизајнот и циркуларноста, се работи на развивање вештини и знаења за создавање нов профил на лидери кои ќе работат на ова поле.

Во организација на Британскиот совет и Фондацијата Оназис, неодамна беше одржана онлајн конференција насловена „Циркуларни култури: Материјали“ (Circular Cultures: Materials) на која имав задоволство да присуствувам. Програмата се фокусираше на циркуларен дизајн и на материјалите, а овогодинешното издание истражуваше што ќе значи навраќањето на овие материјали и нивните својства во иднина. Што знаеме за материјалите и креативните практики што тие ги создаваат? Како влијае дигиталната трансформација на животот врз нашиот однос со нив, врз нивните синџири на вредности, врз нивната употреба и концептуалната рамка?

Британскиот совет е меѓународна организација на Обединетото Кралство за културни односи и можности за образование, со развиени програми за уметност, образование и општество.
Разговарам со госпоѓата Севра Дејвис, директор за архитектура, дизајн и мода во Британскиот совет.


Веројатно за постарите генерации е доцна за целосно да ги сменат нивните навики, но одличен процес на адаптација се случува токму преку образованието и насочувањето кон генерациите што доаѓаат. Улогата на проектите во рамките на програмата за архитектура, дизајн и мода е многу јасна во својот едукативен сегмент. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

С. Дејвис: И покрај тоа што секогаш има одредена вистина кога се вели дека како што старееме е сѐ потешко да се сменат навиките, верувам дека изминатава година во која бевме соочени со глобалната пандемија покажа дека сме поприлагодливи отколку што мислевме, менувајќи го нашиот начин на живот и работни навики. Иако не можеме да ја игнорираме трагичната загуба на животи и штетата врз глобалната економија, ситуацијата ни даде можност повторно да оцениме што е важно, а особено како заедно ќе живееме и ќе напредуваме на нашава заедничка планета. Осврнувајќи се на влијанијата кои ги има животната средина врз современиот начин на живот, климатската вонредна состојба се најде во главниот фокус во текот на изминатава година.
Една програма на Британскиот совет која има цел да се справи со промените во културата на дејствување е нашата иницијатива „Циркуларни култури“ (Circular Cultures) која ја реализираме во повеќе држави во ЕУ. Оваа програма се наоѓа под капата на „Правењето значи“ (Making Matters) на Британскиот совет, се фокусира на тоа како да развиваме нови вештини и знаења за креаторите и оние кои создаваат, но и креирање на нови мрежи во ЕУ поврзани со одржливоста и циркуларноста.

Сѐ почесто станува јасно дека во иднина улогата на дизајнерите ќе треба да се насочи кон користење на искуството, познавање и тесна соработка со науката и технологијата. Само креативноста нема да биде доволна за справување со еколошките проблеми. Можете ли да ни дадете Ваш увид во овој контекст?

С. Дејвис: Дизајнот е инхерентно оптимистичка дисциплина и кога се прави добро тој е исто така многу колаборативен. Чинот на дизајнирање е чин на намера да се замисли и да се реализира подобра иднина. Иако често зборуваме за тоа како дизајнот „започнува со проблем“, најдобрите решенија за дизајн се оние кои не само што го испитуваат проблемот од сите агли туку проблемот го гледаат како можност. Добриот дизајн, под кој мислам на крајниот производ, услуга, зграда или систем, исто така ќе ги земе предвид науката, технологијата, социјалните и економските аспекти што ќе го направат решението одржливо. Конечно, би забележала дека апсолутно добриот дизајн треба во иднина да соработува поблиску со другите дисциплини додека се движиме кон циркуларна економија. Циркуларната економија може успешно да се реализира само ако дизајнерите работат со научниците за материјали, со технолози, со креатори, како и со институции и други креатори на политики за да ги променат системите.
Нашите програми во рамките на портфолиото за архитектура, дизајн и мода на Британскиот совет во својата суштина го имаат овој колаборативен и интердисциплинарен пристап. Еден таков клучен пример е нашата програма „Правењето значи“ (Making Matters) чија цел е поттикнување на глобален дијалог за темата циркуларен дизајн. Мултидисциплинарната програма истражува како принципите на циркуларната економија можат да бидат катализатор за креативност, соработка и регенеративно размислување во рамките на архитектурата, на дизајнот и на модната практика. Признавајќи дека преминот кон циркуларна економија нема да се случи преку ноќ, програмата „Правењето значи“ (Making Matters) комбинира четири насоки на ангажман: здружување, пaртиципативно учење, кодизајн и копродукција и развој на нови вокабулари и разбирање на нeјаснотиите во јазикот што се однесуваат на циркуларната економија.

Кое е Вашето лично мислење за местото на уметниците и на дизајнерите во оваа измешана верзија на реалниот и дигиталниот свет во кој живееме?

С. Дејвис: Британскиот совет е меѓународна организација од Обединетото Кралство за културни врски и образовни можности и, конечно, нашата работа е да создадеме врска без разлика дали е преку јазик, образование или уметност. Иако минатата година сите моравме да најдеме нови начини за поврзување преку виртуелни алатки, јас сум импресионирана од сите начини што ги најдоа уметниците, дизајнерите и креативните луѓе во светот за да се поврзат во овој физичко-дигитален хибриден свет во кој сега живееме. Верувам дека уметниците и дизајнерите имаат клучна улога во создавањето можности за изразување и поврзување за глобалните предизвици додека го пробиваме патот и се движиме кон нашата заедничка иднина.
Нашата програма „Изработувајќи иднини“ (Crafting Futures) е пример кој ги преиспитува начините на ангажман во контекстот на нашиот нов начин на работа. „Изработувајќи иднини“ (Crafting Futures) поддржува одржлива иднина преку разбирање на нејзината вредност во нашата историја, култура и светот денес. Програмата обединува занаетчии практичари, дизајнери и организации од целиот свет за да ги истражат можностите за оваа одржлива иднина заедно. Додека во претходните години фокусот беше насочен кон заеднички средби, сега програмата функционира на хибриден начин и е прилагодена на потребите на локалните заедници. Нашиот инклузивен пристап значи дека програмата е отворена за занаетчии од различно потекло, средина и од која било локација. Програмата во моментов е активна во Источна Азија, Јужна Азија, Латинска Америка и пошироко во Источна Европа.


(Разговараше, Лидија Георгиева)
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО