Интервјуа

Учета Дузлевска: Силно сме фокусирани на развој на банкоосигурувањето

Вилма Учета Дузлевска

Извршен директор на Триглав Осигурување Живот

Веќе втора декада како сте на чело на осигурителна компанија како генерален директор и член на Управен одбор. Кој е мотивот да истраете и колку е големо задоволството?

В. У. Дузлевска: Со неполни триесетина години застанав на чело на компанија која во тоа време беше во почетен развој и во сегмент кој не беше доволно познат пред македонските граѓани. Но, предизвикот беше голем од повеќе аспекти: да се изгради компанија на здрави основи, да се создаде тим кој ќе биде подготвен да одговори на предизвиците, но и да се етаблира животното осигурување на едно повисоко ниво, преку збогатување на понудата на пазарот. Овие предизвици беа и мој мотив. По изминати неколку мандати, евидентни беа резултатите кои ги постигнавме. Природен процес е да оцените кога треба да создадете пред себе нов предизвик и да прифатите ново опкружување.
За мене лично преминот во нова групација беше логичен след на мојата кариера, едно ново опкружување кое е подготвено да прими докажано знаење и искуство, но и систем на корпоративно управување кој го доживувам како понатамошно унапредување во професионалниот развој. Задоволна сум од донесените одлуки, во групација сум во која исклучително се ценат резултатите. Животното осигурување е област каде што целосно се пронаоѓам професионално и убедена сум дека компанијата која ја предводам ќе биде двигател на промените на пазарот за животно осигурување во годините кои доаѓаат.

Колку минатогодишната награда Business Elite’s „40 under 40 “ за најуспешен млад бизнис-лидер од Југоисточна Европа Ви даде дополнителен елан?

В. У. Дузлевска: Оваа награда дојде во време кога мојот професионален ангажман беше на крстосница. Во тој момент водев компанија за неживотно осигурување, мојата задача беше трансформација на системот на работење и организациски промени кои не се едноставни, бараат носење на решителни, но непопуларни одлуки и со себе носат многу тешки моменти. И во таква констелација и околности, наградата пристигна како вистинско признание и мотив да се истрае во предизвикувачките моменти. Затоа ми е драга и со задоволство ја прифатив. Business Elite Awards е бренд специјално креиран за да препознае и да им даде признание на најуспешните бизнисмени во светот и да ги поврзе меѓусебно, со цел да се зголемат можностите за проширување на бизнисот и да се зголеми профитот. Голема чест ми е што Бордот составен од признати бизнисмени и јавни личности го препознаа мојот труд и ме избраа меѓу добитниците на годинашната награда. Како лидер не сум поединец и токму затоа наградата не ја гледам како сопствен успех, туку како достигнување на мојот тим и признание за моето семејство.

Градите осигурителни друштва кои бележат забележителни резултати. Kоја е тајната на успехот во услови на работа на помал пазар, а голема конкуренција?

В. У. Дузлевска: Во Вашето прашање наведовте една вистинита констатација која мене особено ми значи. Од почетокот на мојата кариера, па сѐ до денеска, сите мои професионални ангажмани биле предодредени на раст и развој на млади компании, од нивните почетоци, па до достигнување на лидерски позиции. Тоа веќе станува личен печат на мојата кариера. Ако погледнам наназад низ годините и треба да издвојам што е двигателот, секако ќе застанам кај интегритетот. И како менаџер, лидер, но и како индивидуа. Единствен начин да се успее во кое било опкружување, ако ја владеете и имате знаење од областа, е интегритетот при управувањето, етичното и праведно постапување со вработените, клиентите, деловните соработници. Се обидувам да одржувам фер систем на управување, ги слушам мислењата на моите соработници и ги поттикнувам професионално да се развиваат. Внимателно ги слушам и барањата на клиентите, нивното мислење за нас и како го валоризираат нашето работење.

Од менаџерска гледна точка, како успевате во организацијата на работните процеси и во менаџирањето на многу сектори и вработени?

В. У. Дузлевска: Почитувам и се залагам за добро воспоставен систем на корпоративно управување. Искуствено, компании со нејасно дефиниран систем на управување секогаш имаат длабоки предизвици кои тешко се решаваат на краток рок. Затоа многу е битно на кое ниво е поставена компанијата во овој домен и како се уредени правата и одговорностите меѓу сите клучни функции, но и секторски единици. Вообичаено во финансискиот сектор, корпоративното управување на највисоко ниво е регулирано со законски решенија, но во оперативните функции најчесто е оставено на групациски стандарди или пак на деловни политики на раководствата.
Мојот став е дека треба да има јасна поделба на одговорности и секој оперативен директор да го управува својот дел без двосмислени ограничувања. Тоа значи да се даде овластувања и доверба на клучните соработници и да се верува дека ќе одработат на најдобар можен начин. Децентрализацијата на управување, покрај што е добра од аспект на примена на поголема експертиза во секој посебен домен од работење на компанијата, добра е и од аспект на поголема мотивација за преземање одговорност. Управата е онаа која носи клучни одлуки и ја има најголемата одговорност, но оперативните директори се оние кои создаваат деловни процеси и најдобро ја познаваат работата во својот домен. Тоа е системот на управување кој го преферирам и кој носи добар резултат.

Какви беа движењата во осигурителниот сектор во време на пандемија? Дали се исто погодени животното и неживотното осигурување или има некоја разлика?

В. У. Дузлевска: Изминатава година сите се соочивме со досега невидени околности во поновата историја. Колку што требаше да се прилагодуваме во деловните опкружувања, толку беа големи предизвиците и индивидуално. Најголем број од економските сектори забележаа пад во приходите, но и во финансискиот резултат. И во такви околности, осигурувањето не остана имуно. Во доменот на неживотното осигурување падот од 4,8 % на вкупната премија би рекла дека беше очекуван, имајќи предвид дека зелената карта и патничкото осигурување забележаа голем пад на премијата. Кумулативно, автоодговорноста и туристичката помош забележаа поголем апсолутен пад од падот на премијата на вкупниот пазар за неживотно осигурување. Во доменот на животното осигурување, падот од 4,9 % не би го поврзала директно со пандемијата бидејќи најголем дел од компаниите на пазарот забележаа раст на премијата. Најголем релативен раст забележа токму Триглав Осигурување Живот, и тоа посебно беше забележано во последниот квартал од годината. Ваквите движења се разбирливи бидејќи сме најмлада компанија на пазарот за животно осигурување и очекувано е да растеме подимензионирано од останатите.
Сепак, и покрај падот на премијата, осигурителниот сектор остана стабилен, мислам дека сите компании успешно одговорија на предизвикот и се справија со новите околности. На македонските граѓани, и во тешки услови за работење, им овозможивме соодветна заштита, отштетните побарувања редовно се сервисираа, останавме стабилен партнер. Ова ќе го поткрепам со фактот што секторот остана профитабилен, со позитивен финансиски резултат од речиси 450 милиони денари. Се забележа раст во одредени класи за осигурување, посебно во здравственото осигурување, имотот, незгодата, но и во инвестициските унит линк производи како класа во доменот на животното осигурување. Ваквите движења даваат и еден оправдан оптимизам, дека македонските граѓани сѐ повеќе ги побаруваат незадолжителните класи на осигурување. Ние ќе зборуваме за развиен осигурителен пазар тогаш кога задолжителните класи ќе ги сведеме под 20 % во вкупната премија на пазарот. Радува фактот што животното, здравственото, па и имотното осигурување растат од година во година и тоа е една добра основа за забрзан развој на осигурителниот пазар.

Какви се резултатите на Триглав Осигурување Живот откако сте Вие на чело на компанијата?

В. У. Дузлевска: Триглав Осигурување Живот работи на македонскиот пазар полни три години и е најмлада компанија за животно осигурување во земјава. Од основањето, па сѐ до денеска поминува низ еден трансформациски процес, но најбитно од сѐ е што е поставена на здрави основи. На чело на компанијата дојдов во период кога се очекува поинтензивен развој, а по почетното поставување на основите на добро деловно работење. Во тој процес голема заслуга има сестринската компанија, Триглав Осигурување, која со својата поддршка имала клучна улога во оформувањето на темелите на компанијата. Благодарна сум што затекнав стабилно поставена компанија и исклучително голема поддршка од матицата.
Изминатите два квартала беа динамични за нас по многу основи: се формираа интерни канали на продажба, имплементиравме нов информатички систем адекватен да го поддржи планираниот интензивен развој, добивме две банки за ексклузивни соработници во продажба на животно осигурување, развивме два нови производи во исклучително краток рок итн. Сето наведено резултираше со добар деловен резултат кој му донесе на Триглав Осигурување Живот најголем релативен (80,15 %), но и апсолутен (15,2 милиони денари) раст на премијата за животното осигурување на пазарот во првиот квартал. Ваквата динамика овозможи да сме задоволни и со речиси двојното зголемување на пазарниот удел во однос на првиот квартал минатата година, на 8,22 %. Мислам дека овие показатели се примерна основа за понатамошниот развој на компанијата и да го зајакнеме Триглав како примарен избор на македонските граѓани за животно осигурување.

Колку и какви нови производи воведовте за осигурениците и каков е бенефитот од нив?

В. У. Дузлевска: Оваа година, досега, имплементиравме два нови производи. На почетокот на годината воведовме колективно осигурување за смрт од болест кој е наменет за компании, каде што осигуреници се нивните вработени лица. Креирањето на овој производ беше резултат на насока од надзорната агенција за осигурување, а со која се обезбеди доследна примена на Законот за супервизија на осигурување во контекст дека ризикот смрт од болест припаѓа во доменот на животното осигурување. Досега овој ризик се нудеше од страна на компаниите за неживотно осигурување во рамките на колективната незгода. Со почетокот на вториот квартал имплементиран е производот ризико смарт осигурување, кое е индивидуално осигурување и нуди низа привилегии за сите осигуреници кои имаат интерес со прифатлива премија да го осигураат ризикот по својот живот.
Покрај ризико производите, акцент ставаме и на класичното животно осигурување и во соработката со банките, но и во нашата секојдневна продажба. Имајќи предвид дека нашиот пазар е релативно млад во однос на животното осигурување, сметам дека класичното животно осигурување сѐ уште треба да има примат и засега го има водечкото место во нашето портфолио, но и учествува со најголем процент, над 50 % во вкупната премија за животно осигурување на пазарот. Тоа е одлична комбинација на осигурување и долгорочна заштеда.

Колку е подигната свеста за животното осигурување во РС Македонија?

В. У. Дузлевска: Ако ја изолираме изминатава година, животното осигурување забележуваше двоцифрени стапки на раст целата измината деценија. Следејќи ги почетоците, приматот беше ставен на класичното животно осигурување и беше навистина предизвикувачки да се наметне во културолошкиот пристап на нашите граѓани како дел од осигурување, но и заштеда. Како изминуваа годините, законската регулатива стануваше сѐ посеопфатна и јасно дефинирана, компаниите за животно осигурување станаа детално регулирани субјекти, а понудата на пазарот растеше низ призма на пораст и на конкуренцијата. Денеска зборуваме за сегмент од пазарот на осигурување чија понуда е целосно доближена до секој развиен европски пазар, поставени се јасни страндарди, а регулаторно сме во фаза во која транспарентноста, правилното информирање на клиентот и заштита на неговите права се примарен фокус. Пазарот на осигурување на живот е стабилен, адекватно капитализиран, ликвидноста е на високо ниво.
Сето наведено е резултат на порастот на побарувачката за животно осигурување. Иако степенот на пенетрација е сѐ уште многу понизок од земјите во регионот, треба да бидеме реални и да кажеме дека е адекватен на целокупниот економски развој. Животното осигурување е една од основите на добар економски систем во секоја развиена економија. Зошто? Тоа е финансиски производ кој има уникатна компонента на осигурување, но и на заштеда и секако е солиден дополнителен извор за заштеда за пензиски денови за клиентите. Гледајќи ретроактивно, но и перспективно, ќе заклучам дека ние сѐ уште зборуваме за пазар во развој, но со развиена свест дека ова е производ на кој сѐ повеќе граѓани гледаат придобивка од него и сакаат да го имаат во своето инвестициско портфолио.

Почнавте интензивна соработка со неколку банки во насока на развој на каналот на продажба на полисите за осигурување преку банки. Кои се Вашите очекувања?

В. У. Дузлевска: Банкоосигурувањето е успешна реалност на секој развиен финансиски пазар. Зборуваме за продажен канал кој е двигател на животното осигурување на зрели осигурителни пазари. Ние сме силно фокусирани на развој на банкоосигурувањето. Имаме успешни и стабилни соработници во овој домен, би рекла темелно посветени на овој процес, и среќни сме од можноста да бидеме нивни партнери во процесот на осигурување на кредитокорисниците.
Банките сѐ повеќе ќе ја заземаат клучната улога во овој сегмент на успешно партнерство меѓу банка, кредитокорисник и осигурителна компанија. Тука, пред сѐ, мислам на ризико производите кои имаат само компонента на заштита, без штедење, а се исклучително погодни за кредитокорисниците. Ако ги погледнеме податоците од минатата година, над 15 000 граѓани се стекнале со ризико животно осигурување преку банкарскиот канал. Тоа е дури 68 % од вкупно продадените полиси за животно осигурување на пазарот минатата година. Јасно е дека зборуваме за доминација на одреден канал на продажба и многу е јасно во кој правец ќе се движиме во иднина. Верувам дека прашање ќе биде само динамиката на проширување на видовите на производи кои ќе се продаваат преку банките, но немам сомнеж дека ова ќе биде примарен канал и на нашиот пазар.
Триглав Осигурување Живот соработува со најголем број банки на пазарот, сите соработки се скоро започнати и нашите очекувања се големи во овој домен, а посебно ќе се ефектуираат кон крајот на оваа година. Добивајќи ја довербата од повеќе македонски банки се профилираме во компанија за животно осигурување специјализирана за работа со банки. Поставивме систем на информатички и деловни процеси кои беспрекорно функционираат во работата со банките. Дедициран е исклучително квалитетен и обучен кадар кој секојдневно посветено работи на развој на овие соработки. Фактот дека партнерски се воспоставија деловни односи со повеќе банки зборува дека сме одработиле добро и сме заслужиле да бидеме достоен партнер на најсилниот сегмент во финансискиот систем во земјава.

Триглав е предводник на македонскиот осигурителен пазар. Како извршен директор на Триглав Осигурување Живот, кои се Вашите замисли за унапредување на друштвото?

В. У. Дузлевска: Имам јасна цел, како и визија каде го гледам Триглав во животното осигурување за пет-десет години. Во компанијата работи високоедуциран кадар, специјализиран во областа и докажан на пазарот. Силно верувам дека ги имаме сите предиспозиции да станеме прв избор на секој македонски граѓанин во животното осигурување.
Групацијата на македонскиот пазар има конкурентна предност со присутност на три компании. Во нашето портфолио ќе најдете сеопфатна понуда за осигурување, но и услуги во доментот на втор и трет пензиски фонд. Во изминатиов период синергиски работевме со цел да ги зајакнеме позициите во овој домен, да понудиме комплетна заштита на едно место за секој клиент на групацијата. Перспективно верувам дека оваа наша предност уште повеќе ќе ја димензионираме, а со цел унапредување на корисничкото искуство, но и нашето заедничко дејствување. Групацијата на македонскиот пазар има силен капацитет да остане предводник на сите софистицирани процеси кои се случуваат во осигурувањето, а кои ја прават разликата во интерес на секој наш клиент.
Триглав Осигурување Живот ќе расте и ќе се развива, тоа е неминовен процес кога ги имате сите предиспозиции кои ги наведов. Очекувано е дека пазарот ќе расте, позициите на компаниите ќе се менуваат, ќе доминираат оние кои знаат како да постават фер однос со клиентите, деловните соработници, но и со конкуренцијата.

Какви се натамошните планови и што би препорачале за иднина, што да се очекува во постковид периодот?

В. У. Дузлевска: Ако ги следиме официјалните макроекономски проекции, кои се многу амбициозни, тогаш би требало да очекуваме понатамошен раст и развој на пазарот на животно осигурување. Ова е под претпоставка да нема драстични промени во даночната регулатива. Ние сме оптимисти дека ќе има понатамошно раздвижување на пазарот, зголемување на вкупната премија и продолжување на трендот на развој на овој сегмент. Искуствата покажуваат дека земјите што имаат развиен финансиски сектор уживаат побрз и постабилен долгорочен развој, а осигурувањето, пак, претставува една од важните алки за економскиот раст во националната економија. Секторот за осигурување не само што презема ризици и го намалува негативното влијание на штетните настани туку и придонесува за развој и на целокупното стопанство преку мобилизирање на заштеди, алокација на капиталот, намалување на невработеноста итн.
Придобивките од развиен осигурителен сектор се бројни и ние сите заедно како општество мора да поработиме повеќе на неговиот понатамошен развој, посебно на развојот на незадолжителните осигурувања. Затоа битно е да се вратиме на местото од каде што се почнува, образовниот систем, да им посветиме на новите генерации повеќе време и средства за јакнење на финансиската писменост. Би требало да поттикнеме и отворена дебата за дополнителни олеснувања во даночната регулатива која го опфаќа животното осигурување. Ако сме на патот чија крајна цел е високоразвиен осигурителен пазар, тогаш мора да излеземе од нашата златна средина и да продолжиме решително да градиме позитивни искуства, задоволни и заштитени клиенти и пазар кој ќе биде еден од столбовите на економскиот развој.


 Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО