Интервјуа

Силвестри: Италија отсекогаш била меѓу најзначајните трговски партнери на Северна Македонија

Интервју со Н. Е. АНДРЕА СИЛВЕСТРИ, aмбасадор на ИТАЛИЈА

Амбасадоре Силвестри, пред година дена, на почетокот на пандемијата предизвикана од ковид-19, Италија беше една од најтешко погодените земји. Каква е ситуацијата сега, како напредува процесот на вакцинирање и кога се очекува одредена нормализација на животот?

A. Силвестри: Италија беше сериозно погодена од пандемијата од ковид-19 со над 4 милиони заразени и околу 125 000 смртни случаи. Сепак, нашата земја се спротивстави давајќи пример за пожртвуваност и солидарност, и благодарение на таа пожртвуваност на сите граѓани беше можно да се спречи ширењето на вирусот. Исто така благодарение на започнувањето на масовната кампања за вакцинација (над 30 милиони аплицирани дози заклучно со крајот на мај, односно околу половина од населението, од кое над една третина ги примија двете дози) се овозможи олабавување и надминување на голем дел од рестриктивните мерки воведени во последниве месеци. Во овој контекст, нашата Влада донесе одредби за постепено враќање на економските и социјалните активности. Во согласност со здравствените протоколи, баровите и рестораните, музеите, кината и театрите и, на крајот, и спортските сали, повторно се отворија. Постои големо задоволство кај населението за постепеното враќање кон нормалноста, кон општествената димензија за која сме многу приврзани. Исто така постојат знаци на закрепнување во областа на производството, особено во однос на надворешната трговија. Воведените мерки се ажурираат според еволуцијата на заразата во различните региони, но постои општ тренд кон повторно отворање, тренд кој треба да се применува со претпазливост и одговорност. Се надеваме дека ова лето, преку т.н. green pass , ќе се овозможи враќање кон една понормална ситуација и во однос на патувањето од и кон Италија. До денес овој процес е сè уште во тек, затоа ве поканувам да ги посетите веб-страницата и социјалните медиуми на нашата Амбасада за да ги проверите одредбите кои се однесуваат на влез во нашата земја.

Италија е земја со мошне динамичен политички живот каде што владите имаат тенденција често да се менуваат. Неодамна именувана е нова влада на чие чело е поранешниот гувернер на централната банка Марио Драги. Кои се нејзините главни приоритети?

A. Силвестри: Италијанската Република, која овие денови слави 75 години од постоењето, се заснова на парламентарен систем во кој е можно да се формира нова влада доколку формирањето е одобрено и од двата дома. Од оваа причина не е невообичаено за време на еден мандат да има повеќе влади. Сепак, дозволете ми да кажам дека сите тие влади цврсто го задржаа западното и европското сидро, вистинскиот водич на нашата надворешна политика. Ова особено се однесува и на извршната власт предводена од премиерот Драги, личност која ужива апсолутен престиж на меѓународно ниво. Кога претходната влада немаше веќе доверба од Парламентот, се чинеше природно да се прибегне кон поранешниот претседател на ЕЦБ за да се справи со двете итни состојби, односно борбата против ковид-19 и презентацијата на националниот план за користење на средствата од „Next Generation EU “. Ова беа две вонредни состојби со кои со голема решителност оваа Влада се справи, со целосно политички карактер, во која учествуваат поголемиот дел од италијанските партии. Приоритет сега е комбинирање на надминувањето на пандемијата и економското закрепнување, со реформи и инвестиции кои овозможуваат соочување со големите предизвици на иднината на одржлив начин.
Во однос на надворешната политика, и новата власт останува многу приврзана кон Балканскиот Регион и цврсто ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија. Блискиот однос и пријателството неодамна повторно беа потврдени при средбата на претседателот Пендаровски со нашиот претседател Матарела, одржана на 26 мај во Рим, по повод одбележувањето на Св. Кирил, чии мошти почиваат во Базиликата на Св. Климент.

Постои значителен простор за продлабочување на тековната економска соработка меѓу нашите две земји. Според Вас, во кои области би можело тоа да се направи?

A. Силвестри: Традиционално, економската соработка меѓу нашите две земји е многу добра. Италија отсекогаш била меѓу најзначајните трговски партнери на Северна Македонија. Секако, постојат можности за уште поинтензивна соработка и трговска размена. Услов за овие можности да се реализираат е да се подобри инфраструктурната поврзаност на земјата (ова посебно се однесува на неадекватната инфраструктура по должина на Коридорот 8, но и на повеќемесечното отсуство на редовни авионски линии со Италија), да се гарантира правната рамка и владеењето на правото, што би продонело да се надмине постојната перцепција за високо ниво на корупција во сите сфери.
Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека има интересни можности за зголемување на присуството на италијанските фирми преку „гринфилд“ инвестиции во речиси сите сектори од лесната индустрија како високотехнолошките, автомобилската индустрија, металопреработувачката итн. Овие инвестиции би го искористиле поволниот даночен режим, посебно во слободните економски зони, преференцијалниот царински режим, како и географската близина на европскиот пазар и квалификуваната работна сила со конкурентни цени. Сметам дека постојат неискористени можности за извоз и на италијански производни машини и технологија во многу сектори.
Во овој контекст, задоволство ми е да најавам дека работиме на голем број конференции во секторите земјоделство, прехранбена индустрија и животна средина, сектори кои во Италија се многу напредни. Сигурен сум дека италијанското искуство, од технолошки и организациски аспект, и од аспект на општествена и еколошка одржливост, може да даде позитивен придонес кон модернизацијата на македонското земјоделство и прехранбена индустрија.

Ако претпоставиме дека Албанија е една од главните влезни точки за италијанскиот извоз на Западен Балкан, колку е важно да се инвестира во унапредување на инфраструктурата и поврзувањето на нашата земја со Албанија и дали е Италија, заедно со ЕУ, расположена да ги поддржи ваквите инвестиции?

A. Силвестри: Откако сум дојден во вашата земја, со задоволство забележувам дека иако за најзападна точка на Коридорот 8 се смета пристаништето Драч, реално тој тргнува од Бари и други пристаништа на италијанската страна од Јадранското Крајбрежје. Од оваа причина, Италија отсекогаш гледала со многу внимание на овој коридор и секогаш силно го поддржувала процесот на неговото инфраструктурно комплетирање. Во 2017 година, на средбата во рамките на Берлинскиот процес во Трст, беа доделени 194 милиони евра за нови инфраструктурни проекти од кои 70 милиони евра без доделени на Северна Македонија токму за железничката линија по должина на источниот дел од Коридорот 8 (Бељаковце − Крива Паланка). Четири години подоцна, Северна Македонија имаше голем напредок во реализацијата на Коридорот 8 со помош на меѓународните финансиски институции: ЕБРД (Европската банка за обнова и развој) ја финансира изградбата на првите два дела од железницата кон Бугарија, додека на западната страна кон Албанија предвидено е да се гради целосно нова електрифицирана железничка линија при што само првата фаза ќе чини 426 милиони евра. Сигурен сум дека и за овој проект нема да изостане европската поддршка.

Како да ја зголемиме нашата соработка и во други области како што се културата, образованието итн.? Дали има конкретни активности или активности што се планирани?

A. Силвестри: Секако, постои можност да се направи уште повеќе во полето на културата, област во која Италија традиционално се смета за „суперсила“, поради важноста на своето уметничко, музичко и книжевно наследство, за убавината на нејзините градови и пејзажи (ние сме прва земја по бројот на области признаени од УНЕСКО заедно со Народна Република Кина), како и по виталноста на нејзината современа сцена. Потпирајќи се на овие ресурси, нашата Амбасада веќе неколку години организира низа настани кои сега станаа трајни настани на сцената во Северна Македонија. Зборувам на пример за Неделата на италијанскиот филм што се одржа минатиов месец во Кинотеката во Скопје, за Денот на дизајнот што ќе го организираме во јули, за Неделата на италијанскиот јазик и култура што ќе се одржи во октомври и која оваа година ќе биде посветена на големиот поет Данте Алигиери, автор на Божествената комедија, на 700-годишнината од неговата смрт − и конечно, на Неделата на италијанска кујна во светот што ќе се одржи во ноември и ќе ги валоризира аспектите поврзани со општествената традиција и квалитетот на исхраната. Покрај овие настани, работиме заедно со министерствата за култура и образование на Северна Македонија за да развиеме повеќе заеднички соработки во областа на универзитетското образование (постојат бројни партнерства меѓу италијанските и македонските универзитети, а дури 1 000 македонски студенти студирале на нашите факултети во последниве 15 години благодарение и на понудените стипендии), како и во областа на реставрацијата, археологијата и музеите (во наредните месеци ќе организираме неколку важни изложби, почнувајќи од онаа посветена на Рафаело во октомври на која домаќин ќе биде Археолошкиот музеј). Не смееме да заборавиме дека од март 2018 година, италијанскиот јазик е вметнат во наставната програма за основните училишта. Тоа е одлична можност за македонските семејства не само да им овозможат на своите деца да научат врвен јазик на културата туку и да научат јазик многу корисен и на професионално ниво, земајќи ги предвид трговските размени и можностите за работа со нашата земја.

Климатските промени се важен предизвик за С Македонија. Што презема Италија на тој план?

A. Силвестри: Оваа година Италија е копретседавач на COP 26 заедно со Обединетото Кралство при што ќе се посвети големо значење на вклученоста на младите во борбата против климатските промени, преку организација на настанот Youth4climate во Милано во септември. Во секој случај, прашањето за одржливост на животната средина е клучно. Две третини од амбициозниот план што го претставивме во Брисел на крајот на април за користење на средствата од Next Generation EU се базираат на проекти за дигитализација и екологија. Целосно поглавје од планот е посветено на еколошката транзиција со која се занимава новото министерство што го создадовме. На крајот на краиштата, ова се сектори во кои веќе се наоѓаме во првите редови според успехот: ние сме всушност првата земја во ЕУ за учество на обновлива енергија и потрошувачка на енергија по единица производ. Но, исто така сме први во Европа за намалување, за истиот производ, на количината на материјал што се користи во производните циклуси и имаме најголем процент на рециклирање на целосната количина на отпад како дополнителен доказ за нашата решителност да ја трансформираме нашата економија на одржлив начин. Италија е втора земја во светот според способноста да извезува технолошки напредни „зелени“ производи. Сите теми ги следиме и ги развиваме и во рамките на нашето претседателство со Г20, промовирајќи инклузивен и одржлив развој.

Како гледате на евроинтеграцискиот процес на нашата земја?

A. Силвестри: Италија е цврсто убедена дека се создадени сите услови за да се продолжи уште веднаш со усвојување на преговарачките рамки и со свикување на меѓувладината конференција за Северна Македонија и Албанија, спроведувајќи ја Одлуката донесена од Европскиот совет во март 2020 година и така избегнувајќи ризици поврзани со нови одложувања. Ние исто така сме против вклучување на дополнителни услови поврзани со историски и идентитетски прашања во преговарачкиот процес. Ние не го направивме тоа кога други земји блиски до нас, со кои исто така сме имале конфликти во минатото, влегоа во Унијата. Основната филозофија на Европската Унија е всушност да се надминат конфликтите од минатото, насочувајќи се кон заедничка иднина, без да се остане заложник на историјата. Со оглед на кажаното, се надеваме дека билатералните прашања меѓу Скопје и Софија, кои се сè уште во тек, можат да бидат решени што е можно побрзо на прифатлив начин за двете страни и ги покануваме двете земји да вложат максимални напори за тоа во согласност со одредбите на Договорот за пријателство и добрососедство. Како што неодамна рече министерот за надворешни работи Ди Мајо, би било „историска грешка да се остави Западен Балкан надвор од ЕУ“. Проширувањето кон овие земји е всушност во интерес на Европа и на сите нејзини земји членки бидејќи тоа ќе гарантира стабилност и просперитет на регионот. Сите реформи направени во Северна Македонија во оваа фаза во секој случај ќе бидат корисни, правејќи ве поподготвени за почетокот на преговорите, а граѓаните ќе ја чувствуваат придобивката од приближувањето кон европските и западните стандарди. Како што кажав, повторувам, не се сомневаме дека судбината на вашата земја е само во ЕУ, од географски, културни, општествени и економски причини, и со нетрпение очекуваме да станете дел од нас, во истото европско семејство.

Италија е еден од светските гиганти кога станува збор за фудбалот. И тука има многу нејзини навивачи. Доаѓајќи од земјата на фудбалот, кои се Вашите очекувања од претстојното ЕП 2021 и шансите на азурите?

A. Силвестри: Навистина, Италија е голема сила во фудбалот, има освоено четири светски првенства, ист број како Германија и само едно помалку од Бразил. Ние не сме фаворити за ЕП 2021, но несомнено имаме добар тим кој успеа да ги добие сите натпревари од квалификациската рунда. Ова е благодарение и на водството на мотивирачки и способен тренер како Роберто Манчини кој успеа да создаде убав спој на искусни и талентирани млади играчи, комбинирајќи ги нашите традиционални одбранбени вештини со модерна и агресивна игра. Првиот натпревар ќе се одигра во Рим, на 11 јуни, меѓу Италија и Турција. Не сме имале многу среќа со победи на европските првенства, нашата последна победа (засега единствената) датира од 1968 година. Значи, се надевам дека овој пат е оној вистинскиот за победа. Напред азури − Forza Azzurri!

Ви благодарам за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО