Интервјуа

Џиков: Нашиот предизвик сè повеќе станува обработката на податоците, a не самите податоци

Бојан Џиков

Косопственик и генерелен директор одговорен за операции и информатичка технологија на Таргет Груп

Господине Џиков, разговараме за темата бонитет, бонитетен извештај, бонитетни агенции. Што се и како функционираат бонитетните агенции во светот?

Б. Џиков: Бонитетните агенции се едни од клучните играчи во светската економија. Tие се неутралната страна во односот меѓу кредиторите и должниците. Нивната улога е да дадат оцена за способноста на одреден должник (држава, компaнија, индивидуа) да сервисира долг врз основа на длабински анализи на тековни и историски податоци. Сите бонитетни агенции користат различни интерни методологии и скоринг модели за пресметка и прикажување на резултатите од нивните анализи. Важно е да се напомене дека ниедна методологија не е совршена и затоа е важно кредиторите (банките, компаниите и сите други типови на кредитори) да се консултираат со неколку бонитетни агенции пред да донесат одлука. Доказ дека ниеден метод не е 100 % сигурен е случајот со Грција кога во 2008 година земјата доби највисоки оценки од најголемите четири бонитетни агенции, a неколку месеци подоцна се најде на таканаречената PIIGS листа на држави кои мораа да бидат спасени од ЕУ. Важно е да се напомене дека бонитетните агенции се и многу важен извор на податоци за разни истражувања на пазарот, маркетинг-активности и грижа за корисници.

Што е бонитетна оцена и кои се придобивките и предностите од тоа да се има таа информација?

Б. Џиков: Бонитетната оцена всушност е тоа што го дава правото на една компанија да се нарече бонитетна агенција. Бонитетната оцена е резултат на сложени квалитативни и квантитативни финансиски анализи со кои се настојува да се прикаже работењето на една компанија од повеќе аспекти. Придобивките се многу јасни, самата оцена го скратува времето на носење одлуки со тоа што некој друг веќе ги направил сите потребни анализи за корисникот да донесе брза и паметна деловна одлука, без разлика дали станува збор за лице од служба за продажба, наплата, маркетинг, финансии, кредитирање, менаџмент или слично.

Која е улогата на Таргет Груп на домашниот пазар на бонитетни агенции?

Б. Џиков: Таргет Груп е единствена домашна бонитетна агенција во државава. Во Македонија дејствуваат уште неколку глобални бонитетни агенции кои претежно се инволвирани во делот за осигурување на побарувања и се фокусирани на компании кои работат со странство. Постојат и други иницијативи, но реално во овој момент тие се само агрегати на податоци кои не даваат бонитет, односно не му помагаат на клиентот во процесот на носење на паметни деловни одлуки. Од тука прoизлегува и нашата посветеност да работиме на креирање услови за создавање законски можности за регулирање и развивање на оваа дејност која е клучна за развојот на економијата. Затоа ја користам оваа прилика да ги повикам претставниците на државните институции да ги разгледаат европските закони за оваа дејност и да овозможат развој на овој сектор. Секако, ние како Таргет Груп сме спремни да асистираме со сите наши локални и интернационални искуства и соработници.

По што се разликува бонитетниот извештај на Таргет Груп од останатите извештаи кои се нудат на пазарот?

Б. Џиков: Како што напоменав претходно, Таргет Груп е единствената домашна компанија која нуди бонитет, а со тоа и бонитетен извештај што, всушност, претставува приказ на сите анализи кои се направени за да се стигне до самата оцена. При изработката на нашите бонитетни извештаи, можам да кажам дека користиме најголема приватна база на деловни податоци која постојано ја ажурираме и ја надополнуваме. Дополнително, како приватна компанија посветено работиме да бидеме во тек со сите најнови светски практики, нормално во граници на тоа што е достапно на пазарот за информации. Тука е многу важно да се напомене дека нашава држава е држава со најзатворен систем за информации во регионот во споредба со соседна Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Албанија. Во државите од регионот сите податоци за правните субјекти се јавно достапни и публикувани за бонитетните агенции да можат да работат и да бидат поддршка на стопанството. За жал, во Македонија се прави сè тие податоци да не бидат достапни за бонитетните агенции заради небулозните договори за набавка и користење на податоците, економско неисплатливи цени на податоците, па да не навлезам и во делот на користење на најразлични злоупотреби на позиција и моќ за да се наштети на нашата компанија и индустријата.

Зошто токму сега е важно да се провери бонитетот на компаниите? Како може информацијата за бонитетна оцена да им помогне на бизнисите при носење на паметни деловни одлуки во време на финансиска криза предизвикана од ковид-19?

Б. Џиков: До пред извесно време, во процесот на продажба слушавме изговори од типот „јас одлично ги познавам моите соработници, со нив работам со години“. Колку и да е убаво ова да се слушне, финансиската криза предизвикана од ковид-19 влијаеше на сите нас како индивидуи, а да не зборуваме за бизнисите. Многу бизниси беа затворени или пак имаа значително намален промет со што директно им е загрозена ликвидноста, дури многу бизниси кои до пред извесно време ги знаевме како добри и стабилни со години сега се на работ на егзистенцијата. Минатата година многу бизниси кои беа на работ на пропаѓање не пропаднаа бидејќи со економските мерки на Владата им беа одложени обврските по кредити и беше стопирана можноста за отворање стечај. Дополнително, преку истите мерки беше вбризган голем износ средства за да им се даде можност да преживеат и сега прашањето е кој од нив ќе преживее. Како и да е, животот/бизнисот мора да продолжи, мора повторно да почнеме со градење на односите и на довербата. Затоа проверката на бонитетната оцена е од клучно значење во овој момент и ќе помогне да ги издвоите бизнисите кои се функционални од оние кои тонат. Бонитетната оцена ќе помогне да утврдите кои бизниси имаат нови лимити на изложеност, да дознаете кои потенцијални соработници се способни да ги консумираат вашите производи и услуги. Со други зборови, ќе ви помогне да донесете паметни деловни одлуки.

Бизнисот во земјава сè повеќе добива регионален карактер. Како стојат работите во однос на понудата на бонитетни и деловни информации за компаниите од регионот?

Б. Џиков: Како личност која се врати од САД во Македонија за да ја видам оваа земја како се развива и да учествувам во тој процес, особено сум среќен што гледам дека македонската индустрија сè повеќе и повеќе излегува надвор од границите на државава. Ние во Таргет Груп ја увидовме потребата за пристап до податоци за компании од земјите од регионот и во соработка со нашите партнери од Adria Business Information Network за многу кратко време успеавме да овозможиме пристап до бонитетни оцени и податоци за сите правни субјекти од Република Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Овие податоци се достапни преку платформата БизнисМрежа.мк и преку нарачка на индивидуални бонитетни извештаи. Активно работиме да ја надополниме платформата со податоци за компании од други држави со што во скоро време се надеваме дека на македонските компании преку БизнисМрежа ќе им овозможиме пристап до податоци за компании од соседна Бугарија, Албанија, Романија и Босна. Ми претставува особено задоволство што Фондот за иновации и технолошки развој го препозна нашиот квалитет и го поддржа развојот на платформата БизнисМрежа.мк и ЦИС-системот за регионална интеграција.

Што е Adria Business Information Network и која е улогата на Таргет Груп во оваа организација?

Б. Џиков: Adria Business Information Network е иницијатива на бонитетни агенции од земјите од регионот, секоја лидер на својот пазар, која настојува преку размена на знаења, на искуства и на податоци да овозможи подобри услуги на пазарот за деловни и бонитетни информации. Таргет Груп има активно учество во оваа иницијатива и e една од компаниите иницијатори за формирање на регионална бонитетна агенција која ќе биде пандан на големите светски агенции кои дејствуваат во регионот. Се надеваме дека во брзо време по смирување на ковид-19 кризата ќе бидеме домаќин на следниот собир на членките на оваа организација.

Какви новитети може да се очекуваат од Таргет Груп и кои се плановите на компанијата на краток, но и на подолг рок?

Б. Џиков: Времето ни покажа дека заврши времето кога се залагавме за поголем пристап до информации, податоците веќе се насекаде околу нас. Aко пред 8 до 10 години зборувавме за гигабајти и терабајти, денес веќе се зборува за петабајти, хексабајти, зетабајти, па дури и јотабајти во некои екстреми. Нашиот предизвик сè повеќе станува обработката на податоците, a не самите податоци. Затоа Таргет Груп работи на големо преструктурирање во моментов, кое на компанијата ќе ѝ овозможи да се развива во добата на процесирање на податоците. Во изминатиов период успеавме да склучиме многу партнерства и да го прошириме обемот на работа во неколку различни сектори и држави, за што сум особено горд. Она што можам во моментов да кажам е дека работиме на три нови системи кои наскоро ќе бидат лансирани на локалниот пазар, од кои два ќе бидат системи за анализа и обработка на податоци и едниот ќе биде систем што ќе треба да прерасне во регистар на сите побарувања, односно систем што ќе ја надополни бонитетната оцена на Таргет Груп со податоци во реално време за платежната дисциплина на компаниите. На подолг рок, заедно со нашите партнери и потенцијални инвеститори разговараме и разгледуваме опција да прераснеме во акционерско друштво со што ќе го олесниме пристапот до средства потребни за непречен развој на овој бизнис, а воедно и ќе ја направиме фирмата поблиска до стопанството на кое му служи.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО