Убава Македонија
ЕЗЕРАНИ
Автор: Александар Матески
Иако денес се актуелни и се големи грижите за ниското ниво на Преспанското Езеро, археолошките истражувања и локалните легенди раскажуваат дека езерото во минатото имало и значително понизок водостој. Такви легенди ќе слушнете во Туминец, во Мала Преспа во Албанија, каде сѐ уште се познаваат делови од старото село кои се наоѓаат покрај самото езеро, а голем дел се под вода. Селото Наколец се наоѓало многу повнатре во денешното езеро, постојат сведоштва дека северно од Коњскиот Полуостров се наоѓало старо село Саракиново итн. Дури ќе чуете и дека старите рибари често пати во нивните мрежи наоѓале домашни садови, делови од разбој и слично. Дали тоа е само дел од локалниот фолклор или има вистина и не е толку битно, но факт е дека езерото историски значително варирало во својата површина.
Паркот на природата „Езерани“ го опфаќа подрачјето на северниот дел од Преспанското Езеро започнувајќи од населбата Сир Хан, па сѐ до селото Асамати.
Република Македонија локалитетот со Закон го прогласи за Парк на природата во 2012 година. Резерватот опфаќа површина од 1917 ha од кои преку илјада хектари се копнена површина, а остатокот е водна површина. „Езерани“ претставува Рамсарско Подрачје во кое е евидентирано присуство на 300 до 1000 единки кадроглав пеликан, 150 до 500 единки обичен белоглав пеликан, воден бик итн.
Дека Паркот на природата „Езерани“ е од огромно значење за биодиверзитетот зборува и фактот што на тоа подрачје регистрирано е присуство на 216 видови птици. Тоа е дури 2/3 од вкупниот број видови птици во Македонија или над 40 % од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Од растенијата најзастапени се трската и шамакот. Скриени во трската може да сретнете и кајчиња кои ги користат рибарите. За жал, еден голем дел беше опожарен во 2019 година. Интересно е што во постарите извори од пред повеќе од еден век се наведува дека населението кое живее во селата во близина на блатото страда од т.н. „блатна треска“. Се споменува дека преку летото ретко останувал човек кој не добивал треска. Доволни се само стотина испешачени метри за да сретнете некој влекач и водоземец. Интересно е што овде се наоѓа и ждрепката (ждребица), змија која може да достигне должина и над два метри. Ја има и во други краишта во Македонија, не е отровна и се смета за една од најголемите змии во Европа.
Во паркот се поставени и видиковци од кои може да се набљудуваат птиците. Се чини дека интересот за проучување на птиците е многу поголем на југ, особено во Малото Преспанско Езеро, па многу често на островот Свети Ахил може да се забележат странски туристи кои мирно со часови ги проучуваат и ги набљудуваат птиците.
Посебно интересна е приказната за обидот за пресушување на Преспанското Езеро, која датира од почетокот на XX век. Според неа, во време на турскиот режим богат турски бег се здружил со ресенскиот првенец И. Стрезов и направиле план за пресушување на дел од езерото под услов пресушените предели да му припаднат и да бидат експлоатирани од него. Планот за прокопување, односно проширување на каналот кој ги сврзува Преспанското и Охридското Езеро пропаднал по потрошени грамадни суми пари и време. Каменарите кои биле ангажирани не успеале да ги разбијат и да ги рашират влезовите на подводните пештери.

Голем дел од топонимите се поврзуваат со присуството на вода, а дел и потврдуваат за големите варијации на езерото низ историјата. Така, прво треба да се спомене с. Езерани, с. Подмочани (коренот е во зборот мочуриште), с. Рајца (претпоставки има дека доаѓа од словенскиот збор „раја“ што значи блато, мирна вода, мочурлив терен) итн.
Најбитна улога во паркот „Езерани“ има Голема Река чиј извор се наоѓа во близина на с. Крушје на Плакенска Планина. Други реки кои го хранат езерото со вода од македонска страна се Источка Река, река со многу променлив водостој и Брајчинска, Кранска и Курбинска Река кои водните текови ги формираат од подножјето на Баба Планина.
Ако сакате да го погледнете овој богат жив свет, задолжително користете соодветни обувки и облека, а понесете и фотоапарат.
(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2020г.)