Убава Македонија
ЛАКО СИГНОЈ И ОТЕШЕВО
Автор: Александар Матески
За разлика од почесто посетуваниот врв Магаро, Лако Сигној е полесно пристапен врв на Галичица, кој сепак нуди многу интересна панорама над двете најголеми македонски езера. Висок е 1 984 м н. в. и има одличен пристап по широк земјен пат. Од асфалтниот пат потребен е само еден час за да се изминат трите километри и да се пристигне на врвот. Доколку се качувате во зима, имате големи шанси покрај уживањето во снегот од двете страни на планината да видите големи магливи басени наместо две големи езера. Галичица е позната и по чудните топоними. Овој е можеби најчудниот. Постојат раскажувања од локалното население дека во минатото Манастирот „Св. Наум“ поседувал многу овци кои се напасувале во овој дел. Поради честото присуство на овците на врвот на планината, местото било наречено „Вакафски Гној“. Денешниот топоним според нив е само погрешен запис на вистинското име. Може и да не е вистина, но сепак легендата за името е интересна и се пренесува.
Од Лако Сигној, во правец кон Преспанското Езеро, се гледа и понискиот врв Томорос. Во делото „Топономастички белешки од реонот на Галичица“ од д-р Петар Илиевски забележано е дека овај чуден топоним има илирско потекло. Дури и во македонскиот говорен јазик е образуван глагол (се) потомори што значи ‘се скри, се загуби, го изеде темнината’.
Инаку сличен топоним има и во Централна Албанија. Националниот парк и планината Томор се познати и како свето место за христијаните и бектешите. На врвот на Томор, кој со своите 2 416 м н. в. е највисок врв во Централна Албанија, се наоѓа и турбе.
Во близина на врвот Томорос над с. Отешево сè уште стојат конструкциите од ски-центарот кој, за жал, одамна на е во функција.Тука во 1917 година ќе се одигра и силен бој за освојување на овие стратешки висини над Преспанското Езеро.
Во подножјето, веднаш до Преспанското Езеро до автокампот Отешево, се наоѓа и Споменикот за Преспанското советување. Изграден во 1973 година од познатиот прилепски скулптор Јордан Грабул, овој интересен споменик висок 9 метри е посветен на Преспанското советување кое се случило во близина на оваа локација на 2 август 1943 година, а на кое ќе бидат донесени одлуки за формирање покрупни единици на НОВ, за засилување на активностите за формирање на легални органи на народната власт и за започнување со подготовки за свикување на АСНОМ. За жал, споменикот е во лоша состојба. Отешево се споменува и како местото каде што ќе бидат спроведени и репресивни мерки во 1945 година.
Денес повеќе од актуелна и загрижувачка е состојбата со водостојот на Преспанското Езеро. Жителите на овој крај за протокот на водата под Галичица знаеле уште многу одамна. И многу легенди и локалитети се поврзани токму со овој природен феномен. Еден од тие археолошки локалитети во Отешево е Черти Камен. Оваа голема карпа на патот Отешево − Стење е врзана со преданието Св. Ѓорѓи ги изгонува ѓаволите и ја спасува Преспа од поплавување. Името на карпата има старословенско потекло и во превод значи ‘ѓавол, демон’. Според преданието, неколку ѓаволи за време на една ноќ сакале да го затворат овој проток и да ја поплават Преспанската Котлина. Тие зеле еден голем камен и го поставиле на местото каде што истекувала водата. Сепак, забележале дека водата и понатаму тече. Решиле да постават уште еден камен, но тогаш се замешал Св. Ѓорѓи за да ја спаси Преспа. Светецот се претворил во петел и кукурикајќи ги прелажал ѓаволите дека доаѓа денот. Тие, исплашени од светлината, се разбегале оставајќи го каменот.
Застанете и направете пауза на Черти Камен. И денес на карпата стојат бројни икони посветени на Св. Ѓорѓи. Преспа, која во легендата била спасена од поплавување, денес се бори да го врати нивото на водата од пред само неколку години. Состојбата на тој пребогат биодиверзитет никогаш не била позагрижувачка. Можеби сега е време каменот барем на извесен период да спречи проток на водата.
(Економија и бизнис. печатено издание, март 2021г)