Интервјуа

Бектеши: ЦЕФТА-земјите се втор трговски регионален партнер на Република Северна Македонија во надворешно-трговската рамена

МАКЕДОНСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЦЕФТА

Интервју со Крешник Бектеши, министер за eкономија на Република С. Македонија

Кои се приоритетите на македонското претседателство со ЦЕФТА?

К. Бектеши: Република Северна Македонија во 2021 година претседава со Централно-европскиот договор за слободна трговија − ЦЕФТА 2006. Примената на договорот и неговите дополнителни протоколи и повеќегодишното планирање на активностите предвидени во Акцискиот план на заедничкиот регионален пазар, усвоен во Софија, во ноември 2020 година во рамките на Берлинскиот процес, ќе бидат основите за претседавањето на Република Северна Македонија со ЦЕФТА. Регионалната трговска област со која менаџира ЦЕФТА и чии активности претставуваат амбициозна агенда на обврски со рокови што секоја од страните на ЦЕФТА и регионот во целина треба да ги исполни ги опфаќа приоритетите на нашето претседавање кои се однесуваат на слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, Дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите и институционалниот развој на ЦЕФТА-структурите.

Покрај со ЦЕФТА, Министерството за економија претседава со неколку поткомитети во областа на услугите, олеснување на трговијата и нетарифните бариери. Кои ќе бидат главните правци на дејствување во овие области?

К. Бектеши: Во рамките на претседавањето, Република Северна Македонија ќе ги менаџира Комитетот за трговски олеснувања, Комитетот на контакт-лица, Поткомитетот за услуги, Поткомитетот за нетарифни мерки со нивните работни групи, како и Заедничкиот комитет за инвестиции на ЈИ Европа и ЦЕФТА во врска со инвестициите во регионот. Покрај гореспоменатите тела, во време на нашето претседавање ќе започнат преговорите за Дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите и нив ќе ги водиме ние.
Во олеснувањето на трговијата со стоки ќе се фокусираме на заемното признавање на трговските документи, поедноставувањето и усогласувањето на процедурите и понатамошното усогласување со регулативата и стандардите на ЕУ. При тоа нашите активности ќе бидат насочени кон елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување на единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведувањето ЦЕФТА-стратегијата за управување со ризици, имплементација на Одлуката за овошје и зеленчук, имплементација на Проектот за системот за електронска размена на податоци (СЕЕД+), спроведување на програмите за заемно признавање на овластените економски оператори и на Одлуката за воспоставување процедури за валидација за заемно признавање на овластените економски оператори.
Во спроведувањето на трговијата со услугите, активностите ќе се однесуваат на спроведување на Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги што започна со примена минатиот месец. Ќе се идентификуваат различностите во законодавниот систем во делот на трговијата со услуги, потоа формализирањето на постапката за известување за нова регулатива поврзана со Базата на податоци за регулаторни услуги, ќе се работи на олеснување на трговијата со туристички услуги, овозможување на меѓусебно признавање на лиценците, поштенските и финансиските услуги, идентификување на моделите на соработка со цел да се намалат трошоците за движење на луѓе, стоки и услуги поврзани со осигурувањето во регионот, идентификување на услугите на пазарот на капитал, идентификување на клучните слабости во регионалната испорака на пратки во поштенските услуги, донесување одлука за воспоставување општ систем на признавање на професионални квалификации за една професија со постепено проширување на други професии, усвојување рамка за заемно признавање на електронските потписи, како и други форми на електронска идентификација. Ќе се работи на спроведување на Водичот за електронска трговија на ЦЕФТА, со приоритет на работата за поставување рамка за регулаторно олеснување на дигиталната трговија и работење на договор за проширување на обврската за отстранување на работните дозволи за меѓукомпаниски трансфери и доставувачи на услуги.
Северна Македонија ќе се фокусира на подготвување на првиот извештај за нетарифни бариери со цел да се идентификуваат трговските пречки со кои се соочува бизнисот во регионот.

ЦЕФТА-земјите имаат големо учество во надворешно-трговската размена на Република Северна Македонија. Какви се трендовите во изминативе три години и кои се главните предизвици со кои се соочуваат компаниите при извозот во ЦЕФТА?

К. Бектеши: Во надворешно-трговската размена на Република Северна Македонија најголем регионален партнер е Европската Унија. ЦЕФТА-земјите се втор трговски регионален партнер на Република Северна Македонија во надворешно-трговската рамена. ЦЕФТА-земјите во вкупната надворешно-трговска размена на Република Северна Македонија учествуваат со 10,2 % (2019), т. е. 10,3 % (2020). Учеството на ЦЕФТА--земјите во извозот е 11,5 % (2019), т. е. 11,1 % (2020), додека нивното учество во увозот е 9,2 % (2019), односно 9,7 % (2020).
Одвреме-навреме компаниите од Република Северна Македонија, како впрочем и од другите страни на ЦЕФТА, се соочуваат со проблеми при извозот поради непризнавање на сертификатите издадени од релевантни институции. Ова е од причина на незаемно признаени акредитирани лаборатории од една во друга ЦЕФТА-страна. Поради тоа во планот за претседавање на телата на ЦЕФТА, особено активностите на Поткомитетот за нетарифни мерки и секако нашата програма на претседавањето, акцент се дава на договорите за заемно признавање, како и на активностите за инфраструктурата на квалитетот кои, исто така, ќе се преземат во 2021 год.
Исто така во оваа насока треба да помогнат активностите за заемна валидација меѓу неколку ЦЕФТА-страни по однос на овластените економски оператори (АЕО) преку кои ќе се намали времето на престој на стоките во граничните премини.

Покрај трговијата со стоки, ЦЕФТА сè повеќе активности насочува кон трговијата со услуги. Кои се најголемите придобивки и резултати постигнати во изминатиов период?

К. Бектеши: Веќе напоменав дека една од приоритетите е трговијата со услуги. Сметам дека значаен напредок постигнавме на регионално ниво со усвојувањето и започнување со примена на Дополнителниот протокол 6 за трговијата со услугите. Сепак, иако започна да се применува од минатиот месец, некои активности започнаа да се применуваат со помош на донаторските проекти од кои еден е проектот на ГИЗ во рамките на Отворениот регионален фонд. Досега на ниво на ЦЕФТА е предложена ЦЕФТА-мапа за регулаторниот дијалог за електронска трговија, започната е интеррегулаторната соработка во туризмот и е формирана ЦЕФТА регулаторна база за услугите.
Електронската трговија е посебен предизвик со кој се соочува имплементацијата на Дополнителниот протокол 6 за услугите. Во рамките на Поткомитетот за услуги, досега активно функционира Работната група за е-трговија која работи на различните аспекти на е-трговијата имајќи ги предвид царинскиот аспект, сигурноста на плаќањата и друго.
Претходно во рамките на проектот е формирана контакт-точка за услугите во секоја ЦЕФТА-страна. Но, исто така сакам да напоменам дека во тек се преговорите за Дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите каде што веќе една рунда на преговори се одржа под нашето претседавање. Овој протокол исто така ќе придонесе за елиминирање на бариерите во делот на услугите.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО