Интервјуа

Јахоски: Отвораме нови хоризонти за регионална соработка

Интервју со Асмир Јахоски, сопственик на ,,Пуцко Петрол”

Вие сте сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“, компанија која наредната година ќе прослави 30 години од своето основање. Погледнато наназад, низ годините, што би издвоиле како особено важно?

А. Јахоски: Нашата компанија е семејна приказна. Се врзува со нашето семејство кое вложува сè во неа. Компанијата е одраз на нашиот карактер како семејство препознатливо по истрајноста и упорноста. Успеавме да изградиме компанија во најтешките години кога се осамостојуваше Македонија, поминавме многу премрежја и денес имаме силна фирма која има зад себе големо семејство на вработени. Вистински предизвик беше да бидеме меѓу првите приватни компании во земјава за трговија со големопродажба и малопродажба на нафта, нафтени продукти и горива за транспорт. Предизвик беше да се биде свој во пазарот каде што регулативите не беа јасни, каде што сè беше на почеток. Стандардите се поставуваа во òд, а ние поставувавме наши белези во делот на квалитетот на горивото и одличната услуга кон клиентите. Ако погледнам наназад, слободно може да кажам дека растот се должеше на етиката во работењето бидејќи за нас зборот е збор и договорот е договор.
Горд сум што моите деца го имаат како пример пред себе мојот татко, а и мене како негово дете и негов успех, како се гради голема компанија со ситни чекори.
Горд сум што моите деца учат дека само со напорна работа може да се постигне ваков успех. Јас учев од мојот татко како да опстанам во бизнисот бидејќи мудроста доаѓа подоцна во годините. Таа трпеливост и упорност во бизнисот нè донесе на една од лидерските позиции во малопродажбата на нафтени деривати. Нашите бензински пумпи се пример за тоа како треба да изгледа една модерна бензинска станица во земјава. И тука допрва ќе изненадуваме со новитети.

До каде стигна компанијата на својот развоен пат во поглед на обемот на активности, бројот на вработени итн.?

А. Јахоски: Јас растев како што растеше компанијата. Може слободно да кажам дека мојот живот е поврзан со оваа компанија. Ако сте амбициозен и вреден нема граници дека нема да успеете, успехот е загарантиран. Само одлучни потези нè донесоа на позицијата што ја имаме денеска. Поминавме период на многу предизвици, дали станува збор за нелојална конкуренција, непочитување на стандарди на квалитет на горива, разни притисоци, но успеавме да останеме уште појаки. Јас многупати ја користам фразата она што не те убива − те прави посилен. Навистина е така. Од секој предизвик излегуваме посилни за едно ново искуство и научена лекција. Многу важно е да не се изгубите на патот на развојот и тој да биде трасиран внимателно со јасни проекции за реален раст. Нашите проекции од еден вработен во 1992 година нè донесoa до речиси 200 вработени во 2021 година. И затоа велам дека семејството ни е големо. Секој вработен за нас е дел од една приказна што ја развиваме заедно и растеме со неа.

Кога би требало да сумирате, која е тајната за да може една компанија да опстои и да се развива во период од повеќе децении?

А. Јахоски: Често пати кажувам, не го бирајте пократкиот пат секогаш, не носи резултати на долг рок. Тоа се покажа дека е основа на нашата работа, иако го избиравме подолгиот и потешкиот пат, што значи повеќе труд и откажувања за нас значеше поголем успех. Ниеден голем бизнис не може да порасне преку ноќ, но може да пропадне за еден ден. Тоа е вистина. Затоа треба внимателно да се оди кон патот на развојот на една компанија. Компанијата покажа дека со многу работа, вложена максимална посветеност, постојани иновации и новитети нè носат кон вистинска визија за раст. Да се биде релевантен економски чинител во една држава можете да го постигнете само ако имате на долг рок стабилност и одржливост, а тоа не се прави преку ноќ.

Во моментов најактуелна е состојбата со пандемијата предизвикана од ковид-19. Како се справува Вашата компанија со последиците, здравствени и економски, од оваа пандемија?

А. Јахоски: Светот беше соочен со нешто ново и никој од нас не беше подготвен за вакво сценарио. А токму кога пред себе имате нешто непознато, стравот од неизвесност е голем. Неизвесноста носи непознаници за кои нема секогаш одговор. Од ситуацијата со ковид научивме многу во òд решавајќи ситуации, но факт е дека се одрази врз целокупниот амбиент за работа на сите економски субјекти. Кога имате состојба на страв човекот се води по инстинкти, а не со разум. Така беше големиот наплив на купување на производи за кои немавме реална потреба, ама во моментот стравот ја создаде вештачки потребата. Во таква ситуација влечете поуки за следен пат, кој секој од нас се надева дека нема да се случи.
Ние како компанија се насочивме кон максимална заштита на нашите вработени според сите здравствени протоколи. Постојано тестирање, заштита при работа беше и сè уште е дел од нашето секојдневие. Ѝ помогнавме на заедницата со бесплатно делење на маски и заштита во најкритичните месеци. Иако поради карантините беше ограничено движењето на луѓето, а со тоа се намали и потрошувачката на горива, се намали обемот на работа, успеавме да ги задржиме сите вработени. Не сме корисници на ниеден од пакетите од државава затоа што стабилноста со години во бизнисот ни дава можност да опстанеме и во вакви моменти.

Основна деловна активност на компанијата е трговијата на големо и мало со нафта, нафтени продукти и горива за транспорт. Како го оценувате нафтениот пазар во нашава земја?

А. Јахоски: Имаме стабилна состојба на нафтената индустрија во нашава земја. Предизвиците остануваат, но квалитетот секогаш избива на површина. Не е лесно да се биде во овој бизнис затоа што на условите на пазарот влијаат и светските берзи на нафта, па затоа е потребно добро планирање и познавање на состојбите. Во земјава имаме регулиран пазар каде што нема слободно формирање на цени, а во такви услови битката се води со добра услуга и неспорен квалитет. Изреката добриот збор надалеку се слуша важи и во нашата индустрија. Ако имате квалитетен производ, тоа сите ќе го дознаат. Ние сме препознатливи по постојано вложување во нашите бензински станици, нивна модернизација и врвна услуга. Станавме и први пет френдли (pet friendly) бензински во државата. Новиот начин на живот бара приспособување кон новите навики на потрошувачите и ние ги следиме и ги предвидуваме и дејствуваме проактивно. На овој пазар важи за мене едно правило, фер игра, со прецизно утврдени правила.

Колкав е бројот на бензиски станици што ги има компанијата и какви се плановите на тој план за во иднина?

А. Јахоски: Ако пред три децении почнавме со една, денес на ниво на целата држава имаме голем број на бензински кои во најголем дел се под брендот на Окта, дел под брендот на Лукоил. Ние сме акционери во рафинеријата Окта која е најдобра во регионот со високи стандарди и единствена која продава еуро 5 дизел и бензин горива. Нашите објекти во земјава се препознатливи бидејќи се креирани според светски стандарди. Не смеете да импровизирате во оваа индустрија и не смеете да оставите клиент да биде незадоволен. Кај нас за импровизација и незадоволство нема простор. Мора да има беспрекорна услуга, а за квалитетот гарантираме. Кога имате успешна основа градењето на мрежата и нејзино развивање останува преопределба. Но, кога се шириме внимаваме да понудиме исти услови на сите продажни места, поради тоа вложуваме во постојана модернизација на бензинските станици. Во следниот период се обидуваме да донесеме едни од најпознатите франшизи за ресторани во делот на услуга на клиенти.

Покрај трговијата со нафта, кои други активности влегуваат во портфолиото на Вашата компанија?

А. Јахоски: Успехот на еден бизнис се гледа во можноста тој да се проширува и да се надградува. Македонија е земја која располага со недоволно искористени ресурси, па поради тоа започнуваме проекти во земјоделието. Постои голем простор за инвестиции во овој сегмент со оглед на тоа што сме држава која е, пред сè, ориентирана кон земјоделството. Веќе е формирана компанија во која досега е инвестирано 4,5 милиони евра и очекуваме старт следната година бидејќи за секоја инвестиција во земјоделството треба време за реализација.

Неодамна Вашата компанија стана сопственик на земјиштето кај поранешната фабрика Алумина. Кажете ни за каква инвестиција станува збор, какви се плановите?

А. Јахоски: Оваа атрактивна локација кај Алумина долго време беше празна и запуштена. Идејата за просторот е скопјани да добијат нов белег на градот што ќе биде препознатлив по рекреативни игралишта, паркови и содржини произлезени од современиот начин на живот. Простор за домување во комбинација со зеленило е нешто што многу малку го гледаме низ Скопје, затоа сакаме да направиме нешто поразлично и препознатливо. Кога некој ќе живее во тој комплекс да има чувство дека околу него е зеленило. Во комплексот нема да има сообраќајница, нема да има сообраќаен метеж, туку зеленило и тишина. Нашата идеја е овој проект да биде пример за регионално архитектонско решение, затоа ќе ги ангажираме и најдобрите архитекти и урбанисти кои како стручна фела ќе го понудат најдоброто идејно решение.

Ширењето на бизнисот на Вашата компанија во различни области практично е резултат на тоа што интензивно реинвестирате во домашната економија. Тоа значи дека долгорочно верувате во потенцијалот на земјава.

А. Јахоски: Јас верувам во потенцијалот на земјава бидејќи има ресурси кои треба да се искористат на долг рок. Не дека никој од нас немал можности да оди надвор и да го развива својот бизнис, јас сум сепак приврзан кон земјава каде што растев и растат моите деца. Како домашни инвеститори секогаш гледаме да создадеме бизнис-приказна која ќе креира нови работни места, но и ќе биде додадена вредност за сите граѓани на оваа земја.

Сепак, клучен елемент при носењето долгорочни бизнис-одлуки е квалитетот на бизнис-амбиентот. Како ја оценувате Вие бизнис-климата во македонската економија? Што е она на што треба да се посвети поголемо внимание за да можат економијата и компаниите да напредуваат уште повеќе?

А. Јахоски: Секогаш може подобро и повеќе, за која било работа. Ако сме постојано задоволни нема да имаме поттик за развој, така е и со развојот на бизнис-климата во државата. Бизнис-амбиентот мора постојано да се подобрува. Потребни се инвестиции во инфраструктурата и подобро регионално поврзување. Во време на глобална пандемија важно е да му се помогне на приватниот сектор и тоа го видовме со неколкуте финансиски инјекции за стопанството. Но, во исто време треба да се исплаќаат навреме заостанатите долгови од државните и јавните претпријатија кон стопанството. Коморите веќе побараа измена на Законот за извршување што го кочи процесот на наплата бидејќи има ситуации и кога добиени судски пресуди немаат можност за извршување. Стопанството е темел на стабилност во една држава и мора да му се помогне затоа што, пак, тоа ја држи стабилноста на економијата. Важен е односот кон домашните компании кои се подготвени да инвестираат дома, тие секако треба да добијат третман како странските инвеститори кои имаат бројни бенефиции.

Како гледате на регионалната економска соработка? Какви се активностите на „Пуцко Петрол“ и Вашите погледи на тој план?

А. Јахоски: Неопходно е засилување на регионалната соработка, посебно бидејќи како држава имаме производи со одличен квалитет што може да бидат подобро пласирани во земјите од опкружувањето. Вложување во квалитет е основа за подобра регионална размена бидејќи тоа е основа на добар производ. Државата дефинитивно треба да се посвети на постоечките капацитети, да ги субвенционира производите со нова опрема и квалитет. Како пример еве ќе ја посочам Хрватска. Како земја членка на Европската Унија, имаме одлични релации, но во исто време остваруваме многу слаба трговска размена што на годишно ниво изнесува само 85 милиони долари. За секоја соработка во доменот на две или повеќе држави мора да постои одредена стратегија, мора да постојат стандарди за квалитет и план како ќе се развива. Без стандардизација на квалитетот не можеме да одиме напред. Ако чекориме кон Европа, мора да ги подигнеме стандардите што ги налага Унијата, а за тоа треба фокус и детерминација за да се направи.

Какви се Вашите планови за иднина? Во кој правец ќе се развива „Пуцко Петрол“?

А. Јахоски: Пуцко Петрол е детерминиран да продолжи да доминира на пазарот за нафта и нафтени деривати. Продолжуваме да ја шириме мрежата со нови бензински станици, во Гевгелија, Куманово, Битола, Прилеп. Постоечките капацитети континуирано ќе се модернизираат со нови содржини и услуги. Главен фокус во следните години ќе имаме на реализација на проектот кај Алумина.


Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО