Интервјуа

Сугарески: Царинската управа е една од најзначајните институции за секоја национална економија

МАКЕДОНСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЦЕФТА

Интервју со Горан Сугарески, директор на Царинска управа на Република С. Македонија

Царинската управа, покрај фискалната улога, има огромна улога и во олеснувањето на трговијата. Минатата година, Царината беше претседавач со Поткомитетот за царини и потекло на стоки во ЦЕФТА. Какви резултати беа постигнати?

Г. Сугарески: Претседавањето со Поткомитетот за царини и потекло на стоки во услови на пандемија беше дополнителен предизвик за Царинската управа. Како најголем постигнат резултат го сметам обезбедување на непрекинатост 24/7 во меѓународните синџири на снабдување. Како резултат на нашето претседавање и координацијата на активностите со сите царини во ЦЕФТА, и покрај целосните затворања на државите со полициски часови, беше обезбедена непрекинатост во извозот и увозот на стоки, како и транзитот на стоки. Зелените коридори се најголемо достигнување бидејќи со нив се овозможи непрекинат увоз на сите суровини, лекови и производи за граѓаните и компаниите, како и непрекинат извоз на производите на нашите економски оператори. Меѓу позначајните резултати треба да се споменат и усвојувањето на Правилата за валидација на ОЕО и воспоставување системска размена на податоци преку системот СЕЕД (SEED) со граничните инспекциски служби.

Еден од приоритетите на ЦЕФТА е меѓународното признавање на одобренијата за овластен економски оператор во ЦЕФТА. Република Северна Македонија беше првата земја што поднесе апликација за меѓународно признавање. До каде се активностите на ова поле?

Г. Сугарески: Овластениот економски оператор (ОЕО) е клучна активност што е предвидена во Повеќегодишниот акциски план за регионален економски пазар на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Македонските компании ги охрабруваме да се здобијат со статус на овластен економски оператор со цел да можат да се вклучат во регионалните синџири на снабдување во рамките на ЦЕФТА и да ги искористат придобивките и поволностите со можноста за заемно признавање на одобрениот статус на ОЕО.
Заемното меѓународно признавање доби правна основа со усвојувањето на Дополнителниот протокол 5 кон ЦЕФТА-договорот, кога Царинската управа на Република Северна Македонија беше прва во регионот што поднесе барање за меѓународно признавање на ОЕО во мај 2020 година. Процесот на валидација траеше околу половина година, а во јануари 2021 година заврши оценската мисија со што станавме прва земја со меѓународно признаен статус на ОЕО.
Со реализирање на овие цели на Царинската управа, македонските компании покрај поволностите во царинското подрачје ќе може да ги добијат истите поволности во сите ЦЕФТА-страни, односно приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола, како и други директни и индиректни поволности.

Во ЕУ, а и во рамките на ЦЕФТА, оваа година треба да бидат донесени нови преференцијални правила за потекло на стоките. Какви олеснувања треба да се постигнат со овие правила и како тие треба да придонесат за зголемување на трговијата во ЦЕФТА?

Г. Сугарески: Во август 2020 година, Европската комисија усвои пакет-предлози за модернизирање на правилата за потекло во Паневромедитеранскиот Регион (ПЕМ). Предлозите се однесуваат на измени и дополнувања на билатерално договорените протоколи за потекло меѓу ЕУ и одредени одделни земји од ПЕМ, вклучувајќи ги и ЦЕФТА-земјите.
Главните подобрувања што треба да се воведат се следниве: пофлексибилна регионална кумулација на потекло (воведување на „целосна“ кумулација за повеќето производи), можност за повраток на давачките за повеќето производи, пофлексибилни и поедноставни правила за производите, на пример елиминација на кумулативните барања, пониски прагови на локална додадена вредност, нова двојна трансформација за текстил, замена на правилото „директен транспорт“ со правило за „неманипулација“.
Во тек се интензивни активности за усвојување на овие правила за потекло од страна на ЕУ и земјите членки на ЦЕФТА со цел да се обезбеди едновремена и униформна примена на овие нови преференцијални правила за потекло, што треба да почнат да се применуваат од јули 2021 година.

За директор на Царинската управа сте назначени од неодамна. Кои се Вашите приоритети за понатамошен развој на службата?

Г. Сугарески: За генерален директор на Царинската управа бев назначен пред околу еден месец и на оваа функција стапив со приоритетна цел − борба против криминалот и корупцијата, точка која е високо поставена на приоритетната листа и на Владата на Република Северна Македонија.
Царинската управа е една од најзначајните институции за секоја национална економија и со оглед на тоа наплатата на царински и фискални давачки, олеснувањето на легалната трговија и заштитата на општеството од нелегалната трговија остануваат да бидат темели на нашето работење. Крајна цел на сите активности е подобрување на конкуретноста на економијата и во таа насока ќе продолжам со понатамошно развивање на процедури и на постапки за управување со ризик и зајакнување на соработката со другите институции кои се надлежни за спроведување на законите.
Сивата економија негативно дејствува на интегритетот на целиот наш даночен систем, влијае штетно на Буџетот и на наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции кои би придонеле кон подобри услуги за сите граѓани, односно подобро деловно опкружување за основање, раст и развој на компаниите. Поради тоа, како високо поставен приоритет ми е и сузбивањето на сивата економија по изготвениот Акциски план кој е и стратешка цел на Министерството за финансии и на Владата.
Од самиот старт на моето назначување за директор на Царинската управа остварив средби со клучните функционери во институции и организации кои имаат важна улога во борбата против корупцијата и сузбивањето на криминалните активности во нашава земја. На сите средби беше истакната заедничката заложба за безрезервната борба против корупцијата и криминалот во институциите и надвор од нив.
Посветено ќе работам на веќе зацртаната мисија и визија − Царинската управа да остане водечка царина во регионот, целосно усогласена со стандардите на Европската Унија. Целосната модернизација и дигитализација на сите царински постапки останува на врвот на моите приоритети во периодот кој претстои.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО