Интервјуа

Законшејк: Возењето електричен автомобил од Белград до Скопје и од Скопје до Солун треба да стане реалност во блиска иднина

МАКЕДОНСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЦЕФТА

Интервју со Матеј Законшејк, директор на Транспортната заедница

Транспортната заедница е меѓународна организација во областа на мобилноста и на транспортот. На почетокот, може ли да ни кажете накратко за нејзината улога и дејност?

М.Законшејк: Транспортната заедница е меѓународна организација во областа на мобилноста и на транспортот. Нашето членство брои 33 учесници: сите земји на Европската Унија (ЕУ) претставени од Европската комисија и шест регионални партнери од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Србија и секако Северна Македонија). Целта на организацијата е многу јасна: целосна интеграција на транспортните пазари на Западен Балкан во ЕУ. Со поддршка на ЕУ, сакаме граѓаните од регионот на Западен Балкан да имаат пристап до одржлива поврзаност во најширока смисла на зборот. Ние веруваме дека нашата работа, заснована на четири клучни приоритети − железница, патишта, безбедност на патиштата и граници (исто така наречени олеснување на транспортот) − ќе го подготви регионот за непречена интеграција во ЕУ. Со тоа сакаме да придонесеме кон добрососедските односи и кон унапредување на мирот и добрососедските односи на Западен Балкан.

Што сака да постигне Транспортната заедница на територијата на Западен Балкан кога станува збор за патниот транспорт?

М.Законшејк: Во нашите напори за подобрување на транспортот на територијата на Западен Балкан, ние се фокусираме на сите начини на транспорт. Тие треба да се развиваат и да се интегрираат во непречена мрежа што ќе им служи на бизнисот и на граѓаните. Кога станува збор за патната мрежа во регионот, таа треба да се надгради со вклучување на „зелени и паметни“ елементи. Клучот за да се постигне тоа е развој на трансевропска (ТЕН-Т) патна мрежа која ќе биде отпорна на климатски промени, ќе биде напредна и ефикасна во однос на ресурсите и што ќе го поттикне економскиот развој. Вклучувањето на подобрувања, кои ја штитат животната средина − како што се електронските станици за полнење по должината на главните коридори − е еден од приоритетите наведени во нашиот Акциски план за патишта.
Возењето електричен автомобил од Белград до Скопје и од Скопје до Солун треба да стане реалност во блиска иднина. Патишта со технологија, што вклучува повикување на служби за итни случаи кога ќе се случи несреќа, користење камери за спроведување на сообраќајните закони или знаци што означуваат промени во ограничувањето на брзината во зависност од условите, се можни и се остварливи и работиме со министерот Благој Бочварски и колегите од Министерството за транспорт и врски за да се постигне оваа цел.

Кои се добри примери од Северна Македонија?

М.Законшејк: За да се постигне целосна интеграција на транспортниот пазар во ЕУ, целиот регион треба да работи истовремено на две патеки − усвојување на стандардите и градење и подобрување на инфраструктурата. Но, понекогаш дури и најнапредните решенија ќе изостанат ако нема координација меѓу регионалните партнери. Задоволство ми е да кажам дека во Северна Македонија многу успешно функционира заедничкиот граничен премин Табановце − Прешево, каде што српските и македонските цариници и полициски службеници работат заедно во истиот објект. Овој интегриран граничен премин е инспирација за нас и светол пример за тоа што е можно ако сите работат кон истата цел. Би сакале да видиме уште многу вакви гранични премини во регионот. Во исто време се надеваме дека и заедничката железничка станица во Табановце ќе биде завршена до крајот на следната година, што дополнително ќе го намали времето на чекање за возовите.
Намалувањето на времето на чекање на граничните премини е потенцијално еден од најбрзите и најевтините начини за бизнисите да станат поконкурентни, да се намалат емисиите на СО2 од возилата што чекаат и општо, да се подобри животот на граѓаните. За да го постигнеме тоа, заедно со Владата на Република Северна Македонија и другите партнери во Транспортната заедница развивме Акциски план за олеснување на сообраќајот. Тоа дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка, ќе создаде заеднички премин со едно застанување („застани и оди“) на внатрешните (во регионот) и надворешните (со ЕУ) гранични премини, како и подобра интеракција на различните начини на транспорт, што ќе овозможи непречени, поефикасни и поевтини логистички поврзувања.

Транспортот игра клучна улога во спроведувањето на новата иницијатива за заеднички регионален пазар. Кое е нејзиното значење за регионот?

М.Законшејк: Со население од речиси 18 милиони луѓе, Западен Балкан е важен пазар за ЕУ и транзитна зона за европските и меѓународните стоки. Ова посебно се однесува на Северна Македонија низ која минуваат паневропските коридори VIII и X. Од една страна, Коридорот X е вашата порта кон остатокот од ЕУ, додека Коридорот VIII е клучна точка за поврзување на Црното и Јадранското Море. Северна Македонија треба да го искористи ова како своја предност!
Соработката во рамките на заедничкиот регионален пазар ги подготвува земјите од регионот да работат заедно врз основа на четирите слободи на единствениот пазар на ЕУ − слободно движење на луѓе, на стоки, на услуги и на капитал. Транспортот, како основа на целата економска активност, игра клучна улога во овој процес. Во нашите напори да го олесниме транспортот во рамките на Западен Балкан и со ЕУ, сакаме регионот да биде поконкурентен и попривлечен за инвестиции. Ова може да се постигне само ако регионот е добро поврзан, во рамките на Западен Балкан и понатаму со земјите од ЕУ. Добро поврзаниот Западен Балкан може да послужи и да профитира како столб на трансконтиненталната врска меѓу Европа и Азија.

Продолжувањето на зелените коридори кон земјите членки на ЕУ е еден од клучните приоритети во моментов. Што значи ова за земјите од Западен Балкан и Северна Македонија?

М.Законшејк: Ова прашање е логично продолжение на мојот одговор во врска со транспортното олеснување и нашите напори да го минимизираме времето на чекање на граничните премини. Зелените коридори беа заеднички предлог на Транспортната заедница, на ЦЕФТА и на Регионалниот совет за соработка на почетокот на кризата од ковид-19. Имаше договор да се даде приоритет на одредени основни добра како храна и медицински материјали преку електронска размена на информации меѓу граничните власти и преку овозможување на работење 24/7 на граничните агенции на одредени гранични премини. Ова обезбеди да нема недостаток на основни добра во регионот во најкритичното време за време на пандемијата.
Гледајќи напред кон постпандемискиот период, мора да се фокусираме на одржливи решенија што ќе ни помогнат да ги ублажиме последиците од пандемијата. Регионалната трговска соработка и слободното движење на стоки и на услуги можат да обезбедат испорака на намирници таму каде што се потребни најмногу доколку се испорачаат навремено и на начин што е ефикасен од аспект на трошоците. Затоа продолжувањето и надградбата на концептот на зелените коридори на Западен Балкан и нивното продолжување до премините со соседните земји членки на ЕУ е од суштинско значење, имајќи предвид дека ЕУ е најважниот трговски и инвестициски партнер на Западен Балкан. Со други зборови − зелените коридори мора да останат зелени дури и по завршувањето на пандемијата.
Веќе е направен значителен напредок − договорен е список на гранични премини меѓу Западен Балкан и ЕУ, како и список на приоритетни стоки и лекови што можат да ги минуваат границите непречено. Координацијата е клучна во овој процес. Едноставното синхронизирање на работното време на граничните агенции многу придонесува кон намалување на времето на чекање и олеснување на транспортот на луѓе и на стоки.
Сепак, би сакал повторно да истакнам дека зелените коридори се само отскочна штица кон подобро управувани граници. Имаме одлична соработка со сите засегнати страни во Северна Македонија како што се: Царината, Министерството за транспорт и врски и Полицијата. Сега работиме со нашите колеги од Грција и Бугарија за да може зелените коридори да станат реалност што е можно поскоро.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО