Интервјуа

Џикиќ: Во текот на македонското претседателство, ќе продолжиме со олеснување на трговијата со стоки

МАКЕДОНСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЦЕФТА

Интервју со Емир Џикиќ, генерален директор на Секретаријатот на ЦЕФТА

Секретаријатот на ЦЕФТА има важна улога во координацијата на активностите за правилно спроведување на ЦЕФТА-договорот. На почетокот, можете ли да ни кажете накратко за неговата улога и функции?

Е. Џикиќ: Секретаријатот на ЦЕФТА е основан од инволвираните страни (основачите) како поддршка на Мешовитиот комитет, единствено тело за донесување одлуки во ЦЕФТА кое врши надзор и администрација на спроведувањето на договорот. Главната одговорност на Секретаријатот е да ја поддржува ЦЕФТА професионално и непристрасно, додека сопственоста на ЦЕФТА им припаѓа на основачите и нивната заедничка цел е да ги зајакнат регионалните трговски врски.
Во пракса, ова значи дека Секретаријатот има важна задача да ги поддржува основачите во спроведувањето на ЦЕФТА-договорот и неговите правни документи, вклучително и обврските преземени во Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар. Секогаш кога е потребно, Секретаријатот на ЦЕФТА обезбедува техничка и непристрасна експертиза за основачите на ЦЕФТА и го олеснува координираниот пристап во спроведувањето на политиките и правилата на ЦЕФТА. Секретаријатот на ЦЕФТА, исто така, обезбедува професионална поддршка на телата на ЦЕФТА во понатамошниот развој на политиките и на процедурите, вклучително и следење на развојот во областите поврзани со трговијата.

Минатата година на Самитот во Софија, лидерите на Западен Балкан 6 го одобрија Акцискиот план за воспоставување заеднички регионален пазар. Со ова, регионот на ЦЕФТА станува еден пазар. Може ли да ни кажете повеќе за тоа кои придобивки можат да ги очекуваат економските оператори во ЦЕФТА-регионот?

Е. Џикиќ: Акцискиот план за заеднички регионален пазар ги утврдува чекорите за поблиска економска соработка во регионот, засновани на правилата и на стандардите на ЕУ. Во следниве четири години ќе се фокусираме на конкретни резултати во корист на нашите компании и граѓани и нашиот главен приоритет ќе биде ревитализација на економијата во регионот, која беше значително погодена од кризата предизвикана од пандемијата.
Клучните активности на ЦЕФТА ќе бидат насочени кон намалување на времето на чекање на премините за 30 %, воведување на концептот на т.н. „трговија без хартија“, намалување на трошоците и рационализирање на контролите преку програми за меѓусебно признавање − користење единствен документ за седум пазари, како и подобрување на системот за решавање на трговски спорови. Поедноставувањето на законодавството во областа на електронската трговија ќе го олесни пристапот до регионалниот пазар преку онлајн продавници и дигитални платформи. Имплементацијата на Акцискиот план исто така ќе ја забрза трговијата со ЕУ, пред сè во смисла на поедноставување на процедурите. Таков пример е проширувањето на концептот на зелени коридори кон премините со членките на ЕУ, каде што времето на чекање е неколку пати подолго отколку во регионот. Заедничкиот пазар од 20 милиони луѓе, кој се заснова на принципите на усогласеност со регулативите на ЕУ, е поконкурентен на европско и глобално ниво, а со тоа и попривлечен за странските инвеститори кои ќе создаваат нови бизниси, но исто така овозможува производите и услугите да бидат понудени по далеку поконкурентни цени.

Колку се зголеми трговијата во рамките на ЦЕФТА во последниве години и според Вас кои се главните пречки за идниот раст на трговијата во регионот?

Е. Џикиќ: Трговијата со стоки во ЦЕФТА се зголеми за 25 % од 2016 до 2019 година, додека трговијата со услуги се зголеми за 20 % од 2018 до 2019 година.
Голем потенцијал за зајакнување на трговијата во рамките на ЦЕФТА се отвори преку Дополнителниот протокол 5 за олеснување на трговијата. Протоколот дава основа за понатамошна економска интеграција на основачите на ЦЕФТА и се вршат значителни активности насочени кон отстранување на административните бариери и овозможувањето поефикасни трговски постапки. Преку поедноставување на процедурите и намалување на трошоците за трговија, стоките стануваат поконкурентни на регионалните и меѓународните пазари, што ги поттикнува деловните субјекти да тргуваат повеќе во регионот на ЦЕФТА.
Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги отвора дополнителни можности за компаниите и граѓаните преку усогласување на техничките стандарди и барања за влез и работење на пазарите на услуги во ЦЕФТА.
Веруваме дека понатамошното олеснување на трговијата со стоки и услуги, особено на е-трговијата, ќе им помогне на нашите економии да се трансформираат и да се прилагодат на новите околности наметнати од пандемијата. Нашата цел е да го искористиме потенцијалот на регионалната економска соработка во рамките на ЦЕФТА, што според некои предвидувања може да го зголеми БДП до 6,7 %. Ние веруваме дека преку поедноставување и усогласување на процедурите ќе се осврнеме и на нетарифните бариери кои остануваат клучен предизвик во трговијата.

ЦЕФТА одигра клучна улога за виталноста на прекуграничната трговија за време на пандемијата. Кои се најголемите достигнувања и научени лекции?

Е. Џикиќ: На самиот почеток на пандемијата, ЦЕФТА, во соработка со транспортната заедница, предложи збир на мерки преку иницијативата зелени коридори, со цел да се обезбеди непречено снабдување со неопходни добра како што се медицински материјали, храна и добиточна храна. Иницијативата беше спроведена навремено, преку СЕЕД (системска размена на електронски податоци), благодарение на финансиската поддршка на ЕУ. Веќе на почетокот на април успеавме да осигураме дека агенциите на премините препознаваат камиони со важна стока и им овозмoжуваат приоритетен премин. Понатаму беше постигнат напредок во усогласувањето на основните санитарни мерки за камиони и возачи на камиони, а воспоставен беше систем што овозможува 24-часовен пристап до сите услуги (ветеринарни и фитосанитарни инспекции) на премините лоцирани во главните транспортни коридори. Зачувани беа трговските текови и скратено беше чекањето на премините, а сето тоа значеше достапност на споменатата стока за граѓаните. Сите овие достигнувања се постигнати под претседателство на македонската царинска управа на Поткомитетот ЦЕФТА за царина и правила за потекло.
Ова е еден од најголемите успеси во реакцијата на пандемијата и најдобар пример за регионална соработка. Ефикасноста на иницијативата ги идентификуваше тесните грла и ни го покажа патот кон нашите идни активности. Анализата покажа дека трговците минуваат приближно два пати помалку време на премините во рамките на ЦЕФТА, потоа со ЕУ. Затоа работиме на продолжување на зелените коридори и на зелените ленти до премините со ЕУ, што значително ќе го намали времето на чекање и кон членките на ЕУ.

Република Северна Македонија оваа година е на чело на претседателството на ЦЕФТА, како и на други поткомитети како што се Поткомитетот за мерки за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки. Кои ќе бидат главните придонеси на македонското претседателство?

Е. Џикиќ: Да, Северна Македонија е претседавач на ЦЕФТА оваа година кога славиме 15 години од ЦЕФТА-договорот. Приоритетите на македонското претседателство се дефинирани земајќи ги предвид предизвиците наметнати од пандемијата. Забавувањето на трговијата предизвикано од пандемија бара продлабочување на економската регионална соработка и активности кои ќе го забрзаат закрепнувањето на нашите економии, утврдени во Акцискиот план за заеднички регионален пазар. Затоа, во текот на македонското претседателство, ќе продолжиме со олеснување на трговијата со стоки при што ќе ги поедноставиме процедурите и ќе ги намалиме трговските трошоци преку програми за меѓусебно признавање (овластени економски оператори [ОЕО], фитосанитарни документи за овошје и зеленчук итн.) и продолжување на зелените ленти кон ЕУ. Во областа на трговијата со услуги ќе работиме на олеснување на електронската трговија и справување со бариерите како што се лиценци и професионални квалификации.
Ние, исто така, се фокусираме на решавање на трговските бариери кај стоките и услугите, усогласување на стандардите со ЕУ и подобрување на механизмот за решавање на трговските спорови. Сите овие активности ќе овозможат обезбедување повеќе простор за развој на основачите така што тие ќе можат да ја зајакнат трговијата и покрај економските проблеми што ни ги донесе пандемијата.

(Економија и бизнис. печатено издание, март 20021г.)

ПРЕПОРАЧАНО