Интервјуа

Холштајн: Без Западен Балкан ЕУ не би била комплетна

Интервју со Анке Холштајн, aмбасадор на Сојузна Република Германија

Амбасадорке Холштајн, 2021 година е многу важна година во политичкиот живот на Германија. Германскиот канцелар Ангела Меркел ќе се повлече од функцијата. На Европа ќе ѝ недостасува нејзиното лидерство. Како реагираат Германците на ваквиот развој на настаните?

Амб. Холштајн: Дека сојузниот канцелар Меркел не сака да се кандидира по петти пат изјави уште во 2018 година по низа помалку добри изборни резултати на својата партија. Оттогаш е јасно дека нејзиното убедување во европското прашање, нејзиниот длабок хуманизам, нејзините лидерски способности, нејзините преговарачки вештини – може да се наведат само некои нејзини особени квалитети – во почетокот многу ќе недостигаат. Но, политиката живее од промени. Нејзе навистина ѝ се потребни водечки личности, но тие се потпираат на партиите што ги претставуваат, тие дејствуваат во комплексен, стабилен, институционален систем. Меѓутоа, довербата на граѓаните мора секогаш одново да ја стекнат.
Освен тоа, во 2021 година ќе се одржат покраински избори во 6 сојузни покраини, како и локални избори во две други – зборуваме за една супер изборна година. А поради пандемијата, голем дел од изборната кампања мора да се одржи преку интернет што е навистина нова ситуација.

Сè поголем е бројот на земји во светот во кои се одвива сериозна политичка поларизација, па оттука се создаваат длабоки поделби во општествата. Од друга страна, Германија е спротивен случај. Таканаречената „Голема коалиција“, со двете најголеми политички партии со спротивставени политички идеологии, обединети во коалициска влада, е на власт во Германија во 11 од последните 15 години. Како може да се објасни ова и колку е тоа важно за германското општество и економија?

Амб. Холштајн: И Германија исто така се гледа конфронтирана со зголемена поларизација. Традиционалните големи народни партии го губат влијанието. Никој нема апсолутно ништо против пошарен спектар на партии , но од пред неколку години јакне, пред сè, областа далеку десно од центарот, па сè до крајната десница. Популизмот зазема сè повеќе простор во јавниот дискурс. Дури иако пандемијата моментално ги засилува повеќе конкретните влади, Германија сè уште не го нашла својот начин на општење со зголемената поларизација и поделба на општеството.
Koн прашањето за коалициите: навистина досега сите влади на сојузната република биле коалициски влади, со различни партнери. Во 2021 година би можело повторно да има таква промена. Сите наши коалициски влади знаеја со политичка стабилност да обезбедат добри економски услови. Тоа е дел од успешниот модел Германија.

Според последниот Извештај за перцепција за корупција, издаден од Транспаренси интернешнл, Германија е во првите десет најдобри земји, рангирана на 9-тото место. Кој е системскиот пристап на Германија кон ова важно прашање?

Амб. Холштајн: Корупцијата ја поткопува довербата во интегритетот и функционалноста на јавната администрација, а со тоа и нејзината легитимност. За воопшто да не дојде до корумпирано однесување, во Германија вработените редовно се информираат и се обучуваат за настанувањето и опасностите од ситуации што се подложни на корупција за да може да проценат каде е границата меѓу дозволеното и недозволеното и кога ќе се премине таа. Обемни мерки за контрола, во даден случај за откривање и санкција на корупцијата, се вообичаено нешто. За неовластено извлекување корист во германското општество има нула толеранција. Оттука клучно за Северна Македонија според мене е навистина секој граѓанин да разбере каде почнува корупцијата − банкнотата што ќе се стави во џебот на мантилот на лекарот или кај администрацијата меѓу страниците на некое барање; малиот налог кој „особено поволно“ ќе биде извршен од некој близок роднина итн. Секој поединец може и мора со своето однесување да придонесе да нема место во општеството за корупцијата.

Како го оценувате нивото на економска соработка меѓу нашите две земји? Како може таа соработка понатаму да се продлабочува?

Амб. Холштајн: Германија е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија. Пред пандемијата, билатералната трговска размена во 2019 година изнесуваше 4,1 милијарда евра. Дури и за време на пандемијата можеше да се постигне размена од 3,5 милијарди евра. Преку 200 фирми во Северна Македонија имаат германски капитал и обезбедуваат 20 000 работни места. Колку и да се импресивни овие бројки, тие почиваат на заеднички економски менталитет. И Германија и Северна Македонија имаат култура на производство која со германските директни инвестиции сега заедно се доразвива. За евентуалните грижи на германските инвеститори македонската влада e достапна. И, најдобрата реклама за некоја локација секогаш се задоволните, успешни инвеститори.

Како Германија ги поддржува германските компании извознички, ако воопшто ги поддржува? Постои ли некаков систематски пристап кон ова?

Амб. Холштајн: Германија ја поддржува својата извозна економија, пред сè малите и средни претпријатија што често се водат како партнерства. Овие фирми не може сами да си дозволат опширни анализи на пазарот и им е потребна поддршка преку програми како Програмата за влез на пазарот, но и институционална поддршка за што во Скопје е надлежно Германско-македонското стопанско здружение.

Процесот на интеграција во ЕУ се смета дека е многу трансформативен за македонското општество. Бугарија, една од земјите членки на ЕУ, стави голема пречка на масата со што го запре почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. Кој е ставот на Германија по ова прашање?

Амб. Холштајн: Како претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2020 година, нашата најважна цел во областа проширување беше старт на пристапните преговори со Северна Македонија. Една држава членка не можеше да даде согласност за потребното техничко интерно единство, што внесе спорни билатерални прашања. Тие тука не припаѓаат и би требало да се решат билатерално. Со сите сили се обидовме да овозможиме такво изнаоѓање на решение, но за жал без успех. Следните недели треба да се работи, по можност, на широка билатерална позитивна агенда која и на луѓето во двете земји ќе им покаже дека добрососедската соработка функционира во многу сектори. Внатрешно, Северна Македонија би требала ангажирано, колку што може, да продолжи со реформскиот процес бидејќи тогаш нема да се изгуби време и кога ќе почнат пристапните преговори можеби многу поглавја ќе бидат навистина брзо сработени.

Да се осврнеме кон регионалните случувања на Западен Балкан. Таканаречениот Берлински процес е иницијатива што излезе од Кабинетот на канцеларот Меркел. Како се оценува реализацијата на оваа иницијатива? Дали го испорача очекуваниот исход?

Амб. Холштајн: Ако се земе предвид дека во 2014 година, при првата средба во рамките на процесот, шефовите на владите на Косово и на Србија зборуваа за првпат директно меѓусебе, кога ќе се погледне Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите (RYCO), подобрената конективност особено во сообраќајната и енергетската инфраструктура, намалените роаминг-цени или Спогодбата за создавање на регионален економски простор, ова се само неколку примери, во рамките на Берлинскиот процес е постигнато многу. Заедничкото македонско-бугарско претседателство минатата година беше нешто сосема ново кое, и покрај тешките услови на пандемијата, беше многу успешно. Освен конкретните резултати, најважно останува дека Берлинскиот процес значително ја унапреди комуникацијата во Западен Балкан и на тој начин видно ја подобри регионалната соработка. Во 2021 година Берлинскиот процес се враќа, така да кажеме, на своите корени, во Германија.

Како ја перципирате иднината на регионот на Западен Балкан? Како е поврзан процесот на регионална соработка со ЕУ-интеграцијата на регионот, дали е тоа замена или предуслов за членство во ЕУ?

Амб. Холштајн: Без Западен Балкан ЕУ не би била комплетна, земјите од овој регион припаѓаат тука. Жал ми е многу што за време на нашето претседателство со Советот не успеавме да се постигне единство меѓу сите 27 земји членки за Северна Македонија да може да го направи следниот чекор во овој правец и да започнат пристапните преговори со Северна Македонија. Регионалната соработка не е замена, туку таа го придружува и го поддржува процесот на ЕУ-интеграција, во регионалната соработка може полесно да се спроведат некои реформи неопходни за понатамошното приближување кон ЕУ.

Да го завршиме интервјуто со прашање за една иницијатива за земјите од Западен Балкан која ветува многу, т.н. Регионален фонд за предизвици (анг. Regional Challenge Fund). Овој фонд е инициран од германското сојузно Министерство за економски развој и соработка, делегиран на КФВ развојната банка, а се извршува од страна на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан. Ќе бидат достапни големи грантови во опсег од 150 000 до 600 000 евра. Можете ли да ни дадете повеќе информации за оваа одлична можност?

Амб. Холштајн: Северна Македонија е на пат кон ЕУ, од тие причини веќе не се ставаат на располагање билатерално, туку регионално средствата за унапредување. Во рамките на Регионалниот фонд за предизвици, за регионот Западен Балкан стојат на располагање 20 милиони евра, од кои најмалку 2,5 милиони би требало да преминат во Северна Македонија. Целта на овој фонд е поддршка на стручното образование во регионот. Подобро квалификувана работна сила ќе ја зголеми продуктивноста во земјата и така среднорочно ќе се дојде до реални плати што растат.
Уште од 2017 година се спроведува Програмата за дуално стручно образование „Skills Expert“ на Германската трговска комора со 8 германски, 2 македонски и 2 други странски фирми во 7 стручни училишта во 7 македонски града со елементи на германскиот модел на дуално стручно образование. Благодарение на стручното образование, моментално тоа се 220 млади лица како техничари за индустриска мехатроника и техничари за производно машинство, на македонското стопанство му стои на располагање квалификувана работна сила, а младите имаат солидна перспектива за иднина во нивната татковина.

Ви благодарам многу за интервјуто.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО