Интервјуа

Во иднина дизајнот ќе стане уште поважен отколку што е сега

Интервју со д-р Ѓоко Муратовски, доктор на науки за истражување во дизајнот и стратегии за корпоративна комуникација, член на Советот на Форбс

Наградуван дизајнер со импресивна работна биографија и образование кое ги вклучува и универзитетите Харвард и Јејл (меѓу неколкуте други), д-р Ѓоко Муратовски е член на Советот на Форбс и консултант за иновации кој работи со широк спектар на компании и влади од целиот свет. Со комбинирање на дизајнерско размислување, општествени науки и културолошка теорија, тој им помага на организациите да бидат истовремено поефикасни во иднината и ориентирани кон човекот. Како директор на Улман школата за дизајн во Синсинати, тој успеал да воспостави екосистем од десетина супер модерни лаборатории за истражување во областа на дизајнот, два најсовремени технолошки центри и музеј за дизајн. Оваа школа за дизајн е од исклучителна важност за развојот на индустријата и е препознаена од водечките публикации како Форбс, Блумберг бизнис, Вог итн.


 

Вие сте првиот Македонец што работел со Меѓународната вселенска станица (ISS) како дел од глобалниот тим на експерти. За какво истражување се работеше?

Ѓ. Муратовски: Јас бев дел од тимот кој работеше на развој на стратегија за основање на бизнис-инкубатор во вселенската станица. Годишно трошокот за одржување на меѓународната вселенска станица е 4 милијарди долари и потребно им е да пронајдат нови начини на кои би можеле да генерираат приходи. Но, во исто време, тие треба и да покажат дека истражувањето во вселената има директен бенефит за животот на Земјата. Во овој случај јас работев на развој на уникатна бизнис-стратегија за комерцијализација на вселенската станица. На мое големо задоволство, работата на мојот тим беше оценета како особено важна, па така концептот за бизнис-финансирање што ние го предложивме ќе се развива и понатаму. Ова беше прва фаза на проектот, а ќе има и две дополнителни.
Инаку, во мојот тим имаше експерти за квантни компјутери, вселенски инженеринг, научници, биолози, дизајнери и бизнис-експерти. Генерално, пет екипи работеа на разни проекти, со вкупно седумдесет луѓе од дваесет и пет земји. Мислам дека ова е првпат Македонец да е поканет да работи на развој за стратегии на меѓународната вселенска станица.


Интернационалната вселенска станица ISS

Дизајнот игра важна улога во бизнисот и трговијата, од изгледот на производите до начинот на кој се одвива брендовската комуникација. Вие неодамна бевте назначен во Советот на Форбс (Forbes). Преку оваа нова врска се рефлектира долгогодишното партнерство меѓу дизајнот и бизнис-заедницата. Која е Вашата улога?

Ѓ. Муратовски: Поканата за членство во Советот на Форбс за мене беше голем комплимент. Ова е веројатно највлијателното бизнис-списание во светот и самиот процес за членство е многу селективен. Мислам дека сум единствениот дизајнерски консултант кој е во Советот. Во оваа улога, поканет сум да коментирам на разни области од интерес за Форбс, но и да пишувам колумни во секцијата за лидерство во списанието Форбс. Со оглед дека Форбс е најпознат по нивното рангирање на најбогатите луѓе во светот и највлијателните бизнис-компании, мојата улога е прилично интересна кога ќе се земе предвид кој го чита списанието.

Сега, повеќе од кога било, се наметнува прашањето за одговорност. Која е промената на менталитетот кај дизајнерите? Досега се бараше искуство, техничко познавање, креативност, но сега се бара и одговорност. Според Вас, како ќе се оствари таа транзиција?

Ѓ. Муратовски: Дизајнот денеска е многу покомплесна и поширока област од порано. Сега тоа вклучува многу повеќе работи, тое веќе не е само област за креативно изразување. Да, тој дел сè уште постои, но сега дизајнот има многу дополнителен развиток. Се користи како начин на мислење во бизнис-стратегии, за развој на национални стратегии и така натаму.
Дури и во традиционална смисла, дизајнерите исто така имаат многу поголема одговорност во поглед на импактот што го имаат во користењето на природните ресурси, отпадот што го создаваат и начинот на производство што го користат.
И во двата случаја, дизајнерското образование мора да се смени и да се адаптира според новите потреби на општеството и на економијата. Во моментов јас сум дел од еден Комитет основан од Ај-би-ем (IBM) кој работи на нова глобална стратегија за дефинирање на иднината на дизајнерското образование. Во овој Комитет свои претставници имаат компании како: Филипс (Philips), Проктер и Гембл (Procter & Gamble) и Џеј-пи Морган (JP Morgan). Ова е показател дека дизајнот во иднина ќе стане уште поважна област отколку што е сега.


Работилница како да се дизајнира Ферари

Презентирана од Улман школата за дизајн и вас како домаќин, во онлајн серијата на предавања „Новото нормално“ беа вклучени гости/спикери кои се светски познати авторитети во областа на дизајнот како што се: Керол Билсон, Карим Рашид, Брус Мау, Стивен Хелер и Дон Норман. Може ли воопшто да се резимира накратко тоа драгоцено искуство?

Ѓ. Муратовски: „Новото нормално“ е фраза што ја користиме денес за да ја опишеме новата реалност во која живееме. Ова значи дека на многу начини ние го прифативме фактот дека нашиот свет се промени толку драматично, што повеќе нема да биде ист. Начинот на кој живееме, работиме, учиме, комуницираме со други луѓе, патуваме и купуваме, ги смени нашите животи толку радикално за толку неверојатно краток временски период, а последиците од оваа промена ќе продолжат и во годините што доаѓаат.
Прашањата со кои се занимаваме сега се премногу важни за да можеме едноставно да почекаме да се развијат сами. Како дизајнери ориентирани кон човекот, треба да дејствуваме брзо. Треба да бидеме смели, да бараме одговори и да дадеме решенија за подобра иднина. Но прво, треба да замислиме свет во кој би сакале да живееме и да работиме.
Ми беше особено задоволство да ги поканам најпознатите светски ликови во мојата област како гости. Кога почнав да учам дизајн во Македонија во 90-тите, за овие луѓе можев само да читам во странски списанија. Денеска веќе лично се познаваме и соработуваме.
Улман школата за дизајн на Универзитетот на Синсинати е најстариот факултет за дизајн во Америка. Основана е во 1869 година, па минатата година прославивме 150 години од основањето. Школата ја именувавме Улман во 2016 година, во чест на Мајрон Улман кој го откупи името на школата со донација од 10 милиони долари. Инаку тој е сегашен претседател на корпорацијата Старбакс (Starbucks), а поранешен директор на компании како ЛВМХ (LVMH - Loius Vuitton Moet Hennesay), Мејсис (Macy‘s), Џеј-си Пени (JC Penney) и корпорацијата за дијаманти Де Бирс (DeBeers). Неговата сопруга има дипломирано кај нас како графички дизајнер, тие тука се запознале кога и двајцата биле студенти, а тој дипломирал на Школата за бизнис на истиот универзитет.

Се наоѓаме во момент на голем технолошки пресврт и напредок во дизајнот и индустријата. Како дел од колеџот за дизајн, архитектура, уметност и планирање, вие основавте Центар за мобилност во иднината. Тојота, Форд, Проктер и Гембл, Аутодеск, Лектра, Пантон − листата на партнери е импресивна, а за студентите тоа мора да е возбудливо и огромна привилегија. Кои се Вашите искуства досега?

Ѓ. Муратовски: Центарот за мобилност на иднината е еден од двата центри за нови технологии кои ги развив тука. Ова се исклучително важни центри за нашите партнери од индустријата затоа што тука експериментираме со нови технологии и развиваме нови методологии на работа што допрва ќе се користат во разни сектори. Развиваме нови концепти за иновација со цел да им помогнеме на нашите партнери да постигнат повисока пазарна предност во нивните области.
Мобилноста како идеја е нов концепт што ќе го смени начинот на кој автомобилската индустрија функционира денеска. Мобилноста е нешто повеќе од транспорт и вклучува нови решенија од кои некои допрва треба да се измислат. Но, што точно тоа треба да вклучи и како тоа би изгледало во иднината − е токму тоа што ние го работиме тука. Како идни инвестиции и развој на нови инфраструктури, тоа се многу вредни информации и идеи за големите индустриски конгломерати за кои работиме. Клучен дел од нашата работа е исто така и предлагање на нови бизнис-стратегии основани врз нашите истражувања и предлози за настап на нови пазари или создавање на нови пазари кои можеби сè уште не постојат.


Со Маурицио Корби дизајнер на Ферари

Која е Вашата омилена област во индустрискиот дизајн? Да погодам − автомобили?

Ѓ. Муратовски: Имам многу омилени области, но да − автомобилската индустрија ми е омилена и најинтересна. Кога почнав да работам во оваа област немав речиси никакво претходно искуство. Но, решив дека ова би било интересно поле за развој и сакав да видам што би можел да придонесам. Во период од три години заедно со еден колега, кој исто беше без претходно искуство, ја развивме најдобрата програма за дизајн за мобилност во Америка и почнавме да работиме со најголемите автокомпании во светот. Тоа што нè направи различни е дека решивме да се фокусираме ексклузивно на нови технологии и трендови, без да се заморуваме со тоа како оваа индустрија функционирала во минатото.
Неверојатно е дека сега како мои гости тука доаѓаат дизајнери од Ферари и Јагуар, клиенти ни се Џенерал моторс, Форд и Фијат крајслер. Тојота, на пример, ни праќа нивни дизајнери од Јапонија да научат од нас како ние работиме. Потпретседателот за глобален дизајн на индиската автокомпанија Тата моторс, што е сега сопственик на Јагуар и на Ланд ровер, ја има честа да биде гостин професор кај нас.

На кои проекти работите во моментов?

Ѓ. Муратовски: Во моментов работам и со една новозеландска фирма за нови технологии во земјоделството. Ова е една од најважните економски гранки за иднината. Компанијата работи на комбинирање на вештачка интелигенција, паметни сензори и компјутерска аналитика за развивање на фарми на иднината. Ова се сосема нови концепти во оваа област кои би овозможиле растење на храна во услови што досега не биле возможни, а воедно и одржлив развој на земјоделството во услови на неповолни климатски промени.
Исто така неодамна бев поканет од израелското Министерство за економија и индустрија да бидам советник на неколку нови израелски компании во областа на нови технологии.
Инаку, во 2017 година и во 2018 година имав и ангажман со Белата куќа, бев поканет како советник на претседателската програма за иновација. Ова е една интересна програма основана од претседателот Обама за привлекување на талентирани технолози, претприемачи и иноватори од индустрискиот сектор за да соработуваат со Владата. Целта на оваа амбициозна програма е да се пронајдат најдобрите таленти во земјата кои би можеле да ѝ помогнат на Владата да ги реши најголемите проблеми на нацијата. Во тој период јас бев поканет од извршниот директор на оваа програма да помогнам со тренингот на овие иноватори и да дадам совет во одредени области. Ова беше многу интересна соработка за мене и многу уникатна со оглед дека бев единствениот странски државјанин поканет во таков капацитет.

Ваша порака/препорака?

Ѓ. Муратовски: Човек треба да верува во себе и во своите можности.


 

Разговараше: Лидија Георгиева
(Економија и бизнис, печатено издание, дкември 2020г./јануари2021г)

ПРЕПОРАЧАНО