Интервјуа

Марко Нововиќ: Патот кој го избравме ни овозможи стабилност, одржливост и раст

Интервју со Марко Нововиќ, главен извршен директор на Варус

Годинава компанијата „Варус“ одбележува 30 години постоење на македонскиот и пазарот на Југоисточна Европа. Како започна оваа успешна бизнис-приказна?

М. Нововиќ: Основана во 1990 година, „Варус“ е меѓу првите приватни компании за промет на големо со лекови, хемикалии, реагенси, лабораториски потрошен материјал, опрема и медицински средства.
Нашите почетоци и развојот во изминативе 30 години се поврзани со застапувањето на Merck KgaA во двата бизнис-сегменти за фармација и хемија, најпрво во Македонија и Србија, а потоа и во останатите држави во регионот.
Подоцна во портфолиото на „Варус“ се воведени и други компании кои сега имаат значаен удел во нашето работење. Формирана е и „Бионика фармацеутикалс“ како домашна компанија за производство на фармацевтски производи.

Од денешна перспектива како би го оцениле овој период? Кои се главните предизвици со кои се соочивте во изминативе 30 години, но и што е она што Ве прави најмногу горд? Што покажуваат податоците за развојот на „Варус“?

М. Нововиќ: Исклучително динамичен период, променет беше целокупниот општествено-економски систем и се градеа основите од почеток. Предизвиците беа бројни и чести. Нелојална конкуренција, нерегулиран пазар, ниски стандарди, чести промени на условите итн. Ние секогаш го избиравме подолгиот и потешкиот пат што за нас значеше и повеќе труд и забавување на растот, но тоа ни овозможи стабилност, одржливост, долга традиција и можност да стигнеме до овој јубилеј.
Исклучително сум горд што останавме доследни на нашите основни вредности кои се квалитет без компромис, лидерство во опкружувањето, одржлив развој, општествена одговорност и задоволни вработени. Имаме континуиран раст низ сите овие години, константно зголемување на бројот на вработени и веќе значајно присуство на пазарите во регионот на Југоисточна Европа.

„Merck KgaA“, позната и само како „Merck“, е мултинационална компанија од Германија која има повеќе од 57 илјади вработени и е присутна во 66 земји. Веќе 30 години компанијата „Варус“ е ексклузивен застапник и дистрибутер за производите на „Merck“. Кажете ни нешто повеќе за оваа соработка.

М. Нововиќ: Во време кога целокупниот систем се менуваше, ние избравме да ги следиме процедурите и насоките на „Merck“ и низ текот на годините тие станаа дел од нашите вредности и култура. Така станавме приврзаници на квалитетот од негов најширок аспект.
Соработката со „Merck“, како глобална компанија, за нас значи ексклузивен пристап до нови знаења и информации кои се од огромно значење за нашата работа и нашиот развој.
Привилегија е во своето портфолио да се имаат производи кои се иновативни и со највисок квалитет. Воедно, некогаш е предизвик насоките и генералната политика што ги добиваме од „Merck“ да се спроведат во земјите од регионот каде што работиме, но како и во секоја успешна соработка исклучително е значајно да се гледа долгорочниот интерес. Успеваме доследно да ја спроведеме политиката и понекогаш да бидеме лидери во процесите и спроведување на иновациите.

Групацијата „Варус“ е составена од повеќе компании во регионот. Кои се тие компании, каква е нивната улога и колку вкупно вработени брои групацијата во моментов?

М. Нововиќ: И другите компании во нашата групација ги одбележуваат своите јубилеи – „Бионика“ во Македонија 10 години и „Новос“ во Србија бележи 25 години постоење, додека „Варус“ во Косово веќе 5 години.
„Варус“ и „Новос“ се компании кои се застапници за производите и услугите на „Merck“, „Sigma-Aldrich“, „Millipore“, „Kurita“ во земјите каде што дејствуваат, додека „Бионика фармацеутикалс“ произведува свои производи и производи во соработка со други фармацевтски компании за потребите на регионот на Југоисточна Европа.
Групацијата на „Варус“ има 90 вработени и со своите активности го покрива целиот регион. Триесет проценти од вкупните приходи се остваруваат од извоз во земјите од регионот на Југоисточна Европа, Србија, Албанија и Косово, додека преку дистрибутерите на „Бионика фармацеутикалс“ производите се присутни и во Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.

Варус“ е партнер и поддржувач на многу здруженијата на пациенти и невладини организации. Како се одвива оваа соработка?

М. Нововиќ: Компаниите не се изолирани острови. Нивниот успех не е целосен и понатамошниот развој ќе биде ограничен доколку средината во која работат не го следи нивниот развој. Нашиот квалитет на живот е одреден од часовите кога не сме на работа. Затоа вистинската вредност на работата на компаниите е да го подобрат местото каде што дејствуваат и да го направат квалитетот на живот повисок.
Ние нашиот придонес во средината го гледаме како компаниска цел и резултат. Живееме заедно и соработуваме со многу здруженија на пациенти и невладини организации за реализирање на нивните активности, како и подигнување на јавната свест за одредени заболувања. Сакаме да ги подобриме условите во нашето здравство и настојуваме да го правиме тоа секогаш кога можеме. Со силна верба сме во иднината, низ развојот на младите, науката, вредностите и заштитата на животната средина.
Една од тие заложби е и опремувањето на Едукативниот центар за природни науки при „Детскиот културен центар Карпош“. Како одбележување на 30-годишнината од своето основање, „Варус“ обезбеди место каде што децата и младите ќе можат да ги надградуваат своите знаења и практичните вештини. Се надеваме дека овие активности ќе продолжат да бидат императив за работењето на сите компании. Да го направиме нашето место за живеење подобро.

Кризата предизвикана од ковид-19 донесе многу неизвесности и многу негативно се одрази на речиси сите сегменти од економијата. Како се одрази таа врз работата на хемиско-фармацевтската индустрија и врз работата на Вашата компанија?

М. Нововиќ: Секако дека кризата предизвикана од ковид-19 имаше влијание и на нашата индустрија и компанија. Во рамките на одредени портфолија побарувачката флуктуираше рапидно од неколкукратно зголемување до неколкукратно намалување. Таму каде што имаше зголемување, предизвиците беа да се обезбедат производи и суровини за да се задоволат потребите на населението така што организациско-техничките аспекти беа во преден план. Не е едноставно да се преструктурираат производствата и да се променат плановите во индустрија која е високорегулирана и стандардизирана. Особено во услови кога се појавија глобални недостатоци на одредени суровини и производи.
Во портфолијата каде што имаше намалена побарувачка од пазарот, предизвиците беа од аспект на промена на плановите и веќе резервираните производства. Сепак сметам дека генерално индустријата и „Варус“ во неа успешно одговорија на предизвиците и се прилагодија на новонастанатите услови.
Неспорно е дека светската пандемија ќе остави и длабоки траги на синџирите на набавка и локациите за производство. Сите предвидувања одат во насока на смалување на степенот на глобализација со регионализација на производствените капацитети и синџири на набавка.

Како го оценувате македонскиот хемиско-фармацевтски пазар, неговите движења, промени, трендови?

М. Нововиќ: Промените и трендовите во оваа индустрија се навистина динамични. Се работи на иновации и промени во сите сегменти, од производи, суровини, регулаторни стандарди, до пазарни и комерцијални услови. Сепак, фармацевтската индустрија во Македонија има традиција и е препознатлива не само во регионот туку и многу пошироко благодарение на повеќе генерации фармацевти и специјалисти во областа кои имаат децениски придонес за развојот и производството на фармацевтски производи во земјава. Тоа е добра основа и беше една од причините и ние да ја прошириме таа приказна и да понудиме производи од Македонија кои можат да бидат во најмала рака конкурентни на интернационалниот пазар.
Сметам дека успешно ги следиме трендовите, спаѓаме во групата на земји кои имаат потенцијал да работат на развојот на овие индустрии. Исклучително се значајни за целокупниот развој на земјава бидејќи се со високо ниво на додадена вредност, привлекуваат висококвалификуван кадар, овозможуваат побрз економски развој и значајни се бидејќи тие имаат синергиски ефект со многу други индустрии и сектори.

Кое е според Вас најголемото ограничување за развој на бизнисот на „Варус“, а произлегува од економското опкружување? Треба ли да се менува нешто во регулативата и слично?

М. Нововиќ: Генерално ограничувањата се најмногу изразени кај техничките бариери за увоз и извоз на производите и различните регулаторни барања во државите надвор од ЕУ. Иако нашите закони и регулативата генерално се хармонизирани со ЕУ, сепак постојат различни регулативи кај другите држави во регионот и тие бараат дополнителен ангажман и финансиски средства за да се задоволат. Ова е една од најголемите пречки и воедно најголем предизвик за подинамичен развој и ширење на пазарите на нашите компании. Сметам дека тука има простор да се поработи на дополнително хармонизирање на регулативата меѓу државите и меѓусебно признавање на стандардите и на сертификатите.

Кои се според Вас новите предизвици со кои ќе се соочи хемиско-фармацевтската индустрија, во светот и локално, во иднина?

М. Нововиќ: Фармацевтската индустрија e многу динамична и драстично променета. Со растење на нејзината улога во целокупните општествени односи и зголемениот интерес за неа, предизвиците со кои се соочува стануваат сè поголеми и честопати се доведува во прашање нејзината морална и етичка страна. Таквите тенденции не се намалија дури и при сегашата криза предизвикана од sars-cov-2 пандемијата каде што целата надеж за враќање на нормалниот начин на живот лежи во успехот од работата на овие компании. Затоа на овие тенденции, каде што стручната и пошироката јавност, т. е. пациентите сè повеќе се запознати и се интересираат за лековите кои се пропишуваат и бараат нови и поефикасни терапии, клинички подобри од постоечките, мора соодветно да се одговори со активна и транспарентна работа на тоа поле.
Од друга страна, креатори на промените се и државите кои во голем дел ги регулираат цените со тенденција на нивно намалување, ги насочуваат буџетите за третманите и ги подигнуваат и досега многу високите стандарди за квалитет.
Како одговор на овие влијанија, а со помош на исклучително брзиот напредок на науката, на технологијата и на клиничките истражувања, трендовите на денешните фармацевтски компании водат од персонализирана медицина и биолошки третмани, па сè до синтетички и модифицирани РНК-терапии и вакцини како што е новата за sars-cov-2. Во согласност со овие трендови и акцентот сè повеќе се става на превенцијата на влијанието на ризик-факторите кои доведуваат до болестите за тие да се спречат.

Какви се плановите на „Варус“ за иднината?

М. Нововиќ: Во овие тенденции „Варус“ е фокусиран на активно следење на иновациите, нивно воведување во третманите и посветеност да се стават на располагање на стручната јавност сознанијата и искуствата што ги има денешната медицина. Со задоволство можам да оценам дека успеваме да одржиме чекор со трендовите во индустријата и во некои области да бидеме лидери во обезбедувањето нови формули и третмани. Имаме акумулирана експертиза и искуство и можеме да одговориме на трендовите.
Нашата цел е интернационализација на компаниите од групацијата, што подразбира диверзификација на портфолиото на производи и услуги, проширување на производствениот процес. Комплетирајќи го нашето присуство во регионот, ќе работиме за географска експанзија надвор од него. Во нашата стратегија, фокусот е на стратешките партнерства за развој и производство на иновативни производи и услуги со додадена вредност.


Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2020/јануари2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО