Интервјуа

Нина Неданоска: Пазарот ќе добие нов и посилен банкарски играч

Интервју со Нина Неданоска, претседател на УО на Охридска банка АД Скопје

Заврши 2020 година која ќе биде запаметена како година на пандемијата предизвикана од ковид-19. Како ја оценувате реакцијата на банкарскиот сектор во однос на справувањето со економските последици од пандемијата, како спрема клиентите така и спрема пошироката заедница?

Н.Неданоска: Корона кризата ги помести плановите на компаниите, на граѓаните и на целокупната економија. Евидентен е падот на БДП од -3,3 % во третиот квартал на 2020 година, а економијата и официјално е во рецесија. Сите сектори беа и сè уште се исправени пред предизвикот да ја зачуваат стабилноста во своето работење. Во поглед на банкарскиот сектор, oценките дека тој е стабилен и високо капитализиран најдобро се покажа што значат во пракса токму во оваа кризна година. Колку и да сакаме да ја заборавиме оваа 2020 година, мора да напоменам дека оваа криза ни покажа колку сме биле спремни промптно да реагираме кога има нужда, да се прилагодиме на нови ситуации, да направиме цели системи да функционираат „од дома“, да донесеме одлуки и активности кои во нормално дејствување многу ригидно и бавно би се реализирале. На дело се покажа подготвеноста на банките да излезат со вистински мерки со кои им подадоа рака и на компаниите и на граѓаните во два клучни наврати со цел намалување на влијанието на корона кризата во нивното секојдневие. Од страна на банките беа објавени јавни понуди за одложување на наплатата на кредитните обврски кај компаниите и кај физичките лица, беа стопирани провизиите за трансакции преку електронско банкарство, овозможивме за пензионерите како ранлива категорија бесплатни платежни картички за да ги заштитиме од фреквенцијата во експозитурите, обезбедивме целосна логистика и продукција на домашните платежни картички, предвремена исплата на пензии, социјална помош, секојдневни внатрешни реорганизации за да се овозможи непречено опслужување итн. Дополнително на ова е општествено одговорното дејствување на банките. Охридска банка, свесна за оваа здравствено-економска криза, со заеднички напори со Шпаркасе банка Македонија и со групацијата Штаермеркише Шпаркасе обезбеди донација во вредност од 110 000 евра за поддршка на Инфективната клиника во Скопје, поддршка на неколку здравствени установи во земјава, Итната медицинска помош во Скопје, како и набавка на социјални пакети за загрозени семејства во земјава.

Во својата најнова оценка за македонскиот банкарски систем, Меѓународниот монетарен фонд оценува дека тој е добро капитализиран и профитабилен, но дека е важно во наредниов период да се врши стриктна класификација на кредитите и да се издвојуваат потребните резервации за покривање на потенцијални загуби. Каква е Вашата оценка за „здравјето“ на банкарскиот сектор во земјава?

Н.Неданоска: Македонскиот банкарски систем е стабилен. Така е долги години наназад, така е и сега. Тоа е резултат на конзистентноста во придржувањето до стандардите на модерното банкарство од страна на сите релевантни чинители. И токму во услови на криза како оваа се покажува дека банкарскиот сектор е навистина еден од столбовите на стабилност. Секако дека влијанието на ковид врз банкарското работење е реално и тоа налага прилагодување на процесите на анализа на ризиците и управување со средствата. Ако претходно банките анализираа финансиски текови во економијата на определени рокови, економска активност на компаниите, бизнис-планови и други вообичаени аспекти, сега се додава уште една призма во анализата, а тоа се сет прашања поврзани со влијанието на ковид кризата врз перформансите на краток, среден и долг рок. Вкупната економска активност во земјава е намалена поради влијанието на ковид состојбата и тоа се чувствува и во банкарското работење. Намалената активност на реалниот сектор се одразува на кредитната активност и на портфолиото, но и на дополнителните услуги кои им ги нудат банките на клиентите, што резултира со намалени приходи на банките по разни основи. Од друга страна, пак, ако се анализираат трошоците на банките, тие имаат прилично фиксен карактер, па дури и се зголемуваат заради исполнување на ковид протоколи за заштита на нашите вработени и на клиентите. Банкарскиот сектор е подготвен да ги апсорбира и да ги издржи ваквите состојби и соодветно да се прилагоди. „Здравјето“ на банкарскиот сектор мора да се чува и нормално е да се реагира превентивно за да се минимизираат ризиците од идни неочекувани влијанија, па оттука и потребата ова да резултира со соодветни политики за резервации. Очекувано е банките оваа година да имаат повисоки резервации, пред сè, како последица на претходно споменатите одлагања на кредитните обврски, предвидување и калкулирање на ризиците, особено кај компании кои дејствуваат во најпогодените индустрии, кај клиентите физички лица кои изгубиле работа или имаат намалени приходи како резултат на кризата. Ваквиот пристап овозможува многу поспремно, побезбедно да влеземе во наредната година и да не дозволиме да бидеме изненадени од некакво пролонгирање на кризата и во следната година.

Како го оценувате оствареното на Вашата банка годинава? Каква е нејзината позиција на пазарот на финансиски услуги?

Н.Неданоска: Она што во суштина го споменав за банкарскиот сектор во целина важи и за Охридска банка. Изминатава година, освен што работевме во пандемија, работевме и сè уште сме во интензивен процес на интеграција на Банката во новата Групација, Штаермеркише Шпаркасе, и во процес на спојување на Охридска банка и Шпаркасе Банка Македонија во еден субјект, кој се очекува да биде финализиран некаде во вториот квартал од следната година.
Глобалната слика е дека и покрај овие предизвици, Охридска банка успеа да го зголеми кредитното портфолио, а за една третина го намали нивото на нефункционални кредити со истиот период лани.
Финансискиот учинок наспроти овие предизвици очекувам да биде засегнат од здравствената криза, а најмногу од зголемените резервации кои се алатка со која ние банките создаваме клима за сигурност во иднина, за која и претходно зборував.
Сакам да ги уверам клиентите дека Охридска банка од секогаш била и ќе остане ликвидна, солвентна со високо ниво на адекватност на капиталот.
Впрочем, ликвидните средства со кои располага банката даваат простор и за понатамошно поддржување на кредитирањето на компаниите и на физичките лица како досега, така и во иднина.

Охридска банка стана дел од Штаермеркише Шпаркасе групацијата. Кои се, според Вас, клучните придобивки и предизвици од ваквото припојување?

Н.Неданоска: Пред точно една година, на 4 ноември 2020 година, се случи историски најголемата промена во рамките на банкарскиот сектор во земјава, односно преземањето на Охридска банка од страна на австриската групација Штаермеркише Шпаркасе, како и најавата за интеграција на Охридска банка и на Шпаркасе банка во еден поголем и посилен банкарски субјект во земјава, кој се очекува да настапи како таков субјект во вториот квартал на 2021 година.
Имено, освен самата големина и комплексност на овој процес низ кој поминуваме во моментов, преземањето важи и за најголемата странска инвестиција во земјава во 2019 година, што уште еднаш ја потврдува и важноста на припојувањето.
Придобивките и предизвиците се огромни и важат на сите страни, како на страната на нас како банки, така на страната на самиот банкарски сектор, а особено на страната на клиентите.
Во целина, пазарот ќе добие еден нов, посилен, уште постабилен банкарски играч, односно споените банки ќе настапат на пазарот како една посилна, помоќна и поголема Шпаркасе банка Македонија, која ќе биде четврта банка по големина на пазарот со пазарно учество од 12 % до 14 %.
Оваа интегрирана банка ќе биде широкораспространета низ земјава, со голема мрежа на банкомати и на експозитури, достапна за сите граѓани и компании, со модерен и иновативен пристап, и со понуда на банкарски производи прилагодени на дигиталните трендови, на очекувањата на клиентите и на нивните специфични потреби. Предизвици има многу, ги чувствуваме секојдневно и се особено изразени во овој период кој е под силно влијание на корона кризата, но интеграцијата како процес е водена и е реализирана од голем број на професионалци, вредни, искусни и посветени колеги, вработени во двете банки, кои секојдневно, чекор по чекор, одат напред создавајќи услови за непречено и успешно припојување на двете банки во една.

Како се реализира периодот на интеграција во новата групација? Тоа се комплексни процеси.

Н.Неданоска: Интеграцијата во новата групација е предизвик сам по себе, а дополнителен изискувачки момент е дека прилагодувањето кон новите стандарди се случува во време на пандемија. Паралелно на тоа, тимовите на Охридска банка и на Шпаркасе банка Македонија ја унифицираат производната понуда, мигрираат огромни сетови на податочни бази, подготвуваат и тестираат софтверски решенија кои треба да се користат во иднина, сè со цел да се овозможи континуитет и квалитет во услугата кон клиентите. Целиот овој процес го водиме со императив – да изградиме интегрирана, моќна и модерна Шпаркасе банка Македонија, која ќе биде прв избор на клиентите, посакуван работодавач на нашите вработени и гордост на нашите акционери.

Почетокот на секоја нова година традиционално носи со себе оптимизам. Какви се Вашите очекувања за 2021 година?

Н.Неданоска: Оптимистични. Иако е неблагодарно да се прават проценки на ситуацијата за следниот период, особено во услови на сè уште актуелна здравствено-економска криза, сепак, со оптимизам гледам на годината која доаѓа. Вообичаено е по период на контракција да доаѓа до раздвижување. Така најавите за одредени медицински пробиви, како вакцини, постепено стануваат реалност, светските берзи закрепнуваат, одложените планови нетрпеливо чекаат реализација, што зборува дека може да очекуваме нагорно движење на кривата на економската активност на глобално ниво. Тоа несомнено ќе ја повлече и македонската економија. Темпото, секако, ќе зависи и од секој од нас поединечно. Треба да имаме предвид дека ова не е класична економска криза, туку пред сè здравствена, каде што личната безбедност можеше да биде загрозена, па така секој еден од нас како индивидуа и секоја една компанија треба и понатаму да демонстрира индивидуална одговорност за општото здравје и безбедност, како и агилност, одговорност и сериозност во градењето на бизнис-плановите за периодот кој следува. Верувам дека македонските компании ќе почнат полека да закрепнуваат, дека пазарот на работна сила повторно ќе се раздвижи и дека сето тоа ќе придонесе кон раст на економската активност. Банкарскиот сектор ќе остане стабилен и во годината која доаѓа и како и досега ќе подаде рака на економијата, на бизнисите и на граѓаните секогаш кога тоа е потребно.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2020/јануари2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО