Убава Македонија
ГАЛИЧНИК
Александар Матески
Единствениот асфалтиран пат до село Галичник води низ националниот парк Маврово, покрај самото Мавровско Езеро. На околу 2,5 километри пред скијачките терени, патот скршнува на запад и се извишува по прекрасните падини на Бистра и оттука се потребни уште околу петнаесетина километри за да се пристигне во селото. Со оглед на големата надморска висина од околу 1700 м н.в., патот не е прооден во зимски услови. По патот впечатлив е споменикот на педесет и двајцата градежници кои го загубиле животот во снежната лавина во 1956 година при градењето на мавровскиот хидроенергетски систем, браната, а горе е и прекрасниот поглед на Мавровското Езеро, понорот Тони Вода, врвот Меденица... Другата варијанта за пристап до селото што е, исто така, атрактивна и може да се користи за планинарење е пристапот од прекрасното село Јанче, сместено во близина на дивата Радика, од кое се потребни околу 1,5 ‡ 2 часа пешачење.
Пределот е прекрасен за пешачење, кампување, престој во некоја од селските куќи, но и за активен туризам како: планински велосипедизам, планинарење, скијање. Во последно време посебно атрактивно е јавањето, а за оние физички поспремните и организираното планинско трчање во должина од 25 км (Беличица ‡ Меденица ‡ Беличица).
Меденица со 2.163 метри м н.в. и врвот Карбула со 2.148 м н.в. се највисоките врвови на Бистра од каде што се отвора прекрасен пејзаж кон, од една страна, Мавровското Езеро, а од спротивната страна прекрасниот планински венец почнувајќи од Шар Планина, Кораб, Дешат и целиот рекански регион. Секој подолг престој во селото мора да се искористи и за искачување на некој од овие врвови.

Селото е сместено на природен чардак со југозападна диспозиција кон дебарскиот крај. Можеби најдоброто место за одмор и за уживање во огромното пространство што се отвора пред Галичник е хотелот „Неда“ од каде што при ведро време погледот допира и до Дебарското Езеро.
Во непосредна близина на селото е и реката Ѓеневица, лева притока на Радика, со должина од само околу 8 км, примамлива по тешко пристапниот кањон и бројните водопади и каскади.
Централно место во селото има црквата „Св. Петар и Павле“ во чија непосредна близина се наоѓа и амфитеатарот пред кој се одржува дел од познатата манифестација Галичка свадба. Галичката свадба се одржува секоја година на Петровден и е најдобриот ден за посета на тој крај. Иако со огромна посетеност, манифестацијата е одлично организирана, па превозот и паркингот не се никаков проблем. Единственото нешто за кое треба да се размислува пред секоја посета е евентуалното претходно резервирање на престој во селото, со оглед на малиот капацитет за сместување на гости, или порано пристигнување со цел да се осигури подобро место во амфитеатарот и подобар преглед на манифестацијата. Галичка свадба е еден од најбитните настани поврзани со негувањето на македонскиот идентитет преку запознавање на новите генерации со заборавените адети, прекрасната музика на Мајовци и неизбежната зурла и тапанот, најдобрата македонска носија и најпрепознатливото македонско оро „Тешкото“. По секоја посета на оваа манифестација сè посилни и потешки се стиховите од Блаже Конески.
Ден пред секоја свадба, во близина на Галичник се одржуваат и дегустации на сирења, но и натпревари во борба на пеливани, натпревари во брзо стрижење на овци и слично.

Галичник е родното место на Макарија Фрчкоски, Лазар Личеноски, Партениј Зографски, Александар Сариевски и многу други личности кои оставиле значителен белег во нашата историја. Посебно високо место зазема Ѓорѓија Пулевски, авторот на според многумина првата македонска граматика, Славјанско-македонската општа историја, Тријазичникот (Речникот на македонски, албански и турски) и еден од првите интелектуалци кој е поборник на идејата дека македонскиот јазик е посебен и дека македонскиот народ е со изградени разлики во однос на другите соседни народи. Оттука сосема оправдано сред селото постои голема статуа на Пулевски.
Галичник, македонскиот бисер, е местото во кое е споена цела македонска убост, природната убавина, специфичната архитектура, носија, музика, обичаи... место што напролет задолжително треба да се посети.