Интервјуа

Деветото издание на Самитот Македонија2025, за првпат ќе се одржи во хибридна/ дигитална форма

Интервју со Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, по повод деветото издание на Самитот Македонија2025, кој за првпат ќе се одржи во хибриден/ дигитален формат

Госпоѓа Мојсоска Блажевски, дали може да ни кажете повеќе детали за претстојниот Самит Македонија2025?

Н.М.Блажевски: Одлучивме да ја продолжиме традицијата за организирање на Самит, нашите партнери и пријатели го очекуваат тоа од нас, притоа секако прилагодувајќи се на новата реалност. Земајќи ги предвид околоностите со пандемијата од Ковид-19, деветотоиздание на Самитот Македонија2025, за првпат ќе се одржи во хибридна/ дигитална форма од 1-ви до 3-ти декември 2020 година(15:00 ч. – 17:30 ч.),преку онлајн конференциската платформаhopin.com. Самитот Македонија2025 е врвен регионален настан кој претставува платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и поттикнување промени во регионот на Југоисточна Европа. Со едни од најдобрите имиња во бизнисот, науката и технологијата како наши говорници, ја градиме иднината во чекор со најразвиените земји во светот. Минатата година, на Самитот присуствуваа 400 гости, додека 500 гледачи го следеа настанот онлајн на нашиот YouTube канал. Веруваме дека успешно ќе ја одржиме долгогодишната традиција и дека пред нас е уште еден успешен, иако виртуелен настан.

На кои значајни теми ќе се осврне годинешниот Самит, имајќи ја предвид пандемијата со Ковид-19?

Н.М.Блажевски: Токму така, во овој период, пандемијата на Covid-19 и здравствената и економската криза низ светот, се неизбежна тема на сите дискусии, собири, конференции. Додека Самитот ги покрива овие теми, сепак целта ќе биде зголемен фокус кон заздравување на економиите, економските реформи, како и претставување на успешни примери и најдобри практики кај компаниите од земјава и светот. Очекуваме вклучување на над 400 високи претставници на институции и организации, дипломати, извршни директори, претприемачи, членови на академијата и млади лидери.

Како некои од главните теми на годинешниот Самит би ги издвоила:  економските реформи и меѓународните односи за време на глобалната здравствена и економска криза, понатаму начините за основање и градење на успешен бизнис во земјите во развој, како и моќта на компаниите со култура ориентирана кон луѓето.

Ќе зборуваме и за економскиот напредок на Македонија кон постигнување на повисоки стапки на раст и повисок животен стандард, што е впрочем во основата на нашата организација, како и желба на секој граѓанин, секоја компанија, секој политички лидер. Ќе понудиме и насоки и идеи за реформи во клучни области на економијата и општеството, кои би не довеле до посакуваниот резултат: поразвиена економија и подобар живот на граѓаните.

Кои дополнителни активности и можности ќе ги понуди виртуелниот Самит Македонија2025?

Н.М.Блажевски: Виртуелната конференциска платформа нуди навистина многу можности за вмрежување меѓу онлајн посетителите, спонзорите, говорниците. Учесниците ќе можат да уживаат во нашите инспиративни панел-дискусии, а покрај тоа ќе имаме и интервјуа, разговори со врвни бизнисмени, лидери, носители на политики и признати професионалци од областа на медицината. Исто така, платформата нуди интерактивно учество, па така сите ќе бидат во можност да ги споделат своите мислења, прашања, дилеми.  Тука е и виртуелното Експо на спонзорите, како и други интерактивни компоненти за врвно искуство на присутните.  Во склоп на Самитот, имаме и интересен настан со нашите успешни млади и г-н. Стево Пендаровски, претседател на Република С. Македонија. Ќе ја промовираме и онлајн платформата за поврзување на македонските бизниси со експерти од дијаспората, наречена Connect2MK.

Би можеле ли да споделите дали и како Ковид кризата влијае(ше) врз тековниот календар на активностите на организацијата?

Н.М.Блажевски: Секако дека никој не остана имун на последиците од Ковид кризата, особено дејностите кои вклучуваат сервисни услуги и меѓународна соработка. За жал, морам да кажам дека голем дел од планираните активности и програми на организацијата за оваа година се одложија. Од друга страна, кризата покажа дека можеме да функционираме онлајн и да ги искористиме можностите кои ги нуди дигитализацијата. Па така, во март решивме да организираме серија на онлајн обуки, вебинари за пренос на знаењето од светски реномирани компании за справување со кризата, користејќи го богатиот потенцијал на нашите членови – истакнати имиња од сферата на бизнисот во дијаспората.  Организиравме и онлајн донаторска кампања наречена „Да ги заштитиме здравствените работници кои се грижат за нас!“, а постојано работиме на голем број проекти, истражувања и анализи. Ја спроведовме пресмeтката на индексот на бирократија како дел од проектот „Кон намалување на бирократскиот товар„*, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот. Подготвивме и анализи за влијанието на Ковид кризата врз компаниите, со насоки и идеи за дизајн на поефикасни мерки за поддршка на компаниите. А, исто така сме една од партнерските организации на Претседателскиот центар за политичко образование. Би сакала да напоменам дека оваа година Македонија2025 ја освои престижната Награда за мал бизнис 2020  (Small Business Awards), каде што беше прогласена за Најдобра организација за лидерски и економски развој во Југоисточна Европа. Накусо, задоволни сме со резултатите и постигнувањата оваа година и остануваме посветени на остварување на нашата мисија: да ја обликуваме иднината на Македонија преку промовирање на одржлив економски раст, што ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори.

За крај, каде можат да се регистрираат сите заинтересирани за Самитот Македонија2025?

Н.М.Блажевски: Секако, сите заинтересирани за учество на виртуелниот Самит Македонија2025 можат да се регистрираат на следниот линк ОВДЕ, по навистина симболична цена од 20 ЕУР. Ги поканувам сите да се пријават на овој настан и да остават свој белег во обликувањето на подобра, поефикасна и економски просперитетна иднина за регионот на Југоисточна Европа. Ве очекуваме!

ПРЕПОРАЧАНО