Интервјуа

Бобан Јосифовски: „Златно славејче“ е најстариот детски музички фестивал на Балканот, а втор во Европа

Бобан Јосифовски

директор на детскиот фестивал „Златно славејче“

Господине Јосифовски, во ноември годинава детскиот фестивал „Златно славејче“ прославува голем јубилеј, 50 години постоење. За да ја разбереме подобро важноста на јубилејот, има ли и други детски фестивали со ваков јубилеј во регионов и пошироко?

Б. Јосифовски: „Златно славејче“ е најстариот детски музички фестивал на Балканот, а втор во Европа веднаш по италијанскиот фестивал Camino d‘oro.
Основачи на фестивалот се Благоја Јордановски, тогашен секретар на Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје, композиторот Александар Џамбазов, уметнички директор и поетот Васил Пујовски. Првото издание на фестивалот е организирано на 23 мај 1971 година, се викал „Бираме златен глас“ и се одржал во Драмскиот театар во Скопје. На првите концерти пееле Игор Џамбазов, а од Блаже Маротов бил испеан големиот хит „Ах тој крокодил“. Првите 25 години фестивалот се одржувал во живо со ревиски оркестар, но со текот на времето, поради развојот на технологијата, барањата да се одржуваат голем број на претстави, финансиите... се премина на плејбек. За голема наша среќа и најважно на децата, 50 години наназад фестивалот има континуитет, живот, без разлика на потешкотиите и околностите со кои се соочуваме за негово организирање.
„Златно славејче“ претставува своевидна институција која ја следат илјадници посетители за време на неговото одржување. Оваа година е 50 години, значаен јубилеј, но поради пандемијата активностите кои беа планирани за негова организација претрпеа модификации. Педесет години „Златно славејче“ претставуваат голема радост, гордост, но и голема одговорност да продолжи да живее и понатаму.

Што покажуваат бројките, низ годините колку „славејчиња“ настапиле на „Златно славејче“, колку автори и песни имало досега? Патем, некои од „славејчињата“ подоцна станаа познати во светот на музиката...

Б. Јосифовски: Фестивалот „Златно славејче“ е ризница на многу автори, композитори, пејачи. На фестивалот своите први настапи ги имаа голем број македонски музички sвезди како: Тоше Проески, Калиопи, Ана Дурловски, Симон Трпчески, Стефан и Мартин – дуото Некст тајм, Влатко Илиевски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева и многу други.
Во текот на 50 години испеани се многу хитови: „За сите деца“, „Дувна ветре развигорче“, „Ах тој крокодил“, „Рингишпил“, „Слончето Бимбо“, „Кап, кап“, кои за среќа децата и нивните родители ги пеат на детските родендени, училишни приредби, дружења.

Како функционира „Златно славејче“? Како се финансира? Колку е тешко од тој аспект да се одржи високиот квалитет на фестивалот? Ја препознаваат ли големите и успешни компании од земјава големината на брендот на фестивалот?

Б. Јосифовски: Фестивалот „Златно славејче“ последниве дваесетинa години функционира преку самофинансирање, односно преку спонзорство, членарини и од продажба на влезници. Бидејќи претставува најстара музичка манифестација за деца во регионот и кај нас, многу компании го препознаа својот маркетиншки интерес и долги години се традиционални спонзори и поддржувачи на нашиот фестивал. Се работи за големи и успешни компании од Македонија, како и некои брендови на светско ниво. Исто така тука е и помошта од Министерството за култура и Град Скопје.

Ние дома имаме едно пораснато „славејче“ кое пееше на фестивалот пред 10 години и знаеме како изгледаат подготовките. Мислам дека би било интересно и јавноста да се запознае со нивната темелност и траење. Патем, хорот не настапува само еднаш годишно.

Б. Јосифовски: Активностите на хорот „Златно славејче“ траат во текот на целата година и можам да кажам дека и тоа е еден од главните предуслови за успешен и квалитетен фестивал. Пробите традиционално се одржуваат секој вторник и петок, додека месец август е резервиран за десетдневни подготовки на хорот во Детското одморалиште „Славејче“ во Охрид. Покрај фестивалските приредби кои редовно се одржуваат во месец ноември, имаме и безброј настапи по разни поводи низ државава во текот на целата година.
Со децата од хорот работат професорот по музика Катерина Баталаковска и кореографот Виолета Бајрам.

Тие подготовки истовремено влијаат и на градење на личноста на мала возраст, другарства за цел живот итн. Сигурно досега сте виделе безброј примери. Можете ли во оваа прилика да споделите и некоја анегдота?

Б. Јосифовски: Главна цел на Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје, покрај музичката надградба и пронаоѓање таленти, е да изградиме од децата примерни личности со кои во иднина ќе се гордееме. Многу сум горд што сме успеале во овој сегмент и се чувствувам среќен кога ќе прочитам или ќе добијам некоја информација за постигнат успех на некое поранешно „славејче“. Подготовките во Охрид покрај музичката надградба овозможуваат и развивање на другарство меѓу децата и посебно обрнуваме внимание на социјалната и воспитната компонента кај децата.
Би напоменал дека хорот „Златно славејче“ учествува и на манифестации кои ги промовираат детските права, традиционалните вредности, семејството, еднаквоста, здравјето, хуманоста.
Би издвоил една анегдота од едно гостување во Полска, во градот Закопане, на први април, со децата од хорот „Златно славејче“. Се пошегувавме со родителите. Шегите беа многу оригинални при што родителите им поверуваа, а тоа беше и намерата на децата.

Своевремено, во текот на летните подготовки во Охрид, „златните славејчиња“ секоја година одеа во резиденцијата на претседателот на Македонија. Трае ли уште таа традиција?

Б. Јосифовски: Од осамостојувањето, па до денес покровител на фестивалот е претседателот на државава. Убавата традиција „златните славејчиња“ да бидат гости во претседателската резиденција во Охрид продолжува и трае на задоволство на децата. Исклучок беше оваа година поради пандемијата од ковид-19 − не се реализира посетата кај претседателот на државава.

Секоја година на почетокот на месец април имаме аудиција за прием на нови членови на хорот и солисти, со тоа даваме шанса на голем број талентирани деца. За среќа, интересот на децата секоја година е огромен. Хорот на „Златно славејче“ брои околу 100 членови на возраст од 7 до 14 години, а на аудиција примаме деца од 7 до 10 години

„Златните славејчиња“ имаат многубројни настапи и во странство. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

Б. Јосифовски: „Славејчињата“ се наши културни амбасадори, со многу гостувања во странство. Со години учествуваме на престижната манифестација „Радоста на Европа“ во Белград. Сме биле во речиси сите европски држави, Канада, Австралија, САД, во 2004 година настапувавме во Атина во пресрет на одржување на Летните олимписки игри во Грција. Секогаш сме оделе одлично подготвени, сме имале настапи со кои гордо сме ја претставувале Македонија.

Како се станува член на хорот?

Б. Јосифовски: Секоја година на почетокот на месец април имаме аудиција за прием на нови членови на хорот и солисти, со тоа даваме шанса на голем број талентирани деца. За среќа, интересот на децата секоја година е огромен. Хорот на „Златно славејче“ брои околу 100 членови на возраст од 7 до 14 години, а на аудиција примаме деца од 7 до 10 години.

Како функционира хорот во ова време невреме со пандемијата? Како ќе го одбележите големиот јубилеј и какви се плановите за во иднина?

Б. Јосифовски: Во услови на пандемија моравме да се прилагодиме на новонастанатата ситуација, почитувајќи ги сите протоколи. Фестивалот „Златно славејче“ оваа година се одржа на 27 септември, многу порано за разлика од претходните години кога се одржуваше во месец ноември. Тоа беше една фестивалска јубилејна изведба под ведро небо. Се одржа пред платото на СРЦ „Борис Трајковски“. Водител на фестивалот беше Марко Новевски кој и минатата година и оваа успешно ги анимираше децата и ги следеше нивните емотивни реакции. На бината беа присутни сегашните, но и поранешни „славејчиња“: браќата Стефан и Мартин (дуото Некст тајм), Давид Темелков и други кои со многу емоции се потсетија кога тие ги изведувале песните, но и што всушност за нив претставува „Златно славејче“. Свое учество имаа и Александар Митевски и Бени Шакири со „Песна за Скопје“. Композиторот Ристо Самарџиев кој напишал многу песни за фестивалот им порача на сите дека „Златно славејче“ е многу повеќе од детски фестивал и затоа мора да се чува и да се негува за да можат со него да растат уште многу генерации во иднина.
За фестивалот имаше голем интерес, но поради безбедносните мерки не можеа сите да влезат во оградениот дел, па така имаше многу родители и деца што останаа надвор да ги слушаат и да ги потпевнуваат детските хитови.
Ова фестивалско издание го означи почетокот на одбележувањето на златниот јубилеј, кое ќе трае и во текот на следната година. Ќе следуваат уште многу активности, средби, планираме на 23 мај идната година на денот кога почна оваа успешна детска приказна да се одржи свечена академија, ќе следуваат цедиња, дивидија и уште многу други активности.

Ви благодарам за интервјуто и ви посакувам уште многу јубилеи.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание. ноември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО