Интервјуа

Илија Митрев Пенушлиски: Ретко кој спор не може да се реши со арбитража

Илија Митрев Пенушлиски

адвокат во Париз

Веќе единаесет години работите како адвокат во Париз. Каков беше Вашиот пат од Правниот факултет во Скопје до една од светските водечки меѓународни правни фирми во Париз?

И.М.Пенушлиски: Би рекол дека патот до Париз започна од Париз. Во 1998 година, неколку месеци пред да одам на размена во средно училиште во Америка, мајка ми ме однесе во Париз со цел да добијам идеја за европската цивилизација пред да поминам една година во американската. Таа живеела неколку години во Париз – Париз е нејзин град. Бев шокиран од убавината на градот, од идејата за град (и покрај тоа што не зборував француски, а тогаш ретко кој зборуваше англиски во Франција). Тоа прво патување во Париз останува ненадминато без разлика на тоа колку авиони и возови сум фатил од тогаш.
Од Америка се вратив во Македонија и се запишав на Правниот факултет во Скопје. Кога дипломирав бев жеден да го видам светот и да се дообразувам. Аплицирав за магистерски студии низ Европа и добив стипендија за Оксфорд. Таму се нурнав во меѓународното право, но и во меѓународните спорови. А полето на мојата магистерската беше арбитражата. Уживав таа година.
По Оксфорд се вратив во Македонија и работев на проект на УСАИД за развивање на бизнис-околината во нашава земја. Но, не ми беше доволно искуството во Оксфорд – сакав уште знаење, уште шетање и нови пријателства. Аплицирав за втора магистерска, во Америка. Повторно добив стипендија, овој пат од Харвард! На Харвард поминав две години, прво како магистранд, а потоа како истражувач. Изучував човекови права, меѓународно право и арбитража.
На Харвард ја добив идејата да се стекнам со практично искуство од меѓународното право. За тоа опциите генерално се лимитирани: меѓународни организации, меѓународни судови или меѓународни адвокатски канцеларии кои се занимаваат со меѓународни спорови. Го положив њујоршкиот правосуден испит и испратив еден куп апликации за работа. Но, тогаш светската финансиска криза беше во ек и никој, вклучително и големите адвокатски фирми, не вработуваше. На крај имав среќа: на Конференција на Американското друштво за меѓународно право се запознав со два партнери од Шерман и Стерлинг (Shearman & Sterling), американска адвокатска канцеларија и лидер меѓу малкуте фирми кои тогаш се занимаваа со меѓународно право и арбитража. Едниот од нив беше Емануел Гајар (Emmanuel Gaillard), Французин и можеби најпознатиот професор и практичар во полето на арбитражата. Им го испратив резимето, ме интервјуираа и ми понудија вработување во канцеларијата во Париз. Мајка ми беше пресреќна за Париз, а татко ми за иднината!

Вашата специјализација е меѓународната арбитража и мирното решавање на меѓународни спорови. Таа пракса на пошироката публика ѝ е можеби помалку позната. Во што се состои? Зошто една компанија би избрала попрво арбитража отколку домашен суд?

И.М.Пенушлиски: Арбитражата е вонсудски механизам за решавање спорови чија основа е договор меѓу страните на спорот. Страните се договараат дека во случај на спор ќе одат на арбитража наместо на суд. Cтраните ги одбираат арбитрите кои ќе го решаваат спорот, како и меродавното право и процедуралните правила кои ќе ги примени арбитражниот трибунал.
За секој спор се формира посебен трибунал. Едната страна назначува еден арбитер, другата втор, а претседателот на трибуналот обично е избран од двата арбитри. Арбитрите се професори или адвокати со искуство во арбитража (изборот на арбитрите е една од најбитните стратешки одлуки во процесот).
Не постои жалба против одлуките на трибуналите. Во принцип, единствениот правен лек е можноста за анулирање на одлуката, но за тоа основите се исклучително лимитирани (на пример, неправилности во составувањето на трибуналот, ненадлежен трибунал или повреда на јавниот поредок). Две главни меѓународни конвенции, Њујоршката конвенција од 1958 година (за трговски спорови) и Вашингтонската конвенција од 1965 година (за инвестициски спорови), ги обврзуваат земјите потписнички да ги признаат и да ги извршат арбитражните одлуки како да се финални пресуди на домашни судови.
Иако арбитражата е одамнешен концепт, и Старите Грци и Римјаните ја користеле како метод за решавање спорови, таа доживува вистински бум во втората половина на ХХ век со развојот на меѓународната трговија и почетокот на глобализацијата. Арбитражата преминува од алтернативен и повремен начин на решавање спорови во секојдневие на прекуграничниот бизнис. Зошто? Прво, неутралност: често компаниите немаат доверба во судовите на државите од кои доаѓаат нивните трговски партнери. Индиски производител и либански купувач можеби би биле загрижени за независноста и непристрасноста на судовите во Бејрут или Калкута. Основната предност на арбитражата е што ја елиминира таа (можеби перципирана, а не вистинска) предност на домашниот терен, т. е. судовите и правото на спротивната страна. Второ, полесно извршување: Вашингтонската и Њујоршката конвенција овозможуваат едноставно извршување на арбитражните одлуки во која било од преку 150-те земји потписнички на овие конвенции. Трето, доверливост: нема потреба да се објаснува зошто на компаниите им е неопходно зачувувањето на нивните трговски тајни. Арбитражата (пред сè трговската) е во основа доверлива, додека судските процеси се во голема мера јавни. Четврто, специјализација: некои спорови бараат специјализирано знаење во одредена дејност. На пример, споровите во градежништвото се комплексни и технички. Во арбитражите за градежни спорови, страните можат да одберат арбитри кои ги познаваат специфичностите на градежната индустрија.
Накратко, во контекстот на прекугранична трговска размена, арбитражата е супериорен метод на решавање спорови. Тоа го потврдуваат меѓународните анкети според кои, во повеќе од 90 % од случаите кои инволвираат меѓународен договор или меѓународна трговија, компаниите ја преферираат арбитражата повеќе од домашните судови.


Вие бевте еден од главните адвокати во спорот против Русија во врска со бившиот нафтен магнат Јукос. Резултатот е најголемата отштета во историјата на арбитражата, 50 милијарди долари, кои ги обезбедивте за Вашите клиенти. Како една правна фирма се подготвува за таква арбитража и рочиште?

И.М.Пенушлиски: Јукос е навистина посебен случај. Посебен е бидејќи инволвираше ретки меѓународно-правни прашања, зашто трибуналот одлучи дека Русија го уништи Јукос од политички и економски причини (имено, за да го отстрани Михаил Ходорковски, директорот на Јукос, од политичката арена и да ги префрли нафтените полиња на Јукос од приватни во државни раце) и заради висината на отштета без преседан. Рочиштето се одржа во Палатата на мирот во Хаг каде што се наоѓа и Меѓународниот суд на правда, и траеше пет недели. Преку педесет адвокати беа во беспоштедна борба. Пред крајот на рочиштето, претседателот на трибуналот (кој патем беше поранешен претседател на Советот за безбедност на Обединетите нации) забележа дека бројот на присутните адвокати во судницата значително се намалил. Повеќе од половина беа во хотел и во бессознание од умор! Без разлика, да се биде дел од таква арбитража е и привилегија и задоволство – како и во други полиња, но и општо во животот, во арбитражата најмногу се учи од најжешките битки и противници.


 

Кој ја користи арбитражата и кои спорови се подобни за арбитража?

И.М.Пенушлиски: Ќе почнам со вториот дел: ретко кој спор не може да се реши со арбитража. Исклучоците варираат од земја до земја, но обично кривични, семејни и некои управни спорови остануваат во исклучива надлежност на домашните судови. Сето останато може да се реши со арбитража, дури понекогаш и даночни спорови.
Што се однесува до првиот дел од прашањето: сите ја користат арбитражата. Прво, државите во спорови против други држави. Хрватска и Словенија, на пример, го решаваа граничниот спор по пат на арбитража. Србија можеби ќе оди пред арбитражен трибунал за своите недоразбирања со Хрватска за реката Дунав и нивната граница.
Следната категорија се спорови меѓу странските инвеститори и државите во кои тие инвестирале. Во светот постојат преку 3 000 билатерални и мултилатерални меѓународни договори за заштита на странските инвестиции. Овие договори им овозможуваат на инвеститорите директно да одат пред арбитражен трибунал и да ги тужат државите во кои инвестирале за прекршок на меѓународното право, како на пример правилата во врска со експропријација, дискриминација или нефер третман. Инвестициската арбитража е во подем веќе три децении – има преку 1 000 такви случаи. Тоа се комплексни и долги парници кои можат да инволвираат побарувања од стотици милиони евра. Станува збор за големи и долготрајни капитални инвестиции − на пример, во врска со изградба на енергетски погони и инфраструктура, приватизации, концесии, долгорочни договори за продажба на енергија итн. при што може да дојде до секакви технички, политички и економски недоразбирања, како и управни и кривични процеси. На македонската јавност веројатно ѝ се познати споровите меѓу нашата држава и, на пример, акционерите на Фени, на Свислион и на ЕВН. Јас редовно застапувам држави и инвеститори во такви спорови. Од државите, клиенти на мојата фирма се: Кина, Украина, Литванија, Хрватска, Панама, Грузија и други. Во моментов ја застапувам Литванија во две огромни арбитражи против францускиот гигант Веолија, компанија која речиси 15 години управуваше со системот за топлификација во Вилнус.
Најраспространетиот тип арбитражи се споровите меѓу компании (и индивидуи) – таканаречената трговска арбитража. Илјадници трговски спорови годишно се регистрираат во главните светски арбитражни центри (Париз, Лондон и Женева), но и во локални стопански комори, па и во нашиот регион. Тука поткатегориите се бескрајни: од градежнички (FIDIC), инфраструктурни и енергетски арбитражи до одговорност за неисправна стока, корпоративни спорови, косопственички несогласувања, неплатени сметки, противправно раскинат договор итн. Обично побарувањата се да се исплати штета, но во одредени случаи барањето до трибуналот може да биде и да се промени договорот. На пример, јас застапувам компании кои купуваат природен гас преку долгорочни договори со големите производители како Газпром и Шел (Shell). Цената на природниот гас во таквите договори е често индексирана (врзана) за цените на друга стока, на пример нафтата. Понекогаш формулата во договорот според која се пресметува цената на гасот губи допир со пазарната реалност и мора да се промени. Во случај страните да не се спогодат за новата формула, арбитражен трибунал може ја ресетира во договорот.
На крај морам да ја споменам и спортската арбитража која е посебен и битен вид меѓународна арбитража. Арбитражниот трибунал во Лозана ги сослушува спортистите и екипите, вклучително и казнетите руски олимпијци, поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини и Манчестер сити кој оваа година успеа во арбитража да ја анулира забраната за натпреварување во европски шампионати.

Арбитражата е неминовен феномен, посебно кога еден пазар ќе се отвори и ќе се поврзе со светот. На Балканот, во изминативе десетина години, арбитражата е во подем. Како се множат трговските и инвестициските врски, така се развива и идејата за арбитража.  

Колку е застапена арбитражата во регионот? Кое е македонското искуство со арбитражата?

И.М.Пенушлиски: Арбитражата е неминовен феномен, посебно кога еден пазар ќе се отвори и ќе се поврзе со светот. На Балканот, во изминативе десетина години, арбитражата е во подем. Како се множат трговските и инвестициските врски, така се развива и идејата за арбитража.
Во нашиот регион веќе има речиси осумдесет инвестициски арбитражи. Македонија досега била туженик во минимум шест инвестициски арбитражи, од кои три се во областа на рударството. Има информации за барем уште две арбитражи во врска со Окта. Истовремено нашите компании почнуваат да се здобиваат со искуство во трговската арбитража.
Генерално, постои здрава конкуренција меѓу државите од регионот за тоа која ќе биде најразвиен центар за арбитража. Во врска со тоа, две случувања треба посебно да се издвојат. Прво, Правниот факултет во Скопје, а посебно проф. Тони Дескоски, проф. Сашо Георгиевски и доц. Вангел Доковски веќе неколку години наназад организираат учество на нашите студенти во најголемите студентски натпревари по арбитража во светот. Тоа е од особено значење. Освен што се најдобриот начин да се научи дисциплината, тие натпревари им овозможуваат на студентите да усовршат јазик, да се здобијат со вештини (пред сè, пишување и јавно зборување) и да креираат мрежа. Учеството во таквите натпревари е многу ценето од странските универзитети кога ги разгледуваат апликациите за магистерски студии. Накратко, одличен успех на Правниот факултет и на професорите!
Јас со задоволство се обидувам да помогнам во подготовките за натпреварите на студентите и понекогаш одржувам предавање (во услови на ковид, вебинар) за актуелни теми од арбитражата како што правам и на универзитети во Париз и во Лондон.
Второ, Стопанската комора на Македонија формираше Постојан суд за арбитража кој редовно администрира арбитражни спорови. Истовремено, веќе неколку години, Комората организира конференции за меѓународна арбитража на кои досега учествувале светски познати практичари и професори.
Да се биде предводник во регионалната конкуренција е битно бидејќи арбитражата е на некој начин уште еден канал за комуникација со надворешниот свет и, следствено на тоа, можност да се докажеме на светската сцена. Истовремено, развиен систем за арбитража укажува на здрав правен поредок и атрактивна бизнис-клима. Со оглед на тоа дека странските бизниси често го гледаат Западниот Балкан како една економска целина, оваа регионална арбитражна трка не е лоша шанса за нас.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО