Интервјуа

Мирчев: Нашите корисници се нашата инспирација

Методија Мирчев

извршен директор на А1 Македонија

Компанијата А1 Македонија одбележува 1 година присуство на брендот А1 на македонскиот пазар. Како го оценувате присуството на брендот А1 една година подоцна?

М. Мирчев: А1 брендот за многу кратко време стана дел од секојдневниот живот на нашите корисници, на целата јавност. Беше и очекувано. Имаме моќен и етаблиран бренд во повеќе земји, дел сме од голема и реномирана А1 Телеком Групација, раскажуваме инспиративна А1 бренд приказна − изминатава година беше само почеток. Реализиравме успешна трансформација, и денес, една година подоцна, имаме бренд кој континуирано ги следи потребите на корисниците и соодветно ги исполнува, секојдневно надополнувајќи и усовршувајќи ја понудата, бренд кој нуди безброј можности и отвора нови светови и, пред сè, бренд на кој може да му се верува. Токму довербата која континуирано ја добиваме од нашите корисници нè поттикнува уште повеќе да се фокусираме кон обезбедување врвна услуга и корисничко искуство и ја зацврстува нашата определба да бидеме лидер на македонскиот пазар.

Како го оценувате македонскиот телекомуникациски пазар, неговите движења, промени?

М. Мирчев: Македонскиот телекомуникациски сектор е развиен и ги следи најновите светски трендови. Пазарот е висококонкурентен, со голем број учесници што, секако, го прави притисокот многу поголем. Но, она што е важно да се истакне, услугите што ги добиваат македонските корисници воопшто не заостануваат зад оние што ги добиваат корисниците во високоразвиените европски земји. Самото движење на оваа компанија говори за промените и развојот на телекомуникацискиот пазар. Беше препознаена само како мобилен оператор, но прерасна во конвергентен оператор на пазарот кој сега ги нуди сите услуги во областа на мобилната телефонија, фиксната телефонија, ТВ-услуги и услуги во сферата на ИКТ.

Користејќи ги сопствените искуства, но и силната поддршка на А1 Групацијата како етаблиран европски бренд креираме прилагодени решенија специфични за различни деловни вертикали со кои се олеснува функционирањето на бизнисите во дигиталниот свет. Наша цел е да понудиме најдобра вредност за вложените пари, но уште поважно да го задржиме и да го надградиме партнерскиот однос со нашите деловни корисници преку најдобар можен кориснички третман и врвна корисничка услуга

Пандемијата предизвикана од ковид-19 го потресе светот. Како влијае пандемијата на телекомуникацискиот бизнис? Како се одразува на работата на Вашата компанија и како се справувате со неа?

М. Мирчев: Последниве месеци ги променија луѓето, нивните потреби и навики, начинот на живеење и работење. Се измени светот што го познававме. Ако пред ковид-19 телекомуникациите беа повеќе од потреба, сега тие се есенцијални за функционирање во нормалноста која ни ја наметна пандемијата. Влијанието секако дека се чувствува и во нашата индустрија. Но, за разлика од многу други сектори кои се најдоа во целосна неможност за работење, нашиот требаше брзо и соодветно да се прилагоди на новите околности. Кризата влијаше во два правци: наметнатото и неминовно прилагодување на корисниците кон дигитализиран начин на живеење донесе до забрзување на процесот на дигитализација, а со тоа и зголемување на потребите на корисниците за нашите услуги и, од друга страна, ударот врз економијата и џебот на граѓаните доведе до максимално рационализирање на нивните трошоци.
Уште при првите регистрирани случаи во Европа се вклучи алармот на нашата Групација. Со целиот тим на А1 заеднички ја оспособивме компанијата да функционира во крајно вонредни услови и уште еднаш се докажа дека А1 ја сочинуваат врвни професионалци кои несебично вложуваат максимална енергија и функционираме како едно семејство, што ме прави особено горд.
Обезбедивме услови за непречено извршување на работата во вонредни услови, па така и покрај тоа што дури 80 проценти од колегите работеа од дома, ниту еден процес не беше загрозен и не дозволивме корисниците да ја почувствуваат оваа промена. Истовремено, колегите во продажните салони претпазливо и со многу внимание кон себе и корисниците, останаа во првата линија работејќи посветено во интерес на нашите корисници, како и колегите од техника кои беа целосно предадени на обезбедување на сите потребни услови за беспрекорно функционирање на мрежата. Успеавме многу брзо да најдеме најсоодветен начин на работа и опслужување на корисниците обезбедувајќи им витална услуга која беше неопходна во тие исклучително тешки месеци. Понудивме паметни решенија кои, пред сè, го штитат нивното здравје и се максимално функционални во изменетите околности.

Дигитализацијата станува топ тема во секојдневните разговори за иднината на бизнис-моделите. Но, не е само бизнис-секторот. Дигитализацијата го менува генерално начинот на живот на граѓаните. Се прилагодуваме ли доволно брзо?

М. Мирчев: А1 Македонија интензивно и континуирано работи на својата трансформација и тоа не само преку аквизиции на компании со што се позициониравме како целосно конвергентен оператор туку и внатре во компанијата, воведувајќи агилен начин на работење, преку изградба на агилна корпоративна култура, прифаќање на практиките, принципите и вредностите на истоимената методологија и обезбедување соодветно работно опкружување.
Дигитализацијата е неопходна реалност. Оттука, како компанија која е фокусирана на своите корисници и инспирирана од нивните потреби, ја носиме дигитализацијата во нивното секојдневие и овозможуваме што поедноставно функционирање.
Не само за бизнис-моделите, таа е неминовна во сите сектори и области: образованието, културата, судството, јавната администрација, услужните дејности, банкарството, јавните претпријатија. Изминативе месеци тоа и се докажа. Луѓето ги променија навиките, деловниот свет навлезе во дигиталниот. И оние кои досега имаа своевиден отпор кон дигиталните платформи мораа да се прилагодат и да го прифатат онлајн начинот на дејствување. Но, работењето и купувањето од дома, како и делумното или привремено обезбедување континуитет на бизнисот се само почеток. Сите бизнис-субјекти, мали и големи, соочени се со предизвикот да ја преиспитаат својата улога во денешното и идно опкружување и да најдат начин како да обезбедат вредност за своите потрошувачи, а со тоа и одржливост на своите бизниси.
За нас тоа значи да ги следиме и да ги уважиме промените во навиките на нашите корисници одразени преку брзиот пораст на употребата на онлајн каналите, користењето на апликацијата Мојот А1, зголемување на интеракциите на социјалните мрежи, зголемување на посетеноста на нашата веб-страница. Нашиот предизвик е да овозможиме дигитален живот за сите граѓани, па затоа ќе продолжиме и понатаму со збогатување на функционалностите на постоечките дигитални канали и остануваме непоколебливи во својата определба да бидеме водечка сила за понатамошен развој на дигитално општество, секако во соработка со бизнис-секторот и институциите.

Што е она што го направи А1 Македонија изминатава година за подобрување и полесен пристап до дигиталниот начин на живеење?

М. Мирчев: Свесни за променетите потреби на нашите корисници воведовме и унапредивме низа дигитални алатки со цел корисниците да добијат уште повеќе бенефиции и олеснет пристап до дигиталниот начин на живеење.
Отидовме чекор понатаму во обезбедувањето уникатно дигитално искуство во набавката на телекомуникациски услуги и на јавноста ѝ ја претставивме првата и единствена виртуелна продавница на пазарот − А1 лајв шоп (А1 Live Shop). А1 лајв шоп (A1 Live Shop) претставува виртуелна продавница на А1 Македонија преку која со помош на разговор со А1-агент во живо корисниците добиваат детални информации за услугите на А1 како и во кој било продажен салон. Практично корисникот, односно посетителот нема да почувствува разлика во услугата и покрај тоа што не е физички присутен во продажен салон.
Го збогативме портфолиото на ИКТ-услуги со дигитални решенија, па така ги воведовме А1 клауд месиџинг (A1 Cloud Messaging), апликација за масовно испраќање на СМС-пораки, А1 VPS, виртуелен приватен сервер и Exoscale , ИКТ-услуга што овозможува користење виртуелна клауд инфраструктура.
Најголемата новост која предизвикува внимание од јавноста е „Славчо“ – најновата технолошка иновација на македонскиот телекомуникациски пазар, виртуелен експерт базиран на вештачка интелигенција, овој пат не е дизајниран само да понуди помош на корисниците во изборот на нов смартфон од понудата на А1, туку и да понуди решенија за прашања на корисниците поврзани со техничко поврзување, претплати, пакети. „Славчо“ е првиот виртуелен експерт во форма на четбот со човечки карактеристики кој комуницира и на кирилица и на латиница.
Советникот преку водење на кратка чет конверзација со корисникот ќе се обиде да дознае кои се неговите потреби, навики и што најмногу вреднува кај еден телефон по што ќе му препорача неколку телефони кои би ги задоволиле потребите на корисникот, како што тоа би го сторил и реален експерт, но и да им понуди решение за одредена дилема што ја имаат, а е поврзана со пакетот или технологијата што ја користат. Покрај тоа што е корисно, разговорот со Славчо е исклучително забавно и пријатно искуство и ги пресретнува најчестите прашања од страна на корисниците.

Најголемата новост која предизвикува внимание од јавноста е „Славчо“ – најновата технолошка иновација на македонскиот телекомуникациски пазар, виртуелен експерт базиран на вештачка интелигенција, овој пат не е дизајниран само да понуди помош на корисниците во изборот на нов смартфон од понудата на А1, туку и да понуди решенија за прашања на корисниците поврзани со техничко поврзување, претплати, пакети. „Славчо“ е првиот виртуелен експерт во форма на четбот со човечки карактеристики кој комуницира и на кирилица и на латиница

Какви се плановите на А1 Македонија за воведување на 5G-технологијата?

М. Мирчев: Наједноставно кажано, 4G LTE е моменталната технологија, а 5G е иднината која овозможува не само поквалитетно и побрзо поврзување на луѓето, туку во исто време овозможува посигурно и поквалитетно поврзување на разни уреди кои се употребуваат во индустријата, домаќинствата и транспортот.
Според ова, оваа технолошка инфраструктура е пионерска бидејќи овозможува стапки на пренос од еден гигабит во секунда. Денешниот развој, на пример, во областа на роботиката и автономните автомобили поставува високи барања за мобилната комуникација во однос на меѓусебна интеракција на објектите што 4G-технологиите (достапни во денешните мобилни стандарди) не се дизајнирани да ги поддржат.
Важна цел на 5G-мрежите е минимизирање на латенцијата или времето на одговор кое го бараат апликациите во реално време. Времето за одговор за размена на информации меѓу автономните возила или интеракциите во роботиката треба да биде во рамките на опсегот на милисекунда.
Покрај ова, размената на информации меѓу бројни движечки објекти во споредбено тесни простори даваат зголемување на големи податочни волумени во краток временски рок. Затоа дополнителен критериум за развој на 5G е достапноста на повисоки мултигигабити во секунда во мобилна мрежна ќелија.
A1 Македонија, како компанија што постојано ги имплементира најсовремените технологии што обезбедуваат највисоко ниво на квалитет на услугата за своите корисници, успешно ја заврши првата фаза на тестирање на примена на комерцијална 5G-технологија во државава. Тестовите со комерцијални терминални уреди во географски ограничена реална средина, надвор од лабораториски услови, ги потврдија очекувањата и можностите на 5G-технологијата во насока на остварување огромни брзини на интернет, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди во исто време, односно иновативни апликации од петтата генерација на мобилна технологија.
Но, да бидеме јасни за јавноста, мрежа сè уште не е изградена бидејќи фреквенциите за комерцијално користење на 5G-услуги сè уште не се доделени од страна на Агенцијата за електронски комуникации.

Кои се, според Вас, новите предизвици со кои ќе се соочи телекомуникацискиот сектор во иднина? Како А1 Македонија ќе одговори на тие предизвици?

М. Мирчев: Трендот на зголемено користење интернет и говорни услуги, а со тоа и на дигитални канали е започнат и се очекува да бележи уште поголем раст долгорочно гледано. Следствено на тоа, во фокус ќе ги имаме инвестициите во одржување и унапредување на мрежните капацитети со кои располагаме. Притисокот што го наметна кризата го чувствуваме и ние, стабилизирањето на економијата и продолжување на инвестицискиот циклус останува да биде предизвик за сите. Но, остануваме фокусирани на унапредување на нашето продуктно портфолио соодветно за сечиј свет, за сите.

Какви нови понуди, производи и услуги планирате за наредниов период, вклучително и за бизнис-корисниците?

М. Мирчев: Новото време многу брзо ги менува секојдневните навики и потреби на деловните субјекти без разлика на нивната големина. Телекомуникациските оператори со својата инфраструктура се главна движечка сила на дигитализацијата на бизнисот и крвоток на економијата во државата.
Ние дизајнираме понуди кои, покрај врвни комуникациски опции прилагодени на потребите на деловните корисници, вклучуваат и избрани дополнителни ИКТ-услуги кои адресираат дел од клучните деловни процеси за поголема ефикасност и ефективност на бизнисот. Користејќи ги сопствените искуства, но и силната поддршка на А1 Групацијата како етаблиран европски бренд креираме прилагодени решенија специфични за различни деловни вертикали со кои се олеснува функционирањето на бизнисите во дигиталниот свет. Наша цел е да понудиме најдобра вредност за вложените пари, но уште поважно да го задржиме и да го надградиме партнерскиот однос со нашите деловни корисници преку најдобар можен кориснички третман и врвна корисничка услуга.
Нашите корисници остануваат наша инспирација и продолжуваме со силно темпо и посветеност да работиме на нови понуди и активности во насока на исполнување и надминување на очекувањата на бизнисите.

Разговараше: Кирко Бошкоски

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО