Убава Македонија

Бабуна и Богомила

Автор: Александар Матески

Патот до изворите на р. Бабуна води од с. Нежилово. Околу 3 до 4 часа пешачење се потребни за да се пристигне до изворот од кој бликнува чиста и многу студена вода. Се оди по широк земјен пат од кој по околу 6 кm се дели исклучително атрактивна тесна планинарска патека. Преминувајќи ги неколкуте потоци, патот води паралелно со реката и се извишува до висина над 1 300 м н. в.

Одлично маркираната патека води во срцето на Мокра Планина. Огромните букови дрва даваат пријатна ладовина, а погледот кон Нежиловите Стени е застрашувачки. Мора да се има предвид дека патеката е добра за движење само во летен и сув период. Движењето во зима или во влажен период е исклучително ризично со оглед на лизгавите камења, но и стрмнината по која се движите. На околу стотина метри под изворите се отвора најубавиот дел од патеката. Прекрасен водопад висок десетина метри. Веднаш е забележлива разликата во температурата од околината и онаа во непосредна близина на водопадот. Најхрабрите влегуваат во студените води, но задржувањето во водата може да биде само неколку секунди. А бојата е посебно чудна. Зеленикаво сината боја го прави целиот амбиент посебно магичен. Изгледа нестварно, како дел од некоја филмска сцена. За тоа колку овој планински масив е богат со вода говори и фактот што од западната страна на планината, во Поречката Област, во с. Белица извира една од најубавите, но и најкратки реки во државава, Белица. Бабуна на околу 65 километри се влива во Вардар. Вливот е на неколку километри јужно од Велес. Непосредно пред вливот водите поминуваат низ клисурестиот дел Пешти, познат по големиот број пештери со фосилните остатоци од цицачи и како место во кое сѐ уште може да се сретне белоглавиот орел. Големиот рибник со ресторан во Нежилово е идеално место за пауза по планинарењето.
Во Богомила веднаш ќе го забележите стариот римски мост, функционален неколку столетија со импресивен лак над реката Бабуна. Во непосредна близина е и Спомен-куќата на Петар Поп Арсов, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација. Во овој регион се и Папрадиште и Ореше, мијачките острови среде регион во кој живеат Брсјаци. Претпоставките се дека мијачките села се настанати како резултат на миграцијата на населението од Тресонче, од Лазарополе и од Росоки во оваа област. Од Папрадиште cе Димитрија Чуповски и Андреја Дамјанов. Дамјанов е маестралниот градител на црквата во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, „Св. Богородица“ во Ново Село кај Штип, „Св. Пантелејмон“ во Велес...

Но, овој крај не е познат само по Солунска Глава и природните убавини. Крајот крие тајни од една од најинтересните појави на средновековното минато на нашите простори. Бабуни, Богомила, река Бабуна..., називи кои го потврдуваат тоа. Импресиониран од „пламените проповеди на таквија лугје“, богомилите биле предмет на интерес и на Коста Апостолов Солев Рацин, па за богомилите ќе ги остави и статиите „Богомилите, кратка расправиа от историата македонска“ од 1939 година, „Селското движење на богомилите во Средниот век“ од 1939 година и „Драговитските богомили“ објавена постхумно.

Од учењето на богомилите треба да се издвои нивното непочитување на крстот, на причеста, тврдењето дека Исус Христос е роден од обична жена, непочитувањето на иконите, непризнавањето на крштевањето, спротивставувањето на раскошот, непризнавањето на црковниот ред и феудалците..., залагајќи се и потенцирајќи ја најмногу слободата на совеста и на човекот, еднаквоста, рамноправноста и социјалната правда. Богомилството ќе се рашири не само на Балканскиот Полустров туку и во Италија, Централна Европа, па сѐ до Шпанија.

Богомилството од верска опозициска секта прераснува во социјално-реформаторско движење. Спротивно на официјалното христијанство кое е во функција и на заштита на феудалната аристократија во тој период, богомилството ќе никне од народот и ќе изврши сериозна мобилизиција против феудалното поробување. Затоа и пресметката ќе биде сурова. Рацин ќе потенцира дека богомилството ќе одигра и многу позначајно влијание во македонската народна култура и народен фолклор отколку православието.

Секако, за повеќе сознанија за ова интересно движење задолжително треба да се консултираат делата од Рацин. Едно е сигурно, тоа е еден од најмистичните периоди кому, за жал, не му е посветено потребното внимание.

ПРЕПОРАЧАНО