Убава Македонија

ГАРИ И ЛАЗАРОПОЛЕ

Александар Матески

Малореканскиот крај со селата Гари, Лазарополе, Тресонче, Селце, Росоки, Осој и Могорче е еден од најубавите региони во државава. Името го добива по Мала Река која е најголемата лева притока на реката Радика со должина од околу 21,3 км, а вливот во Радика е на местото наречено Бошков мост. До самиот мост се наоѓа и чешма, па е невозможно да не се забележи местото од каде што треба да се исклучите кога возите низ дебарскиот крај за да го посетите овој предел.

Гари е родното место на Петре Филиповски-Гарката, еден од најпознатите копаничари чии врвни дела и денес ги красат иконостасите во „Св. Јован Бигорски“, „Св. Спас“ во Скопје, „Св. Благовештение“ во Прилеп и други. За жал, делото во црквата „Св. Никола“ во Крушево е спалено во текот на Илинденското востание. Гари се наоѓа на падините на Стогово, па оттука евентуалниот неколкудневен престој во селото, од неодамна и во новите сместувачки капацитети што им се нудат на туристите, задолжително треба да се искористи и за искачување на некој од неговите врвови како Стогово (2.328 метри надморска височина), Голем Рид (2.268 метри надморска височина)... Искачувањето во правец е околу 11 километри, а висинската разлика е околу 1.000 метри. Пристапот до селото е по солиден пат што е повторно асфалтиран не многу одамна. Во селото, и покрај малиот број на постојани жители, неизбежен е впечатокот дека во голема мера е зачувана типичната македонска архитектура, а голем дел од куќите сега се користат како викенд куќи.

Елен скок, мостот на Мала Река, со импресивен лак изработен од делкан камен, е една од главните атракции во тој регион. Мостот се претпоставува дека е изграден во 18 век. Пред мостот постои и информативна табла на која, покрај мапата на дебарскиот крај, се презентирани и специфичните видови на животински и на растителен свет. Преку мостот, од десна страна, се приоѓа до самата река од каде што може да се види висината на градбата низ густите гранки од обраснатиот предел, а брзата река и многу студената вода само го збогатуваат и онака прекрасниот амбиент. За изградбата на мостот постојат повеќе легенди, но сите се поврзани за бегството на еленот преку реката кој, во безизлезна ситуација спасувајќи го животот, ја прескокнал реката токму на тоа место.

Лазарополе се наоѓа на 1.350 метри надморска височина што, секако, условува да има свежи и пријатни лета, но од друга страна и долги и студени зими. Во минатото Лазарополе бил прав расадник на интелектуалци, Ѓурчин Кокалески, Исаија Мажовски, Симон Дракул, Анте Поповски, но и духовници како Анатолиј Зографски кој станува архимандрид на Зографскиот манастир во Света Гора каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште. Во селото се наоѓа и црквата „Свети Ѓорѓи“. За жал, овoј прекрасен храм на православието беше осквернавен пред 2 години кога беа украдени триесетина икони и две резбани врати со што се нанесе уште една непоправлива штета на македонското културно наследство. Во центарот на селото се наоѓа и Калин хотел со одличен сместувачки капацитет. Во последно време, за оние кои се поавантуристички настроени, се нуди и опцијата за јавање од Галичник до Лазарополе, што секако гарантира едно невообичаено доживување вредно за долго паметење.

Крајот нуди безброј можности за одмор, за рекреација и за авантури. Простор има за секого, од планински мир и одмор, дегустација на храна од најдобрата македонска кујна, велосипедизам, планинарење, манастирски туризам, прекрасни реки, архитектура, езеро во близина... - многу причини за да се посети.

ПРЕПОРАЧАНО