Убава Македонија

КОРАБ И АЏИНА РЕКА

Александар Матески

Пристапот до овoј изолиран крај, кога се патува преку превојот Стража, води покрај Мавровско Езеро кон Дебар и десно кон одамна иселените села Ничпур и Бродец, односно кон Стрезимир и караулата Победа. Токму таму се наоѓаат скриените недопрени предели на Шар Планина и на Кораб. Само ако се посети овој крај, вистински ќе може да се најде оправдување за загриженоста и за претпазливоста на локалното население од можните промени во биодиверзитетот, што би настанале во случај на поголеми градежни зафати со изградбата на планираните хидроакумулации. Прави репрезенти на овој прекрасен крај се Кораб и Аџина Река.

Да се посети овој крај значи да се дојде и до самите извори на Радика, една од најчистите и најубавите реки во Македонија. Тоа патување неизбежно води во близина на Луково поле, местото каде што се планира изградбата на новата хидроакумулација. Секоја година таму се одржува планинарскиот марш Аџина Река почнувајќи од местото Торбешки мост, па сè до селото Долно Јеловце, Гостиварско. Патеката е долга околу триесетина километри во еден од најзападните делови на Македонија. Движењето е можност да се запознаат и ретките жители во бачилата кои се активни во летниот период на прекрасниот предел Идризова дупка.

Едно од градителските чуда на Македонија, а кое не може да се забележи без добро пешачење, е пренесувањето на водата од планинските масиви на Кораб и на Шар Планина до Мавровско Езеро (Шарски води). Токму низ тие импресивни масиви, многу богати со чиста вода, е изградена огромна доводна структура на цевководи долги над 130 километри. Водата што се собира од површина од над 500 километри квадратни завршува во Мавровското Езеро, а пред да го помине долгиот пат се користи за производство на електрична енергија. Овој систем познат како Шарски води се користи за производство на струја во ХЕ „Вруток“, во ХЕ „Равен“ и во ХЕ „Врбен“. Неизбежна е и почитта што мора да се оддаде на 52 загинати градежници во снежната лавина во 1956 година кај местото Торбешки мост. Денес споменикот на местото каде што работниците ги загубиле животите е во лоша состојба и е неопходна негова санација со цел да не се заборават загубените животи при изградбата на овој грандиозен систем, но и да биде опомена за следните генерации за опасностите што постојат во тој крај.

Голем Кораб, лоциран на самата гранична линија со Албанија, е највисокиот врв во Македонија и во Албанија со висина од 2.764 метри надморска височина. На почетокот на месец септември секоја година, во чест на Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември, се организира традиционално искачување на врвот. Патеката е долга над 18 километри во двата правца, а почетна точка за искачување е караулата Победа на 1.450 метри надморска височина. Се разбира дека е потребна добра физичка подготвеност. Височината, прекрасниот видик и одличната организираност на настанот се меѓу главните причини овој настан секоја година да биде посетен од голем број планинари не само од државава туку и од многу земји од регионот.

Корапскиот водопад, или познат уште како Пројфелски водопад, е најголемиот водопад во тој крај. Водопадот е на горниот тек на Длабока Река. Висината според некои мерења е 138 метри, а најдобар за посета е на почетокот на летниот период кога е и најбогат со вода. Пристапот е потежок и бара подолго движење, но она што следува на крај вреди целосно за вложениот напор. Водата паѓа од 2.050 метри надморска височина со што е еден од највисоките водопади во државава.

ПРЕПОРАЧАНО