Перспектива

2019 ГОДИНА МОЖЕ ДА БИДЕ ПОДОБРА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Зоран Јовановски

Авторот е економист

2018 година е подобра од претходната, но полоша од она што го проектираа властите. Ова е неспорна оценка и покрај тоа што статистичките податоци за цела година се уште не се финализирани. Кои се клучните карактеристики на економски план на годинава што изминува?
Економскиот раст забрза, што и не беше тешко да се претпостави, имајќи ја предвид ниската основа за споредување, нултиот раст од 2017 година. Во нормални околности, годишен реален раст на БДП од околу 2% е како македонската економија да е ставена на автоматски пилот, во принцип, таа самата ќе го генерира без значително инволвирање од страна. Оттука, мерено само преку БДП нема простор за некое особено задоволство, особено што дури и меѓународната заедница се произнесе дека политичката криза во земјава е завршена. Но, оценката за 2018 година не смее да се потпира само на еден показател со широко значење, како што е БДП, бидејќи под тој превез се случуваа мноштво промени, во добар дел, позитивни.
Најпрвин, значително е зголемена транспарентноста кај фискалната политика што создава подобра оценка за отчетност и пореална оценка на постигнатото. Понатаму, веќе јасно се наѕира сериозна определба за фискална консолидација, буџетскиот дефицит не се враќа на претходните нивоа повисоки од 3% или 4% од БДП регистрирани во периодот 2012 – 2015 година. Наместо тоа се проектира постепено сведување на буџетскиот дефицит на долгорочно одржливо ниво и воведување на процес на среднорочно буџетирање.
Генерирани се и ставени во употреба процеси што треба да ја зголемат конкурентноста и извозот на македонската економија. Таков е владиниот План за економски раст, што предвидува фокусирана финансиска поддршка од државата за фирмите што ќе инвестираат во нови машини, опрема, објекти, земјиште, индустриски истражувања, итн. Извозот од Република Македонија расте со стапка (16,3%) што е повисока од стапката на увозот (12,9%). Дефицитот на билансот на плаќање останува прилично низок, најнизок во земјите од Западен Балкан.
Невработеноста продолжи да се намалува и се спушти на нивото од 20%. Граѓаните и бизнис секторот продолжија да ги уживаат придобивките од континуирана ценовна стабилност и стабилен банкарски сектор.

НАЈВАЖНОТО ЕКОНОМСКО ПРАШАЊЕ ЗА НАРЕДНАТА ГОДИНА ВСУШНОСТ НЕ Е ЕКОНОМСКО. ТОА ПРАШАЊЕ ГЛАСИ: ДАЛИ НАРЕДНАТА ГОДИНА ПОКРАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО НАШАТА ЗЕМЈА ЌЕ ИМА И ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ? АКО ГИ ИМА, ТОГАШ ЌЕ ИМАМЕ ПОЛОВИНА ГОДИНА ЕКОНОМСКИ ЛЕТ ВО МЕСТО СО ЗАМРЗНАТА ИНВЕСТИЦИСКА АКТИВНОСТ

Сепак, поинтересното прашање е што да очекуваме во 2019 година?
Најважното економско прашање за наредната година всушност не е економско. Тоа прашање гласи: дали наредната година покрај претседателските избори во нашата земја ќе има и предвремени парламентарни избори? Ако ги има, тогаш ќе имаме половина година економски лет во место со замрзната инвестициска активност. Доколку нема предвремени парламентарни избори, а истовремено заврши започнатиот процес на формално-правно потврдување на „Преспанскиот договор“ во Република Македонија и Грција, тогаш има шанса економските прашања да дојдат во фокусот на општествениот интерес во земјава и конечно да започнат да се решаваат суштински важните прашања за економскиот амбиент.
Под претпоставка дека нема да има предвремени парламентарни избори, има неколку фактори што го јакнат оптимизмот за наредната година. Прво, поставувањето на патеката на формализација на влезот во НАТО, иако тој ќе се случи после април 2020 година, ќе ги зголеми оптимизмот и довербата на инвеститорите, домашни и странски, а со тоа и интересот за инвестирање во земјава. Второ, комплетирањето на документацијата и посоченото отстранување на оперативните пречки поврзани со проектната документација за инфраструктурните проекти од патната инфраструктура и слично, ги зголемува шансите за реализација на предвидените инвестиции на јавниот сектор. Трето, мерките за редистрибуција на доходот ќе резултираат со зголемени приходи по различни основи (зголемена социјална помош, зголемена минимална плата, итн) за коишто може да се очекува дека ќе бидат во најголем дел потрошени за купување на домашни производи (затоа што се најдостапни според цените). Како последица, ќе се зголеми личната потрошувачка, што ќе го поттикне економскиот раст.

Што е она за што Владата треба сериозно да размисли?
Премиерот и неговиот тим мора да најдат храброст за длабоки реформи во чувствителни области, заради самите нас, не само заради барањата на евроинтеграцискиот процес. Тоа значи булдожерски пристап во средување на состојбите во судството, администрацијата, здравството, образованието, бизнис амбиентот... Ова мора да биде инклузивен процес во кој Владата ќе ги вклучи сите квалитетни кадри, без оглед од каде доаѓаат (непартиски кадри), и неоптоварено ќе размисли за идеите, пофалбите, критиките, наместо да се поставува прашањето кој е социјалдемократ, а кој е капиталист.
Владата мора да размисли да ја одложи примената на законски решенија што доаѓаат во лош тајминг. Нема подобар начин да се компромитира некоја идеја од тоа да се инсистира на нејзина примена во несоодветен тајминг. Пример за тоа е воведувањето на прогресивното оданочување. Беше најавено дека ќе се дискутира во 2019 година па потоа ќе се одлучи. Бизнис секторот е затечен. Не можете да воведувате нови или поголеми даноци непосредно пред Нова година, кога фирмите веќе ги направиле финансиските планови за наредната година. Владата поаѓа од погрешна претпоставка, како фирмите да се заробени во државава и ќе трпат сé што се прави. Размислил ли некој како би ја пречекале некоја од нашите најпознати фирми кога би одлучила седиштето (а и производството) да го префрли во некоја друга земја во регионот. Каков третман и какви поволности би добиле тие наши фирми таму, како странски инвеститори! И, кој ќе го плаќа потоа тука прогресивниот данок и како ќе се надоместат изгубените работни места и приходи во македонскиот буџет и фондовите за здравствено, пензиско осигурување, итн.
Да резимираме. За 2019 година ММФ прогнозираше економски раст за Република Македонија од 2,6%, заедно со Црна Гора најнизок во земјите од Западен Балкан. Мислам дека растот може да биде повисок, а 2019 година подобра за македонската економија. Само, треба да сме паметни, сите заедно.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември2018/јануари2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано