Убава Македонија
ТРИ ВОДОПАДИ
Автор: Александар Матески
Постојат повеќе начини човек да ги избегне летните непријатни горештини. Една од опциите што поретко се практикува е посетата на некој од македонските водопади. Со право еден дел од водопадите во државава сѐ повеќе се афирмираат и стануваат туристички знаменитости. Дел од нив се наоѓаат далеку од каква било инфраструктурна поврзаност, па посетата е можна само по повеќе часа пешачење. За среќа, дел од водопадите кои до пред некоја деценија им беа познати само на локалното население денес се сѐ повеќе посетувани.

Еден од поизолираните водопади покрај оној на Кораб на Длабока Река, патем и највисокиот во државава со над сто метри пад, но и без постојан водостој, водопадот на Бабуна под Солунска Глава, е и водопадот во Лешница на водите од кои се формира реката Пена. За посета на овој импресивен водопад ви е потребно да изминете околу 10 км пеш од Попова Шапка. Тоа е една од најдобрите патеки од која можете да ја забележите грамадноста на Шар Планина и нејзината убавина, а водата од која се формира најголемата шарпланинска река во срцето на планинскиот масив е една од најчистите во државава.
Спротивно на водопадот во Лешница, постојат и многу атрактивни водопади кои се подостапни и не бараат голем физички напор за да се стигне до нив. Тоа значи дека се погодни и за семејни прошетки во природа каде што можат да се понесат и најмалите членови на семејството и на тој начин да им се всади љубовта кон природата уште од најмала возраст. Тоа се водопадот Дуф и Смоларскиот Водопад. И двата нудат неверојатна природа, пријатна ладовина во лето, а доколку ги посетувате во постудените годишни времиња, понесете си секогаш парче облека повеќе. И кај двата има уредени патеки, дрвени клупи што ги прави поурбани за разлика од водопадот во Лешница, што значи и посетеност од поголем број туристи.

На само 3 километри јужно од манастирот Св. Јован Бигорски е водопадот Дуф. На самиот влез во селото Ростуше ќе ги забележите информативните табли. Идеален е за посета. Оставете ги возилата пред селската џамија и за 15 минути сте во кањонот каде што температурата е значително пониска. На крајот на кањонот се наоѓа карпа низ чиј процеп горе како отвор истекува водата во импозантна и моќна глетка. Патеката е одлично обележана и лесна за движење, а непосредно пред да пристигнете до водопадот има видиковец каде што можете да се сместите и подолго да уживате во шоуто што го приредува природата само за вас. Посетата на водопадот може да се искомбинира и со запознавање на едни од најубавите села во околината, Ростуше, Велебрдо, Требиште и Битуше, или пак со почесто користената варијанта на посета на Бигорскиот манастир и „Куќата на Мијаците“ која од скоро е изградена и е вистински музеј на целиот регион.

Сместен на сосема спротивниот дијагонален правец на територијата на Македонија, во нејзиниот југоисточен дел, над селото Смоларе се наоѓа Смоларскиот Водопад. Доколку западот на државава ви е далеку, тогаш Струмичко е регионот каде што се наоѓа најубавиот водопад на истокот. И тој е лесно пристапен. По должина на уредената благо угорна патека ќе ве пречекаат пароли напишани на дрвени табли со мудрости за убав живот и добро расположение, што во комбинација со самата природа и лесниот физички напор дефинитивно ќе ви го поткренат нивото на ендорфин во крвта. На крај пристигнувате на дрвениот мост каде што се неизбежни воздишките од глетката. Похрабрите можат да се спуштат од дрвениот мост на карпите каде што ќе можат да ја допрат водата во локвата што се собира од падот на водата. На слегување неизбежно ќе ги забележите јаворите сред селото, столетни дрва кои гордо пркосат на времето. Подолу под селото се наоѓа и езерце каде што можете да се релаксирате во угостителските објекти и да ги сумирате впечатоците.
Посетата на кој било од водопадите може да биде пријатно оттргнување од големите жештини и одличен начин на откривање на скриените убавини на државава кои, за среќа, сѐ повеќе се промовираат пред јавноста