Убава Македонија
ТРЕСОНЧЕ, ЛАЗАРОПОЛЕ, СОКОЛИЦА
Автор: Александар Матески
Обожавателите на најчистата, недопрена, исконска природа неизбежно треба да го имаат во листата на посетени места Реканскиот Крај кој се наоѓа во Западна Македонија. Околу 12 км е патот кој треба да се помине од месноста Бошков мост за да се стигне до селото Тресонче. Патот е тесен и на делови со ситни одрони, но прооден и цело време по течението на Тресонечка Река. Едната легенда вели дека името потекнува од латински и значи ’три светци‘. Тоа може да се поврзе со бројот на божји храмови во околината на Тресонче, црквата „Свети Петар и Павле“, „Свети Никола“, како и црквата „Света Петка“. Според втората легенда името потекнува од глаголот „тресе“ и се поврзува со силата на населението кое живее тука. Во Тресонче е изградена спомен-чешма во спомен на загинатите борци од овие краишта во Народноослободителната борба, а во близина на селото е и пештерата Алилица.
На патот кон Лазарополе не пропуштајте да го посетите камениот мост наречен Елен скок кој сè уште сведочи за вештината на македонските мајстори од средината на осумнаесеттиот век. И за името на овој мост постојат неколку легенди. Две од нив се поврзани со елен кој бегал, во едната приказна, од Турците кои долго време го бркале за да го фатат, а во другата легенда од љубопитните селани на кои некој ловџија им раскажувал за убавиот елен откако се спријателил со него. Бегајќи еленот и во двете легенди се нашол пред брегот на Мала Река и немајќи друг излез морал да ја прескокне при што си ги скршил нозете. Така бил изграден мостот за да сведочи за храброста и за непокорливоста на еленот. Во третата легенда мостот е именуван по некое момче кое бегало од Турците откако убило некој турски бег за да ја спаси честа на својата девојка. Нему му помогнале самовилите да ја прескокне Мала Река претворајќи го во елен. Мостот пак кај село Горенци, кој се наоѓал меѓу Мијачијата и Дебарското Поле, денес не постои и единствен начин да се запознаете со неговата убавина е преку старите фотографии.
За Лазарополе од кој било селанец ќе го слушнете преданието за неговото име според кое се вели дека селаните кои бегале од Турците се скриле во пештерата Калина Дупка, но Турците ги пронашле и ги убиле сите селани. Се спасил само Лазар кој успеал да им побегне и да излезе во полето каде што основал ново село именувано токму Лазарополе. Неизбежно ќе ги слушнете и легендите за Ѓурчин Кокалески, богатиот главатар кој се истакнал покрај со неговата остроумност и со физичката сила. И долго по неговата смрт неговиот јатаган се чувал во фамилијата, па водата од измиениот јатаган се користела како лек за луѓето кои боледувале од „уплав“.
Едно од најинтересните места, кое се наоѓа на средината меѓу Тресонче и Лазарополе, а кое овозможува директно „вкусување“ на природата, е прошетката низ шума до врвот Соколица (1471 м н. в.). Триесет до четириесетминутна прошетка која започнува од Лазарополе погодна е и за фамилијарно раздвижување бидејќи е кратка и не е воопшто напорна. Има одлична маркација што ќе ве одведе до самата карпа така што не е потребна некоја посебна претходна подготовка. Попатно ќе наидете на малата црква „Свети Спас“, а кога ќе стигнете на самата карпа каде што е поставен крст ќе ве воодушеви погледот наоколу. Вистински соколов поглед, од далеку кон Лазарополе, почетната дестинација која сега наликува на големо гнездо, поглед кон селата Осој и Могорче, поглед кон околните планини и врвови кои се издигнуваат насекаде околу вас, а под вас Тресонечка Река. „Одете да го видите нашето Колорадо“, со тие зборови една повозрасна жена ја опиша оваа феноменална панорама. Совршена комбинација би било да ја направите оваа прошетка како утринско раздвижување пред појадокот за да ви биде полесно движењето, а потоа да се наградите со неверојатно вкусните традиционални јадења како домашна пита или јуфки со сирење од тие краишта.
Населението на овие краишта во минатото се занимавало претежно со сточарство, секако овозможено пред сѐ од околните богати пасишта. Но, тие простори биле „плодна почва“ и за многу познати интелектуалци, народни херои, револуционери, уметници, па со право мештаните со гордост и со надменост зборуваат за своето потекло од овие краишта. Побарајте некое од делата на Тома Смилјаниќ-Брадина, етнографот по потекло од Тресонче. „Мијаците, Горна Река и Мавровско Поле“ или „Племенските одлики на Мијаците“ се делата кои во детали ќе ви ги откријат тајните на народот кој живее на овие простори.
Шетајќи го овој крај неизбежна е посетата на манастирот „Свети Јован Бигорски“, а оваа авантура мора да се заокружи со вкусување на традиционален качамак со сирење и јогурт во селото Трница. Очигледно дека за посета ви е потребен авантуристички дух и желба да се откријат природните убавини, а апетитот сам се отвора по сета оваа одлична понуда на храна.