Убава Македонија
ТРАДИЦИОНАЛНА КРУШЕВСКА КУЌА
Автор: Александар Матески
Крушевската куќа е специфична симбиоза на влашката (епирската) и мијачката (галичката) уметност во градењето. Трагајќи по историјата на крушевската архитектура и традиционалната куќа, еден од ретките описи на крушевската архитектура ќе го пронајдете во спомените од Никола Киров - Мајски. Говорејќи за Илинденскиот период неизбежно ја споменува препознатливата крушевска куќа од која вистински репрезенти биле куќата на Ничотовци и на поп Костадин Стариот. Првата според дадениот опис била изградена на три ката, изработена од делкани гранитни плочи донесени од маземите во Прилеп. Со дури 60 простории, високи дивани, еркерни балкони, а вратите, таваните, масандрите и долапите биле резбарски изработени од буково и од ореово дрво. На најдолниот кат се чувале зимниците, а во дворот имало велелепна мермерна чешма. За тоа колку била монументална градбата зборува и фактот што за изградбата биле потрошени 1 000 златни турски лири, баснословна сума за тоа време. Од понов тип биле куќите на Нешковци, Фундовци, Таховци и други. За жал, значителен дел од куќите ќе бидат бомбардирани и уништени за време на задушувањето на востанието. Крушево уште тогаш бил град со чисти улици послани со калдрма, два водоводни системи и многу извори и чешми со студена и питка вода, а сѐ било плод на грижата и на високата свест на крушевчани.
За среќа, куќата на Нешковци позната и како „Куќата на пашите“ не била уништена и на дел од турите кои се организираат во Крушево овозможуваат посета токму на оваа куќа. Семејството на баба Севастула, скратено Сика, сопственичка на куќата, ја купило од Нешковци за кои вели дека биле многу богати. Куќата импресионира уште на прв поглед. Влегувајќи низ старата мала дрвена порта пред вас ќе ја откриете грандиозната зачувана симетрична убавица во жолта боја со бројни дрвени пенџериња. Дури дваесет и четири од предната страна. Како и влашката црква „Св. Јован“ во Крушево, така и оваа куќа била соѕидана со врела вар, што ја прави многу цврста, за што старите крушевчани ќе речат дека во минатото имало вистински мајстори. Баба Сика создала вистинска рајска градина во дворот со најразлични цвеќиња и билки.


Приземјето е со под од големи камени плочи. Тоа е местото каде што порано се приготвувала храната, а тука се наоѓале и визбите. Дрвените стари скали ве водат кон катот каде што порано биле трпезариите, а најгоре спалните. Тогашните мајстори умешно го користеле секој простор за складирање, па преминувајќи од кат на кат ќе ги забележите дрвените долапи за чување на тенџериња и на тави, а мусандрите за алишта. Просториите се многу пространи со висина на таваните од 3,7 метри. Топлината на куќата ќе ве обземе веднаш.
Ќе ве воодушеви зачуваното автентично уредување со стар мебел и необичните тавани толку прецизно изработени како најфина тантела. Гостопримливите домаќинки облечени во стара градска традиционална облека ќе ве катапултираат назад во времето. Горе е и богато распослана трпеза со традиционални крушевски и влашки јадења како гурабии, лаптука, крофни, пита со зелка, сирење или спанаќ, кифли, питулици со лук, кисело млеко и овчо сирење, локум, мармалад од шипки, домашно приготвено слатко од малини и многу други специјалитети кои ги знаат само крушевските домаќинки. Сето тоа е послужено во стари, скапоцени, порцелански и кристални сервиси, придружено со милозвучните мелодии на староградската музика.
Освен тоа имате можност да ги научите тајните на месењето демонстрирано од највештите крушевски жени. Старата влашка мисла дека за едно семејство во зима се потребни само три работи, дрва за огрев, брашно и сирење, се потврдува како точна. Дрвата се неопходни за справување со студот, а брашното и сирењето комбинирано со умешноста на влашките домаќинки за справување со гладот.
Ако на тоа се додаде и изведбата на традиционалната музика на веќе заборавените музички инструменти за време на ручекот, тогаш доживувањето е нeзаменливо. Можеби во скора иднина ќе се пронајдат и дел од старите крушевски песни за кои се верува дека се снимени на грамофонски плочи во далечната 1904 година од страна на крушевчанецот Наум Тахов и ќе можат да се изведат повторно во нивниот автентичен призвук.
Посетата на традиционалната крушевска куќа е волшебно патување низ времето преку кое ќе ги доживеете старите крушевски традиции кои, за жал, полека исчезнуваат. Искористете ги организираните посети.