Убава Македонија

ЗРЗЕ

Автор: Александар Матески

Уживајќи во совршена хармонична заедница со природата, манастирот „Св. Преображение Христово“ во Зрзе веднаш ќе го привлече вашиот поглед уште од далечината штом ќе го поминете селото Костинци. Како седефест бисер ќе блесне бигорната карпа заедно со манастирот насред зеленилото во подножјето на масивот Даутица. За да стигнете до манастирот мора да поминете низ прилепските села Ропотово, Пешталево, Костинци и секако селото Зрзе над кое надвиснува манастирот „Св. Преображение Христово“ на надморска височина од речиси еден километар. По асфалтираниот пат можете да се искачите на речиси 200 метри од манастирските порти, што го прави лесно достапен за сите посетители. Приближувајќи се пеш кон манастирските порти ќе ве воодушеви разиграната форма на бигорната карпа, сега одблизу, со сите тие вдлабнатини како дело на некој познат вајар. А штом ќе дознаете дека внатре се кријат пештери во кои била основана монашка населба од IX век, а тие вдлабнатини биле испоснички ќелии, тоа место ќе добие друга возвишена димензија.

На портата ќе ве пречека љубезниот монах Јов кој ќе ве послужи со пресно направен чај од планински тревки и ќе ви го пренесе сето свое знаење за историјата на тоа место. Манастирскиот двор е вистинска рајска градина, совршено уреден ја олицетворува грижливоста на монасите кои домуваат тука. Сенката под големото дрво несомнено ќе биде тешко да ја напуштите во летните денови, а на самиот крај на дворот, издаден над бигорната карпа, дрвената маса и старите столови ќе ви понудат незаборавен поглед на Пелагониската Котлина. Како времето да запира за момент во мирот и во спокојството кое ги нуди ова место.

Во дворот на манастирот се наоѓа црква која датира од XIV век. Во неа најзначајни се иконите на Христос Спасител и Жизнодавец, дело на зографот митрополит Јован и чудотворната икона на Богородица Пелагонитиса од јеромонахот Макариј. Интересна е легендата за необичната положба во која се поставени овие две икони. Оној кој е запознаен со каноните на православието веднаш ќе забележи дека иконите се поставени обратно од она што го налагаат каноните, односно иконата на Исус Христос се наоѓа лево од иконостасот, а иконата на Богородица Пелагонитиса десно. Легендата вели дека монасите првично ги поставиле иконите обратно, според каноните на православието, но тие три ноќи со ред ја менувале својата положба. Кога монасите ја запрашале Богородица зошто тоа се случува, таа им одговорила дека не сака да му врти грб на сина си и оттогаш иконите останале во таа позиција.

Покрај бигорната карпа и црквата од XIV век, со археолошки ископувања пронајдена е и ранохристијанска базилика од V век на овој локалитет. Лесно ќе ја забележите бидејќи се наоѓа околу сто метри пред влезот во манастирот од десна страна. Освен богатата историска вредност, ова место нуди блискост со природата. Така оние кои се желни за мало раздвижување ќе најдат патека која води надвор од манастирскиот двор, нагоре кон една висорамнина, од каде што ќе уживаат во уште повозвишен поглед на Пелагониската Котлина. Во селото се наоѓа и споменик на кој стои информацијата дека во близина за време на Втората светска војна се наоѓал и аеродром користен од сојузничките војски.

За оние, пак, кои бараат поголем физички предизвик би предложиле велосипедска тура од градот Прилеп низ селата до манастирот во Зрзе. Околу 35 км во еден правец е растојание кое би ги задоволило апетитите дури и на оние кои бараат поголеми предизвици. Можете и да скршнете од главниот пат кон селото Мажучиште и да продолжите кон манастирот за да ја избегнете поголемата фреквенција на возила на регионалниот пат кој води од Прилеп до селото Ропотово. Попатно можете да го посетите и манастирот „Свети Никола“ во село Слепче кој датира од XVII век.

Доколку имате гости од странство и сакате да им ја покажете убавината на нашата земја, манастирот во Зрзе треба задолжително да се најде во вашата агенда. Лесно е достапен со возило, посебно што патот пред манастирот е со нов асфалт, а има и голем паркинг пред влезот. На околу 35 км од зрзескиот манастир, на патот кон Македонски Брод, се наоѓа пештерата Пешна, а во нејзина близина има неколку ресторани кои нудат свежа риба од реката Треска. Тоа би била нашата предлог-комбинација за еднодневна екскурзија, комбинација на историја, природа и добра храна.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано