Убава Македонија

ГРАДЕШНИЦА И БУДИМИРЦИ

пишува: Александар Матески

Околу 55 километри од Битола кон исток ве делат од можеби најизолираниот дел во Република Македонија. Патот преку Новаци, Маково и Рапеш, по бројните кривини, на одредени делови и со значително оштетен асфалт, ве води во Старавина, а од тука уште само 3 километри до селото Градешница. Тоа е последното село во Битолскиот Крај на Мариово. По патот можете да направите и пауза на Рапешки мост на Црна Река, која ќе биде вистински одмор за вашите сетила. По водотекот на реката се стигнува до Чебренскиот манастир, клисурата во која треба да се изгради хидроцентралата и до првото село од Прилепско Мариово, Манастир, именувано по манастирот „Свети Никола“.
Меѓу селата Старавина и Градешница е тврдината Пешта, доказ за континуитет во животот на овој предел уште од античко време, па сѐ до денес. Тврдината е поврзана и со познатата Мариовска буна во средината на XVI век и со приказната за Калеш Анѓа.


Од седумте цркви најголема во селото е онаа посветена на „Св. Никола“, главна црква лоцирана сретсело со убава чешма пред самиот влез. Центарот на селото наликува на мини градски плоштад. Само имагинацијата денес може да ве врати во минатото и да претпоставите како се одвивал животот пред еден век. Изградена пред повеќе од век и половина црквата е урната за време на Првата светска војна за да биде обновена во 1923 година. Во црквата од левата страна сè уште стои натписот дека била обновена за време на владението на крал Александар Караѓорѓевиќ кога тој дел од Македонија се наоѓал под српско управување.
Само на стотина метри од центарот на селото веднаш ќе се соочите со немите сведоци на минатото чии траги сè уште се забележуваат. Од левата страна во една од селските куќи стојат голем број гранати, бомби, војнички шлемови од различни војски, бајонети, фенери, пушки... од времето на Првата светска војна. Сите се најдени од мештаните за кои велат дека ги имало во огромен број по локалните ридови и патишта во правец кон Кајмакчалан. Дури и старите бодликави жици премногу потсетуваат на оние кои сè уште се наоѓаат покрај рововите на над 2 000 метри надморска височина од грчка страна, само неколку километри јужно од Градешница.
Селото е родното место на Итар Пејо, ликот за чии итроштини Стале Попов, хроничар и раскажувач, ќе напише голем број приказни.

Во селото од далеку ќе ја слушнете силната Градешничка Река. Собирајќи ги водите од Ниџе Планина, реката е многу брза во пролетниот период. Изворите се прекрасни, но доколку сакате да ги видите во пролетниот период само неколкучасовен дожд е потребен за нивото на водата да биде толку високо, па да не можете да ја преминете реката. За убавините на целиот регион доволно говори и фактот што веднаш од другата страна на планината се наоѓа селото Пожарско (Лутраки) со убавите бањи на природна топла вода. Ги дели само планината, таму горе е врвот Кајмакчалан, а источно и врвот Сокол и Добро Поле, местото на најголемиот хорор за време на големата војна.
Во близина се наоѓа селото Будимирци со препознатлива архитектура. На околу два часа пешачење од ова село ќе стигнете до манастирот „Свети Димитрија“. Насоката во која треба да тргнете е означена со табла, а патеката води крај водите на Бела Река. По должина на целата патека ќе наидувате на полјани што изобилуваат со мајчина душичка и ајдучка трева. Манастирот се наоѓа во некогашното напуштено село Трново поради што е познат и како Трновски манастир. Од неодамна беа изградени и неговите конаци.
Заедно со селата од Јужно Мариово како Зовиќ, Старавина, Груниште и други, така и Градешница и Будимирци во времето на најсилните превирања пред околу еден век ќе бидат силни поддржувачи на грчката политика. И мештаните ќе ви кажат дека во времето на „старите“ во селото имале грчки попови, а на дел од селските куќи сè уште можат да се забележат камените плочи кои се напишани на грчки јазик со грчко писмо.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано