Убава Македонија

КУРБИНОВО, СЛИВНИЦА И ПРЕСПАНСКИ КРСТ

Александар Матески

Овие летни горештини се совршен изговор да се избега од градот и да се остави жешкиот асфалт далеку зад себе. Во Македонија тоа и не е толку тешко да се направи. Впрочем, оваа наша богата убавица нуди безброј можности за тоа на дофат на раката. Дали да се разладите на планина или на езеро, изборот е ваш, а комбинација од двете е вистински рајски спој. Доколку и вие сте љубители на чистата, исконска, недопрена природа далеку од урбаните плажи „контаминирани“ од гласна музика и од гужва, тогаш со сигурност ќе ги прифатите нашите препораки за посета на Преспанскиот Регион.


Селата Курбиново и Сливница се наоѓаат токму во овој раскошен предел, сместени во потпелистерското крајбрежје на Преспанското Езеро. И двете села располагаат со спокојни цркви и манастири сместени на некои 3-4 километри над нив, на почекот на шумата каде што слободно можете да стигнете со автомобил. Единствено патот што води до манастирот над селото Сливница има стрмни угорнини кои би биле вистински предизвик за возачите почетници.
Црквата над селото Курбиново „Св. Ѓорѓи“ датира од 1191 година. Портата на црквата ќе ве дочека заклучена, а за да влезете во неа треба да го побарате клучот во селото. На сретсело секогаш ќе сретнете некоја љубезна баба што ќе ве упати кон куќата чии домаќини грижливо го чуваат. Според историчарите на уметноста, фреските во црквата се вредни примероци на највисокиот дострел во монументалното сликарство на источнохристијанската уметност. Поради тоа оваа црква е споменик на културата заштитен со закон, а од неодамна беа започнати активности за нејзина реставрација. Добро би било при посетата на црквата да имате со себе банкнота од 50 македонски денари бидејќи сигурно ќе сакате да ја споредите со „Св. Архангел Гаврил“ или „Ангелот од Курбиново“. Имено, ликот на овој светец е насликан на источниот ѕид од олтарот и токму сегмент од оваа фреска се наоѓа на задната страна на банкнотата од 50 денари. Од дворот на црквата имате прекрасен поглед на Преспанското Езеро кое можете да го впивате на некоја од клупите под многулетниот даб уживајќи во мирот и во спокојот што го нудат само ваквите места.


Сливничкиот манастир „Св. Богородица“ е стар околу 400 години и нуди можност за сместување во обновениот конак. На големиот христијански празник кој го слави раѓањето на св. Богородица се собираат верници од сите преспански села, но и од селото Маловиште што се наоѓа на другата страна на планината. Овој манастир се наоѓа подлабоко во шумата и затоа нуди неверојатно свеж воздух и ладовина идеални за јулските и за августовските жештини. Се верува дека водата која извира во манастирскиот двор е лековита за неродилки.
По посетата на овие две села можете да се опуштите и да се разладите на некоја од блиските плажи, на пример плажите во селата Сливница или Долно Дупени, кои се навистина одлично средени во последниве години и нудат исполнета програма за еднодневна екскурзија или одличен викенд со можност да се сместите во некое од селата како Асамати, Претор, Сливница итн.


Не пропуштајте ја посетата и на месноста Преспански крст, веднаш над селото Подмочани, дело на вистинските родољубиви иселеници и на локалните мајстори.
За планинарите пак предлагаме две патеки. Првата е таканаречена „Патека по светите води“ која е предложена и на самите инфо табли во селата. Оваа патека се движи по потпелистерскиот појас долг приближно 25 км. Стартната точка на патеката е селото Грнчари од каде што по широк земјен пат се стигнува до манастирот „Св. Илија“. Потоа поминувајќи покрај селото Рајца се стигнува до Курбиново по што совладувајќи висинска разлика од 200 метри се стигнува до Сливничкиот манастир. Патеката продолжува кон Долна Преспа кон селото Арвати, па кон селата Старо Штрбово и Брајчино. Над селото се наоѓа манастирот „Св. Петка“ од каде што спуштајќи се низ шумата ќе стигнете до црквата „Св. Петар и Павле“ над селото Љубојно. За крај остануваат црквите „Св. Богородица“ и „Св. Атанасиј“ и најпосле ќе пристигнете до крајната цел, селото Долно Дупени.
Вториот предлог е да ги поврзете двете различни страни на Баба Планина, тргнувајќи од селото Маловиште и преминувајќи ја планината да пристигнете до Сливничкиот манастир и на крај да се изладите во Преспанското Езеро. Патеката е во еден правец, па ќе треба добра организација за превозот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано