Перспектива

НОВ РЕКТОР

Зоран Јовановски

 

Изборот на нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје е важно прашање за образовниот процес во Македонија. Станува збор за првиот човек на најголемиот, на најпознатиот и на локално најдобро рангираниот Универзитет во земјава, кој на одреден начин треба да е севкупен предводник во високото образование. Но, не само тоа, изборот на нов ректор е и важно економско и бизнис прашање. Секој бизнисмен знае зошто е тоа така. Можете да направите нова фабричка хала, да купите убави деловни простории, да купите скапа опрема итн., но сето тоа нема да ви заврши работа доколку ги немате вистинските луѓе за бизнисот.
Кадарот е движечката сила за успесите и причина за неуспесите. Каков кадар ќе најдете на пазарот на работна сила зависи од образовниот сектор. Ако имате квалитетни универзитети ќе имате и квалитетен расположлив кадар. Некој можеби ќе го оспорува овој факт велејќи дека во 2015 година само 16,6 % од вкупниот број на невработени биле лица со универзитетска доплома и дека поважен е квалитетот на средното образование. Тоа не ја менува основната премиса дека квалитетот на знаење што ја придружува универзитетската диплома влијае на тоа колку добро се води бизнисот во фирмите.
Кандидати за ректор на УКИМ има повеќе. Секој од нив има свои аргументи и погледи за прашањата кои ги перципира како важни за еден ректор. Од она што досега можевме да го слушнеме, некои од приоритетите за кандидатите се обезбедувањето финансиски средства како основа на развој на Универзитетот и прием на млад истражувачки кадар, зачувувањето на автономијата на Универзитетот, подобрување на условите за работа итн. Но, сѐ се тоа квантитативно немерливи варијабли и ветувања.
Кога изборот на нов ректор на УКИМ, по некоја случајност, би зависел од мене, јас би имал еден клучен критериум за избор. Мојата одлука би зависела од одговорот кој би го дал секој од кандидатите на прашањето: Што имате намера да направите во врска со т.н. Шангајска глобална ранг-листа на универзитетите?
За што станува збор? Шангајската ранг-листа ги рангира најдобрите 500 универзитети во светот. Еве кои се најдобрите десет според рангирањето од август 2015 година: Харвард, Стенфорд, МИТ, Универзитетот на Калифорнија Беркли, Кембриџ, Принстон, Калифорнија институтот за технологија, Колумбија универзитетот, Чикаго универзитетот и Оксфорд. Следното рангирање се најавува за јуни 2016 година. Во првите 100 универзитети на ранг-листата нема ниеден од регионот. Во групата универзитети рангирани од 301. до 400. место е Белградскиот универзитет, а во групата од 401. до 500. место е Универзитетот во Љубљана. Каде е на оваа листа УКИМ, кој е прв на листата на локални универзитети? Одговорот е предвидлив. На оваа глобална листа нема универзитет од Република Македонија! Ова е вистинската тема за дискусија.

НОВИОТ РЕКТОР НА УКИМ МОРА ДА СТАВИ СВОЈ ПЕЧАТ НА ЦЕЛАТА ПРИКАЗНА, А ТОА БАРА СИЛЕН ЛИЧЕН ИНТЕГРИТЕТ. ТОА ЗНАЧИ ДЕКА НОВИОТ РЕКТОР НЕ МОЖЕ ДА ПРИПАЃА НА „ЕДНИТЕ“ ИЛИ НА „ДРУГИТЕ“. ТОЈ ТРЕБА ДА СЕ ПОСВЕТИ САМО НА ТОА КАКО НА СТУДЕНТИТЕ ДА ИМ ОВОЗМОЖИ МАКСИМАЛНО КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ПАРИТЕ ШТО МУ ГИ ДАВА ДРЖАВАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ, А УКИМ Е, ДА НЕ ЗАБОРАВИМЕ, ДРЖАВЕН УНИВЕРЗИТЕТ. СÈ ДРУГО, ОСВЕН ТАА ПОСВЕТЕНОСТ КОН ВРВЕН КВАЛИТЕТ НА НАСТАВАТА, МЕРЕН ПРЕКУ ВЛЕЗ ВО ТОП 500 НА ШАНГАЈСКАТА ЛИСТА, БИ БИЛО БЕСПОЛЕЗНО ТРОШЕЊЕ НА ВРЕМЕТО НА СТУДЕНТИТЕ И НА ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Прашањето за кандидатите за ректор на УКИМ е дали можат во текот на нивниот мандат да го вбројат УКИМ на Шангајската глобална ранг-листа. Како би можело тоа да се направи? Треба да се погледне методологијата според која се рангираат универзитетите. Од вкупната оценка, 40 % носи квалитетот на наставниот кадар, и тоа 20 % според бројот на нобеловци меѓу професорите во областите физика, хемија, медицина и економија, како и бројот на добитници на медал во математиката, а 20 % според бројот на многу често цитирани истражувачи на однапред одредени листи за таа намена. Понатаму, 40 % од вкупната оценка носи резултатот од истражувањата што се прават на универзитетот, и тоа 20 % според бројот на истражувачки трудови во „Природа и знаење“ во изминатите 5 години (за институции специјализирани за општествени науки не се користи „Природа и знаења“, туку други индикатори), а 20 % според бројот на истражувачки трудови во Индексот за научно цитирање. Досега објаснивме вкупно 80 % од збирната оценка. Последните 20 % од вкупната оценка се делат на два дела, и тоа 10 % за квалитетот на едукацијата, мерена според бројот на добитници на Нобелова награда или медал, кои претходно дипломирале, магистрирале или докторирале на универзитетот, и 10 % за остварувањата по вработено лице на универзитетот како академски кадар со полно работно време.
Не е лесно да направите нешто во врска со овие критериуми. Епа, не е! Ова бара суштински реформи и тие по дефиниција не одат мазно. Но, еднаш засекогаш во Македонија мора да се прифати фактот дека квалитетот на професорскиот кадар се мери преку научни трудови објавени на соодветни места. И, треба да бидеме оптимисти. Ако можеле државните универзитети во Белград и во Љубљана да се најдат во топ 500 во светот, тогаш тоа може да се направи и во Скопје.
Притоа новиот ректор на УКИМ мора да стави свој печат на целата приказна, а тоа бара силен личен интегритет. Тоа значи дека новиот ректор не може да припаѓа на „едните“ или на „другите“. Тој треба да се посвети само на тоа како на студентите да им овозможи максимално квалитетно образование за парите што му ги дава државата на универзитетот, а УКИМ е, да не заборавиме, државен универзитет. Сѐ друго, освен таа посветеност кон врвен квалитет на наставата, мерен преку влез во топ 500 на Шангајската листа, би било бесполезно трошење на времето на студентите и на парите на граѓаните.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано