Убава Македонија

МАЛОВИШТЕ

пишува: Александар Матески

Сместено во подножјето на Баба Планина, на дваесетина киломентри од Битола, тоа е единственото населено место во рамките на Националниот парк „Пелистер“. Брои помалку од сто жители од кои најголем број се Власи. Селото има убаво зачувани традиционални македонски камени куќи на два-три ката кои, заедно распослани во планинските прегратки, наликуваат на мала градска населба. Додека се движите низ тесните улички со калдрма и доколку ве послужи среќа како нашата да наидете на старец качен на коњ ќе помислите дека некоја временска машина ве вратила стотина години наназад кога селото живеело со полн ек. Имено, во деветнаесеттиот век селото броело над две илјади жители и било новиот центар во кој се населувале Власи од Москополе, од Грамос и од Епир. Имало богат културен, економски и духовен живот. Луѓето се занимавале со сточарство, со ткаење, со трговија. Имало две грчки и две романски училишта и речиси секој жител зборувал по два-три јазика.

Во 2014 година беше започната иницијатива од Општина Битола за изградба на етнокамп токму во Маловиште. Би било прекрасно доколку се реализира таа идеја бидејќи овој крај би го избегнал неминовното згаснување, а туристите би уживале во неповторливата стара архитектура која би се зачувала на овој начин. И сето тоа длабоко во густата природа која крие богат животински свет.

Со таква убава локација високо во планините би требало без никакво размислување да ја искористите посетата на Маловиште и да ја збогатите со незаборавни глетки кои се наоѓаат некои осумстотини метри погоре. Два часа ќе бидат сосема доволни со лесна прошетка низ богатата шума по планинарска патека да стигнете до места каде што ќе уживате во поглед кон Преспанското Езеро, кој нема да го заборавите до крајот на животот. Движејќи се низ шумата  нема да избегнете свежи траги од дивите домаќини. Освен тоа, овој дел на Баба Планина не е толку често посетуван од планинари, па затоа препорачливо е движење во поголема група. Од друга страна, пак, помислата дека сте едни од ретките кои уживаат во тие диви предели несомнено ќе ги зголеми задоволството и импресиите.

Баба Планина ќе се погрижи своите гости несебично да ги нагости, па во летниот период ќе ви понуди богати трпези со шумско овошје на кои често ќе наидувате, како малини и боровинки.

На околу 2000 м н. в. наидувате на највисоко сместениот манастир во околината, „Св. Спас“, со камбанарија и со мал храм. Тоа е место на кое сигурно ќе се задржите подолго од планираното затоа што едноставно не ќе можете да се изнагледате во божествените глетки кои ги нуди. На едната страна е Преспанското Езеро во недоглед, а отспротива плашејќи се да не остане засенет од темносината убавина арогантно ја истакнува својата небесна височина, третата по ред во нашата земја, Баба Планина и врвот Пелистер. На само стотина метри погоре ќе се искачите на највисокиот врв во околината, Вртешка, 2010 м н. в. Оттаму имате долг список на места кои треба да ги препознаете како Ресен, акумулацијата „Стрежево“, Пелагонија, големиот број села, островот Голем Град во Македонија, островот Мал Град во Албанија и „Св. Ахил“ на територијата на Грција итн.

За враќање назад имате неколку опции. Најсигурниот е враќање по истиот пат до селото Маловиште од каде што не треба да заминете пред да ги посетите и трите цркви: „Св. Петка“, „Св. Ѓорѓи“ и „Св. Атанасиј“. Меѓу нив најпозната и најголема е црквата „Св. Петка“ која е изградена на стари темели во 1856 г. и има голем и богат иконостас во резба.

Втората варијанта би била враќање преку манастирот „Св. Ана“, кој се наоѓа на висина од 1400 м н. в, и повторно во селото. Манастирот „Св. Ана“ има богата архитектонска и историска вредност, света, исцелителна вода и конаци во кои можете да се сместите.

Третата варијанта за најиздржливите е слегување на другата страна на планината до селото Сливница и разладување во Преспанското Езеро. Останува да изберете која варијанта одговара на вашиот дух и способности или да искомбинирате некоја по ваш вкус.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано