Убава Македонија

СТАРО НАГОРИЧАНЕ

пишува: Јане Војчески

Во североисточниот дел на Македонија, недалеку од Куманово и на само километар од магистралниот пат кој води од Куманово кон Крива Паланка и кон Бугарија се наоѓа селото Старо Нагоричане. Село кое е добро познато на сите љубители на природата и средновековната уметност. Уште пред да пристапите кон селото, на самиот магистрален пат, вниманието ќе ви го привлече огромната карпа која кај народот е позната како Костоперска Карпа. Овој импозантен споменик на природата е од вулканско потекло. Истиот бил населен уште од бакарното време, што значи дека животот на оваа карпа се одвива во континуитет повеќе од седум милениуми. Голем број од керамичките садови, орудија и други артефакти од повеќе историски епохи кои се наоѓаат во домашните музеи се токму од овој локалитет. Во поново време, оваа карпа можеме да ја видиме и во повеќе реклами за промоција на Македонија, а една од највозбудливите сцени од филмот Сенки на Милчо Манчевски се одвива токму тука.

Во селото Старо Нагоричане, централното место го зазема Црквата Св. Ѓорѓи. Оваа црква е можеби и најголемиот средновековен споменик на културата. Во неа ќе го видите врвот на средновековното црковно сликарство. На ова свето место црква постоела уште во деветтиот век. Сепак, црквата каква што ја гледаме денес е изградена во 1313 година од страна на српскиот цар Стефан II. Тоа може лесно да се утврди од камениот натпис кој се наоѓа над задниот влез на црквата. Архитектурата на црквата е трокорабна и петтокуполна базилика. Колку и да воодушевува нејзината надворешност, вистинското задоволство ќе го доживеете токму внатре. Феноменалниот и уникатен фрескопис на црквата на сите посетители им го одзема здивот. Без разлика колку верувате во Бога, нема да останете рамнодушни на сите еопхални настани од библијата што се насликани на ѕидовите стари осум века. Ова ремек дело на византиските средновековни сликари Михајло и Евтихиј се наоѓа во сите учебници по историја на уметноста. Фреските кои особено се интересни за науката и теологијата се ,,Причестувањето на апостолите“, ,,Успението Богородично“ и ,,Страдањата Христови“. Со векови црквата воопшто не служела за вршење на верски обреди и во неа не се служеле литургии. Денес и покрај тоа што е споменик од највисок ранг и е заштитена со закон, кај посетителите останува впечатокот дека црквата и нејзината околина се недоволно заштитени и уредени. Уште повеќе вознемирува фактот што еден ваков монументален верски и историски објект е недоволно промовиран и е голема непознаница за повеќето жители на оваа земја. Во секој случај, времето поминато во црквата ја полни душата и овозможува духовен мир кој на сите ни е потребен.

Во непосредна близина на црквата Св. Ѓорѓи се наоѓа уште едно место кое заслужува посета. Станува збор за мала пештера во која се смета дека живеел светиот Прохор Пчињски. Овој пустиножител најголемиот дел од својот земен живот го поминал токму тука. За оваа пештера се врзани многу легенди кои можете да ги дознаете само ако го посетите ова место.

Посетата на овој дел од кумановско не може да се замисли без гурмански ручек во некој од локалните ресторани. Покрај толкав голем избор на специјалитети сигурно нема да останете гладни. Што значи, Старо Нагоричане е храна како за душата, така и за телото. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано