Убава Македонија

КОЖУВ

пишува: Александар Матески

Кожув е планина која се протега на јужната граница на Република Македонија и претставува природна граница меѓу континенталната и медитеранската клима. Нејзиниот највисок врв на територијата на нашата земја е врвот Зелен Брег, висок 2 176 метри, додека највисокиот врв на планината се наоѓа на грчка територија. Неговото име е Ѕена (Tzena) и е висок 2 182 метри. Таа е поретка дестинација на планинарите, најверојатно поради оддалеченоста, а со тоа и потребата да се организира превоз кој би траел неколку часа, во зависност од тоа каде би тргнале, што би можело да биде напорно пред качување на врвот.


Попатно ќе поминете низ локалитетот Смрдлива Вода, кој се наоѓа на надморска височина од 850 метри. Името го добил по минералната вода која извира тука и поради тоа целата област има специфичен мирис, но затоа пак многу е лековита и луѓето ја користат за лечење на стомачни заболувања и за заболувања на бубрезите и на желудникот. На овој начин можете да ја искористите посетата на планината Кожув за да си наполните и лек од природата. Другиот куриозитет по кој е познат овој локалитет е дрвото „Гол човек“ (Arbutus andrachne). Тоа е ендемичен вид зимзелено дрво чија кора е црвеникава и лушпеста. Се менува двапати годишно и е необично нежна како човечка кожа поради што и го добило името.
По посетата на овој локалитет продолжувате нагоре по асфалтиран пат кој води кон скијачките центри чија изградба заврши пред неколку години. И покрај тоа што патот е прилично нов, за жал, тој е во лоша состојба и треба внимателно да се вози. Неизбежно ќе ја забележите ерозијата на земјиштето, кое не можело да ги издржи сите градежни зафати при изградбата на скијачкиот центар. Тоа е тажна слика која предупредува колку внимателно треба да пристапуваме кон природата доколку сакаме да ги зачуваме нејзините исконски богатства, но и колку е сурова природата кога се постапува нестручно.

Со возило можете да се искачите до крајот на асфалтираниот пат и оттука да продолжите по лесна патека кон врвот Зелен Брег. Двочасовното лесно искачување на овој врв ќе го остварат без некоја тешкотија и вистински почетници. Вистински можете да уживате низ падините на планината Кожув и во прекрасните глетки кон другите врвови. Доколку и времето ве послужи со некое разиграно облаче ќе имате можност да направите неповторливи фотографии на природните убавини. На само 200 до 300 метри од врвот Зелен Брег веќе влегувате на територијата на Грција и ја наоѓате ознаката на највисокиот врв Голема Ѕена. Оттаму ви се отвораат нови предели од грчката територија каде што се издига планината Пајак. На оваа планина за време на Граѓанската војна во Грција по Втората светска војна бил стациониран одред на Народноослободителниот фронт составен од Македонци од Егејска Македонија. Долу, на грчка страна, е и селото Фуштани. Токму од реонот на село Фуштани и Зборско (Мегленско) во втората половина на декември 1943 година и во јануари 1944 година ќе започне познатиот Февруарски поход. Во крајот сè уште може да се слушне влашкиот јазик, дијалект говорен од страна на Мегленовласите кои во тој дел се околу 5 000. Во Република Македонија, мегленовлашко село е Хума. На последниот попис се попишани само 2 постојани жители. Денес претставува убава викенд-населба. Навистина чудесно е чувството кога ќе помислите што се случувало низ историјата на околните пространства кои со око можете да ги дофатите.


Дека на тие простори се одиграле значајни настани во историјата на македонскиот народ сведочи и спомен-плочата во село Конско, во чија близина се наоѓа и планинарски дом каде што можете да се одморите пред да ја завршите прекрасната еднодневна прошетка. Секако, за оние кои се поавантуристички настроени, другата варијанта би била прошетка со кампување на Кожув со можност да искачите повеќе врвови како Дудица, Порта, Мала Рупа и други. Доколку тоа го сторите во лето, во средината на август, ќе уживате и во изобилство од боровинки кои ги нуди планината.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано