35 години подоцна, каде се другите, каде сме ние: Човечки развој, Вложувања во истражување и развој

Македонија оствари апсолутен напредок во човековиот развој, мерено преку Индексот на човеков развој на ООН. Вредноста на Индексот се зголеми од околу 0,65 на почетокот на независноста на нешто над 0,81 во 2023 година. Но, споредбата со останатите земји од поранешна Југославија дава неповолна слика. Македонија остана во долниот дел од групата, далеку зад Словенија и Хрватска, зад Црна Гора и Србија, а со само мала предност пред БиХ. Оттука, како и кај БДП по жител, главниот проблем не е отсуството на напредок, туку неуспехот во тоа да се приближиме кон другите или да ги претекнеме.

Кога би требало од сите прикажани графикони да изберам само еден и тој да го прикажам, тоа би бил Графиконот 15. Тој јасно ја прикажува една од најголемите структурни слабости на македонската економија во изминатите 35 години и покажува зошто не фаќаме приклучок со другите. Вложувањата во истражување и развој се движеле во распон од 0,2 до 0,5% од БДП. Во 2023 година Словенија вложува речиси шест пати, Хрватска речиси четири пати и Србија 2,5 пати повеќе од Македонија. Ова покажува дека Македонија не покажува доволен интерес или не изградила доволен капацитет за создавање и апсорпција на знаење и технологија. Без радикална промена на тоа поле, тешко е да се очекува трајно забрзување на продуктивноста и конвергенцијата. Едноставно кажано, без тоа нема иднина.


Ова е извадок од анализата која што може да ја прочитате на следниот ЛИНК

Повеќе од истиот автор

Најчитано