Новото најавено зголемување на дневните температури, кое според метеоролозите во одредени региони ќе достигне 40 степени, ги зголемува ризиците од појава на труење со храна. Високите температури претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување доволни количини безбедна храна и вода за пиење.
Како што велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА, за да се спречи труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при набавката, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување, како и да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и за складирањето.
Се препорачува да се купува храна од проверени местам во кои производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.
– Да се избегнува купување храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како месото, млекото и јајцата, да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се избегнува купување разладена или замрзната лесно расиплива храна, која се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени, а храната што треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодачи и од домашните миленичиња и другите животни, кои може да дојдат во контакт со неа – се само некои од препораките на АХВ.
Ако се јаде во угостителските објекти, АХВ укажува тоа да бидат оператори со храна што водат сметка за хигиената и за безбедноста на храната и кои имаат добра репутација.
– Во објектите за брза храна избегнувајте ги додатоците што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи… Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја – истакнуваат од АХВ








